Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА

  • Имаме одлични услови за работа, фантастична организација и атмосфера во клубот и верувам дека ги имаме сите предуслови за добра и успешна сезона, вели Ѓоргиев

Капитенот на машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, Никола Ѓоргиев, е претставен како големо засилување на романскиот прволигаш Рапид Букурешт, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) на својата интернет-страница. Најдобриот македонски одбојкар по една сезона во турскиот клуб Турсад се реши за промена на средината и сезонава ќе го носи дресот на романскиот клуб, пишува ОФМ. Ѓоргиев од почетокот на септември е на подготовки со новиот клуб, каде што одлично се адаптира.
– Одлично се адаптирам во клубот и во новата средина. Ѝ се приклучив на екипата во почетокот на подготовките на планина и по две седмици таму, сега сме во Букурешт, каде што продолжуваме со работа. Мал пех ни прави отсуството на некои од играчите што имаат репрезентативни обврски со настап на Светското првенство, но до крајот на неделава се надевам дека ќе се комплетираме затоа што следува најважната фаза – воигрувањето. До периодот на почетокот на романското првенство на 18 октомври ни претстојат три силни турнири во Брашов, Галаци и во Залау. Имаме одлични услови за работа, фантастична организација и атмосфера во клубот и верувам дека ги имаме сите предуслови за добра и успешна сезона – вели Ѓоргиев, пренесе ОФМ.

Коректорот во македонската репрезентација Ѓоргиев потекнува од редовите на македонскиот првак Струмица, а интернационалната кариера ја гради во клубови во Србија, Италија, Турција, Франција, Јапонија, Германија и Словенија, а сезонава и во романскиот шампионат. Г.И.