ЏУДО – ЕВРОПСКИ КУП ЗА СЕНИОРИ
- Горди сме што ја добивме довербата на Европската џудо-федерација да бидеме домаќини на овој спектакуларен настан и што Македонија повторно им покажа гостопримство на 265 џудисти од 31 земја. Атмосферата во Скопје беше одлична и на високо ниво, оставајќи одлични впечатоци за сите натпреварувачи, изјави Владимир Трпаноски, претседател на Џудо-федерацијата на Македонија
По дводневни динамични и возбудливи натпревари во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје викендов, во одлична организација, успешно беше одржан Европскиот куп за сениори во џудо. Најдобрите сениори од целиот свет се бореа за посакуваните медали. Македонија настапи со 14 натпреварувачи.
– Горди сме што ја добивме довербата на Европската џудо-федерација (ЕЏУ) да бидеме домаќини на овој спектакуларен настан и што Македонија повторно им покажа гостопримство на 265 џудисти од 31 земја. Атмосферата во Скопје беше одлична и на високо ниво, оставајќи одлични впечатоци за сите натпреварувачи. Најдобрите меѓу учесниците си одат дома со медали од Скопје – не го криеше своето задоволство претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски.
Со овој спортски настан Македонија го заокружи четвртото меѓународно натпреварување што го организира во 2025 година. Во јуни Скопје беше домаќин на Европското првенство (ЕП) за кадети, еден месец подоцна следуваше Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), во август се одржа Европскиот куп за јуниори, што секако претставува голем успех, кој заслужува респект за сето она што е вложено во нивните организации, а македонските љубители на овој динамичен спорт можеа само да уживаат во квалитетните и неизвесни борби на татамите во Скопје.
Македонските џудисти, предводени од селекторот Горан Мицкоски, прикaжаа голема борбеност, мотивираност и желба за успех во оваа мошне силна кoнкуренција, во која стекнатото искуство секако е најголемата придобивка. Најдобар пласман од македонските претставници оствари Александра Најдоска, која во тежинската категорија над 74 кг имаше борба за бронзен медал. Нејзиниот настап е голем успех и силен мотив за идните македонски натпреварувачи на следните натпреварувања што ги очекуваат. Во вториот натпреварувачки ден, Никола Павловски (над 100 кг) забележа по две победи и пораза, покажувајќи дека може да се носи со европската елита, со што во вкупниот пласман го освои деветтото место иако преку репасажот имаше шанса за повисок пласман.
Најуспешна на Европскиот куп за сениори во Скопје е репрезентацијата на Србија, со освоени четири златни медали, следуваат Германија и Италија со по два, а со по едно злато се закитија Словенија, Полска, Израел, Романија, Белгија и Данска. Вкупно 19 земји освоија најмалку еден медал. Македонија, Шпанија, Велика Британија и Австрија во оваа конкуренција имаат по едно петто место. Г.И.