Илустрација: „Нова Македонија“

Не Македонија, туку ЕУ е со изгубен идентитет на новата геополитичка мапа

За Европа е неопходно повторно да изгради свој автентичен политички, економски и социјален модел за 21 век! Уште во 2016 година во еден документ на Фондацијата „Роберт Шуман“ се предвидуваше оваа криза, ќе нагласиме идентитетска, при што се посочи дека ЕУ во иднина не може да им ги гарантира на своите граѓани ниту социјалните права ниту безбедноста. Она што е најпрецизно детектирано е што е утврдено како дијагноза дека либералниот модел не може да ја однесе Европа во стратосферата на моќните земји или сојузи. Тоа е пропаднат модел.
Како Европа повторно да изгради свој автентичен политички, економски и социјален модел за 21 век? Е како, кога толку многу се оддалечи од куќата што ја изградија основачите на Унијата и сега е толку разединета што тешко дека ќе може да пронајде заедничка точка на спојување

Европа, синонимот за убавата девојка според грчката митологија, некои ја нарекуваат и Старата Дама. Во тоа именување е важно да го препознаеме архетипот на жената. Иако Западот претпочита таа да се поврзува со името од некоја убавица од грчката митологија, за која боговите сурово казнувале, нејзиното име влече корен и од стар семитски збор со географско потекло и се однесува за преминот од Исток кон Запад, „европас“, локација некаде околу Едрене. Тоа е мисија на еден народ да го пренесе сонцето, светлината од Истокот кон мрачниот Запад. Дали Македонците вмешале прсти во таа мисија, нам треба да ни е многу добро познато, а одговорот, и тоа најкус, е – да. Во тој поглед Европа заборавила на Македонците и нивната мисија. Можеме да им кажеме со сарказам – ви благодариме за тоа.

Уште малку за архетипот на жената, кој ќе го поврзам со Македонија. Еднаш замолив една бабичка во Пештани да ја фотографирам, а таа отсечно ми рече: „Не може“! Потем набрзина од под футата извади огледалце и црвило и ги намачка усните. Се насмевна и ми рече: „Сега сликај ме“. Таа беше во убава народна носија, вистинска вкоравена Македонка од Охридско, типична жена, која и во поодминати години сака да биде убава.

Кога Урсула фон дер Лајен застана по вторпат на чело на Европската комисија, т.е. влада, таа наместо црвило стави маскирна униформа и војнички чизми и најави воени походи. Дека тоа не бил само изолиран настан се потврди во нејзиното неодамнешно годишно обраќање во Европскиот парламент, каде што таа најави борби и војни на повеќе фронта. За Европската Унија повеќе нема дилеми дека ако сака да остане некој и нешто во светот, ќе мора да војува. И со самата себе и со другите. Така порачува Фон дер Лајен, додека во повеќе европски центри им се крева косата на главата од таквите сценарија. Зошто?

Фото: ЕПА

Под нозе ставена Пакс Европа

Првин затоа што самата Европа под нозе ја става Пакс Европа, за што има добиено и Нобелова награда. Европа е создадена како мировен проект со кој е означен крај на процесот на себеуништување со најстрадалните војни во историјата на нашата цивилизација. Дали во ЕУ заборавија на тоа? Како сега 27-те членки ќе ја пронајдат точката на компромис и ќе биде ли можно тоа? Најизгледниот начин е тоа да се оствари и со мека и со тврда сила на непослушните членки и тие постојано да бидат јавно прозивани како црни овци во стадото, за лоши примери, какви што сега се една Унгарија или Полска, но им се приближува и Словачка. Во еден друг сегмент, а тоа е можеби и најважниот, во тоа купче се и Италија, Португалија и Шпанија, додека Грција може да се смета за шампионски пример како една земја да остане во вечно должничко ропство. Тие немаат пари во државните каси за масовно вооружување.
Во вакви околности, најизгледно е ЕУ да остане единствен блок само на хартија, а во реалноста тој да функционира во повеќе брзини. Тоа веќе се случува, затоа што за идниот буџет на Унијата, тежок над 2 трилиони евра, Северот веќе се екипира и се мобилизира јасно испраќајќи порака до Југот дека немаат намера да финансираат нивни проекти (кохезивни фондови) колку и да се добри. Франција и Германија ги собраа околу себе и нордиските земји за да се договорат на што ќе личи идниот буџет. Некои сметаат дека всушност на најсилните економии, француската и германската, сите други им се во функција на пудлици што примерно шетаат на ремен, а можат само да џавкаат.

