Ако по утрото денот се познава, тогаш најавата, во две насоки (квалитетна и неизвесна супер лига и силни македонски екипи во Европа), за оваа сезона била на место и оправдана. Средата донесе многу неизвесност и поделба на бодовите во Автокоманда и голема радост по премиерната победа на Пелистер оваа сезона, над директен конкурент за пласман во 1/8 финалето на ЛШ.
Да почнеме со нерешениот резултат од Автокоманда.
ОХРИД ПОТВРДИ КАНДИДАТУРА, АЛКАЛОИД СЕУШТЕ ТАГУВА ПО ЕВРОПА
Охрид, очекувано одигра солидна одбрана, многу ротираше и испушти победа среде Скопје, против еден од конкурентите за титула. Зоната на Охриѓани, со Иванковиќ и „Шпанецот“ беше цврста и релативно плитка, по мерка за дуел играта која ја наметнува противникот. Гостите, свесни за тоа каде противникот е најсилен, не дозволија да има брканица и ја однесоа „водата на своја воденица“. Алкалоид одамна не бил „спуштен“ под 30 погодоци, и на толку мал број „лесни“ погодоци, за што заслуга, покрај зоната има и голманот на Охрид, Блажевски, кој иако статистички не го заврши мечот импресивно, сепак имаше одбрани во многу важни моменти. Иванковиќ го потврди статусот на најкорисен играч на тимот, без кој Ројевиќ тешко ќе се надмудрува против било кој тим од големата четворка. Тоа се виде и во Автокоманда, во период, кога поради замор од игра во два правци, Анте Иванковиќ беше на клупа, тимот „фати удолница“ и му се закануваше пораз. За нотирање е и солидната партија на Савревски, во првиот дел, во два правци, но и моментот дека во вториот дел не доби шанса, на сметка на реконвалесцентот Веин, кој, веројатно, поради искуството, ја доби довербата на „шефот“ до крајот на натпреварот. Оставаме простор Веин да се подготви физички и да покаже зошто е донесен како странско засилување. Дотогаш, Давид, како интерес на македонскиот ракомет ќе биде мој фаворит.
Од друга страна, Алкалоид (или одредени структури внатре) сеуште се во депресија, после раната елиминација од Европа. Не дека не беше очекувана, после таква ждрепка, но едноставно, селекторот, водејќи се од својот карактер, негуваше надеж дека тимот може до спортско чудо против Бундеслигашот. Се чини, таа лоша енергија сеуште е меѓу екипата, и истата не делува полетно. Или можеби противникот не дозволи Алкалоид да се растрча. Ќе видиме веќе на следните дуели. Како и да е, Лазаров, без изненадување и посебна тактичка подготовка за Охрид, со 6-0 зона и агресивно спрема лев бек (кој и да игра таму), се обиде и донекаде успеа да го ограничи Стрмљан, како главен креатор на играта на Охрид. Зоната на домаќинот, во добра мера не успеваше да го одржи фокусот на високо ниво, и тешко се справи со нападот на Охрид, кој беше дисциплиниран, со развлекување и доста вкрстувања. Покрај Иванковиќ и Савревски, кои користеа се што креираше Стрмљан, Јотиќ, како играч на инспирација, прикажа одлична индивидуална партија и го држеше тимот во игра. Кај Алкалоид, двајцата странци беа први стрелци на тимот, во ситуација кога Боразш троши (пре)многу топки, а „рибарчето“ игра тотален ракомет и само во тој сегмент (на дадени голови и нереализирани шутеви) може да го оценуваме.
Да резимираме. Ројевиќ многу ротираше, но и предолго ги остави Иванковиќ, па и Стрмљан на клупа, што можеше да го чини пораз. Охрид освои бод, кој ќе подигне самодоверба на тимот, но и уште повеќе ќе ја подобри атмосферата, нешто што недостасуваше во минатото, кога Охриѓани важеа за губитничка екипа, која многупати одигра одлично со екипи од големата тројка, но на крај евидентираше порази. Сега веќе не е така и тоа може да ги радува. Лазаров има сериозна задача, да ја подигне екипата, да и даде фокус на домашното првенство, чекајќи го „брус ли“ да внесе малку карактер во тимот, а големиот „батак“ да реализира седмерци, како хроничен проблем на тимот.
