Фото: ЕПА
  • Поранешниот претседател на Франција беше прогласен за виновен за „криминален заговор“, но и ослободен од обвиненијата за корупција и нелегално финансирање на кампањата

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

Парискиот кривичен суд денеска го ослободи поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, од обвиненијата за корупција и нелегално финансирање на неговата победничка претседателска кампања во 2007 година од страна на тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи, но го прогласи за виновен за криминален заговор затоа што „им дозволил на негови блиски соработници“ да се обратат на либиските власти во овој контекст. Поранешниот претседател беше осуден на пет години затвор со одложено издржување на казната. Но тоа не значи дека ќе избегне одење в затвор.

Судската постапка не успеа да „докаже основа за да се докаже дека парите испратени од Либија на крајот биле искористени за тајно финансирање на победничката претседателска кампања на Никола Саркози во 2007 година“, прочита претседателката на парискиот суд. „За судот, материјалните елементи на делото корупција не се утврдени“, додаде претседавачката судијка, Натали Гаварино, објаснувајќи ги ослободителните пресуди за ова дело, особено она на поранешниот претседател.

Гаварино сметаше дека како министер (за внатрешни работи – н.з.), претседател на УМП (Унија за народно движење) Никола Саркози „им дозволил на своите блиски соработници и политички поддржувачи – над кои имал авторитет и дејствувал во негово име, да бараат или да се обидат да добијат финансиска поддршка во Либија, со цел за финансирање на кампањата во 2007 година“.

Геан и Ортефо прогласени за виновни, Вертх ослободен

Сепак, судиите не се согласија со Националното финансиско обвинителство (ПНФ), кое го претстави Никола Саркози како корисник на корупција преку финансирање на неговата изборна кампања со либиски средства. Тие го ослободија поранешниот претседател од обвиненијата за примање украдена стока и проневера на либиски јавни средства, пасивно поткупување и нелегално финансирање на кампањата. Обвиненијата и казната ќе бидат објавени подоцна, а читањето на пресудата од 400 страници се очекува да трае неколку часа.

Клод Геан, поранешен менаџер на кампањата на Никола Саркози, беше прогласен за виновен за криминална завера, пасивно поткупување, пасивно влијание, фалсификување и употреба на фалсификувани документи и тешко перење пари во случај на сомневање за либиско финансирање. Поранешниот министер Брис Ортефо беше прогласен за виновен за криминална завера. Тој беше обвинет и за соучество во нелегално финансирање на кампања.

Претседателката на судот, Натали Гаварино, исто така објави дека ослободени се други тројца обвинети се ослободени – Ахмед Салем Бугшан, Едуар Улмо и поранешниот министер Ерик Вертх.