Но, ете ти голем проблем. Ако во сите анализи се сметаше дека ударот врз Брисел ќе дојде од периферијата, за што се градени такви стратегии особено на финансиски план, сега е сѐ поочигледно дека ударот врз центарот на ЕУ доаѓа токму од центарот. Првиот дојде од Лондон, со брегзитот, а сега најновиот е со папсувањето на економските мотори во Париз и во Берлин, со сите внатрешни проблеми во тие земји, кои брзо може да се извезат во Европа, и тоа без царини.

Франција тоне од криза во криза

По падот на Владата на Бајру, нема ништо ново на француското политичко небо, освен што е потврдена, можеби и забетонирана, кризата во Франција. Не е од вчера, но околностите сега и во Европа и во САД, а и во светот се многу поинакви. Сепак Франција е во Европа, а Европа е во длабока криза. Особено идентитетска, и прашање е до кога ќе трае европското тонење во живиот песок, кое го забавуваат само традиционалните фундаменти што се држат на ројализмот (регализмот). Покрај Германија, во криза се и Белгија и Холандија, а Германија е и во сериозна рецесија. Што, секако, се многу проблеми за еден континент каде што главните фигури на некогаш победничката табла паѓаат една по една. Кога на ова ќе се додаде дека се планира енормно зголемување на трошоците за одбраната, нели Европа мора да војува, сликата добива очајни бои. Од каде пари? Се знае, народот ќе плати. Повторно прашање: Зарем Европа ќе го уништи и својот социјален модел, можеби единствен во светот?! На добар пат е да го стори и тоа, што е најавено и во говорот на Фон дер Лајен.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, по апсолутистичките потези за време на протестот на Жолтите елеци и пензиските реформи, но и наметната рамка за преговори конципирана за означување цивилизациски крај на Македонија и Македонците, сега можеби е среќен што еден ден ќе го наметне шинелот на Наполеон, кој му го подава Урсула. Тој и тоа ли ќе ја спаси Европа? Како одговор на ова прашање да се потсетиме на една фраза на Збигњев Бжежински: „Преку европската интеграција, Франција се стреми кон реинкарнација, а Германија кон спасение од гревовите“. Оваа фраза не е лошо да се анализира во деривирана форма на новонастанатите околности во Европа. Во што се реинкарнира Франција – егалите, фратерните, либерте или нешто четврто? И ги искупи ли Германија своите гревови за да може да стане владар на европската иднина?

Мелтинг пот или темпирана етничка бомба

Не е само политичката криза со која е соочена Европа, кризите се длабоки и на економско, социјално поле, и конечно Европа е во идентитетски мелтинг пот. Тој „мелтинг пот“ не е според американски или канадски или австралиски модел, каде што има сосема поинакви емиграциски политики, туку во Европа е веќе процес што личи на темпирана етничка бомба, а не само имигрантски проблем. Населението е толку измешано што тоа станува очигледно во секоја социјална сфера во европските држави кои добија нови културолошки вредности, а некои и се пренесуваат во судскиот систем. Ако додадеме дека иако знаеше, Европа, сепак, не сакаше да верува дека Америка ќе ја прекине папочнната врска кажувајќи им директно дека доста им беше од такви вазали, ЕУ е соочена со многу поголем проблем отколку што се предвидувало во најмрачните анализи. Затоа што нам на Балканот совршено ни е познато тоа, кога си бил во состојба на вазал (ЕУ на Америка, ние на Отоманците) потоа е тешко самиот да носиш одлуки, особено прекуноќ да станеш независен, суверен, самиот да се браниш.

Она што пред триесетина години изгледаше како незамисливо, сега е реалност. Мулти-култи пропадна, а што доби Европа? Политичкиот спектар е толку обоен што речиси нема европска држава што може да се надева на некаков политички традиционализам. Та дури и многу новосоздадени партии се директна реакција на тој етнички спектрум. Најголемите економии, пак, се под огромно влијание на своето гласачко тело, кое е увезено според програмите, да ги наречеме бумеранг-ефект на процесот на деколонизација, и сега според таа реалност се влечат политичките конци во Брисел, Хаг, Берлин, Париз. Веќе не е само прашање кој ќе состави влада во Франција, туку како да преживее гордата Француска Република, Петтата Република. На што таа ќе преживее или ќе се одбрани? А токму Француската Република е еден од темелите на современа Европа.

Дека ЕУ е во длабока криза потврдува и апелот на Марио Драги, човекот што ја создаде програмата за преживување на Европа во 21 век, програма што едвај само десет проценти да е преточена во праксата. Европските лидери сметаат дека се попаметни од тој што го избрале да биде најмудар и прагматичен. Заклучок – нема единство.

Уште во 2016 година во еден документ на Фондацијата „Роберт Шуман“ се предвидуваше оваа криза, ќе нагласиме идентитетска, при што се посочи дека ЕУ во иднина не може да им ги гарантира на своите граѓани ниту социјалните права ниту безбедноста. За тоа треба да се грижат националните држави. Она што е најпрецизно детектирано е што е утврдено како дијагноза дека либералниот модел не може да ја однесе Европа во стратосферата на моќните земји или сојузи. Тоа е пропаднат модел. Дури, гледајте каква иронија, токму кинескиот модел се посочува како успешен, а не е за срам ако се кажа дека и рускиот е многу понапреден. Да не потсетуваме дека Европа е оставена без научните сознанија на руската наука. Тоа го немаат повеќе на маса.

Како Европа повторно да изгради свој автентичен политички, економски и социјален модел за 21 век? Е како, кога толку многу се оддалечи од куќата што ја изградија основачите на Унијата и сега е толку разединета што тешко дека ќе може да пронајде заедничка точка на спојување, а веќе гледаме дека ни „рускиот бауч“ не е лепилото за врзување на скршената вазна. Се чини потребен е нов модел на организација. Дали е тоа можеби иден сојуз на суверени европски држави? Утопија. Нека биде и нова утопија.


Балканизација на Европа

Постојат многу причини да размислуваме дека е можно продлабочување на внатрешната криза во Европа, па дури и таа да биде зафатена со вирусот на „балканизација“. Постојат големи меѓусебни проблеми, нерешени прашања, замрзнати конфликти, сепаратистички тенденции, ултралевичарење, десен екстремизам, исламски фундаментализам. Пропаднатиот неолиберален модел, како и кризата што ја создаде политиката на отворени врати на бившата канцеларка Меркел, бара недвосмислени и тешки решенија. Дали е Европа подготвена за такво нешто? Според сегашните потези, кои ги влечат пред сѐ Макрон и канцеларот Фридрих Мерц, ЕУ го копа гробот на цела Европа. Милитаризмот не е картата што ќе ја спаси идејата за нова Европа, континент на мир и благосостојба.

За Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ ова треба да биде сериозна опомена за да се мобилизира и да има подготвени одговори за сите нови предизвици што ќе произлезат со сегашните воени планови на Брисел. Еднаш рековме дека ќе треба да почекаме за да ги видиме вистинските намери на германскиот план на Мерц, кој на цел ризик реши да го смени старото правило и да троши повеќе отколку што му е чергата. Берлин има план. Дали во него ќе се вклопат Франција и поголемите земји е неизвесно, но треба да се следат и другите сили во тие земји, кои размислуваат поинаку. Тоа ја прави атмосферата во Европа многу пожешка, но и сосема неизвесна. Х.И.