Првенството само што стартуваше!
ПЕЛИСТЕР НАЛИК ЧЕРВАРОВ МЕТАЛУРГ, ВО БИТОЛА МИРИСА НА ЧЕТВРТФИНАЛЕ
Вечерниот термин беше резервиран за нашиот претставник во ЛШ, битолски Пелистер. „Големиот“ Загреб беше „на менито“. Тим кој не сме го добиле во Битола, во поново време. Преполн „Боро Чурлевски“ како потврда на исправноста на одлуката на ЕХФ во однос на доделување вајлд карта на Битолчани. Многупати сум рекол, тие се уникатни, а нивната љубов кон брендот Пелистер е до граница на болка. Факт кој треба менаџментот на клубот да го искористи, но не и злоупотреби.
Што се видовме во Битола?
Можеби на некој ќе му звучи многу субјективно, или носталгично, но овој Пелистер, со играта во средата, неодоливо потсетува на Металург, во времето на Червар. И според структура на играчи, и според начинот на кој игра(ше). Фитиљ алијас Наумче, со главна роља и идентичен број на дресот, Пешевски како Димовски, пивот кој е тука не само да реализира, туку и да „зема внимание“ на зоната, да создаде простор, Тајник како Жути или Циндра, можеби малку повнимателен, во однос на „паѓање“ на глава, да разигра пивот и да помине низ „големи уши”, Иранецот како Диви, кога треба да се „залепи“ рампа на пивотот или крилото, како шок за противникот, Хенингман како Јоно, а Павле како Велко – бедем пред голот и конечно Деки и Никуч како Деки и Никуч, само 12-13 сезони подоцна.
И не само ростерот, туку и играта на Пелистер, неодоливо потсетува на таа на Металург, што можеби е некој предвесник за успешна евро сезона и можеби ¼ финале во ЛШ. Дај Боже!. Тајник, Фитиљ, Пеше, со поддршка на Хосни, во филмскиот трилер, „топката не ја даваме“, досадни, трпеливи, чекаат „линијата“ да обезбеди простор, Тајник или Павле да направи „играч повеќе“, и од време на време Фитиљ да „експлодира“ од дистанца. Рецепт кој, во ситуација кога немаш ниту играчи, ниту подготовка да „трчаш“ со некого, се покажал како успешен. Модерно или заостанато, тимот победува и бодови освојува. За Фитиљ нема што да се каже, освен дека, воден од сериозна физика, зема голема одговорност и е вистински лидер, на и надвор од терен. Созреа до балчак.
Тајник, не дека некој се сомневаше во неговата ракометна поткованост, има пристап како никогаш до сега. Деки, очигледно позитивно му влијае промената на статусот од „сингл“, во „во врска“, затоа што квалитетот и карактерот не бил никогаш спорен.
И не само нападот, туку и одбраната игра, очекувано, доста цврсто, но и хомогено, со Хенингман како маж и пол, може и два, кој одработува доста „валкана“ работа во зоната, за што е и доминантно ангажиран.
Накратко екипа за која најавивме дека, конечно, создаде база од домицилни и асимилирани Битолчани, и кај која многу добро се знае, барем засега, „кој го вози тракторот, а кој ја отвора капија“. Рубен, кој дојде со голем играчки багаж, но скромно тренерско искуство, делуваше многу смирено и самоуверено, дури и кога Пелистер „фулаше“ два зицери на еден разлика, на минута до крај. Добар знак за дополнителен квалитет на еден тренер, кој треба да го држи тимот мирен и самоуверен. Иако е рано, неговата „рака“ врз самата игра, во однос на детали кои ја прават разликата е евидентна. Игра во која пивотот, кој е тотален напаѓач и работи супер напорно е клучен во обезбедување простор, игра два на два после изолација итн. Тимот делува како да знае каде оди, без големи падови. Уште да се најде лек од „зависноста“ на тимот од Фитиљ и ќе гледаме нокаут фаза во Битола. Рубен сонува големи нешта, а во Битола мириса на четврт-финале.
И повторно, првенството или лигата на шампионите само што стартуваше!
Се гледаме во сала!
Автор: Горан Ѓоргоноски
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете