Пред европратениците во Стразбур, претседателката на Европската комисија предложи мерки насочени кон Израел за војната во Газа, како и за „одбраната на ЕУ“, но, генерално, таа остана многу претпазлива по голем број прашања, поради недостиг од мнозинство
Урсула фон дер Лајен попусто се обидува да го убеди Европскиот парламент во исправноста на нејзините политики
Под критики по летото што ги откри слабостите на Европа, особено во лицето на Соединетите Американски Држави на претседателот Доналд Трамп, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, се обиде да упати повик за борба и единство во нејзиното обраќање за состојбата на Европската Унија во Европскиот парламент во Стразбур.
– Во свет во кој многу големи сили се отворено непријателски настроени, во кој владеат империјалистички амбиции и војни, Европа мора да се бори. Дали едноставно ќе се бориме меѓу себе? Дали ќе дозволиме да бидеме парализирани од нашите поделби – истакна Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен се обиде да ги надмине внатрешните ЕУ-поделби преку
предизвикот наречен – Газа
Постои прашање преку кое претседателката на ЕК се обиде да ги надмине внатрешните поделби во ЕУ: војната во Газа, која трае речиси две години како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и против која се множат протести низ Стариот Континент. По израелските напади во Катар насочени кон лидерите на палестинското исламистичко движење, Фон дер Лајен знаеше дека од неа се очекува да зборува за иднината на палестинската територија и тешко можеше да остане во заднина, како што правеше досега.
– Она што се случува во Газа е неприфатливо и нашите граѓани се прашуваат колку многу мора да се влоши ситуацијата пред да се даде обединет одговор – призна таа.
Фон дер Лајен има намера да предложи санкции до земјите членки против израелските „екстремистички министри“ и „насилни доселеници“, како и „делумно суспендирање на Договорот за асоцијација (ЕУ-Израел) за прашања поврзани со трговијата“, чиј член 2 предвидува почитување на човековите права.
– Ќе биде тешко да се обезбеди мнозинство – додаде таа, откако потсети дека нејзиниот предлог за замрзнување на финансирањето за истражување на Израел беше блокиран од дваесет и седумте членки на ЕУ, почнувајќи од Германија.
Миниран е патот кон независноста на ЕУ
Претседателката на Комисијата исто така вети дека ќе ја суспендира билатералната поддршка на извршната власт на ЕУ за Израел, што не бара одобрение од главните градови на ЕУ.
– Тоа ќе се направи без да се влијае на израелското граѓанско општество -прецизира таа.
Урсула фон дер Лајен инсистираше дека Европа мора да „ја потврди својата независност“ во овие времиња на геополитичка бура. Сепак, таа не го исцрта патот што дваесет и седумте земји мора да го следат за да го постигнат тоа, бидејќи знае дека не е остварлив. Зависна од ретките минерали од Кина, како што некогаш беше од рускиот гас, или од учеството на Соединетите Американски Држави во нејзината одбрана, толку витално во овие времиња, Европската Унија (ЕУ) се чини дека е заглавена помеѓу контрадикторни императиви и различни интереси на нејзините земји членки.
За многу прашања претседателката на Комисијата остана исклучително претпазлива. Па така, иако ја потврди својата поддршка за Киев, таа не даде распоред за процесот на пристапување на Украина во ЕУ. Освен Унгарија, која отворено се спротивставува на тоа, прашањето за проширувањето е непопуларно во повеќе земји, вклучувајќи ја и Полска.
Во однос на предизвиците поврзани со воениот комплекс на прашања на ЕУ, Фон дер Лајен не беше многу поконкретна, иако му оддаде почит на источниот дел на Унијата, кој ги штити нејзините граници.
– Европа ќе го брани секој квадратен сантиметар од својата територија – потврди Урсула фон дер Лајен, откако изрази солидарност со Полска, која во текот на ноќта во вторникот спроти средата собори беспилотни летала што го нарушија нејзиниот воздушен простор.
„Многу лош договор“ со Доналд Трамп
Строго критикувана за трговскиот договор што го постигна со Доналд Трамп, Урсула фон дер Лајен исто така се обиде да го брани, но не убеди никого, освен нејзиното политичко семејство, Европската народна партија (ЕНП), и некои европски суверенисти.
– Тоа е многу лош договор, кој предвидува дека европските стоки ќе бидат оданочени со 15 отсто преку Атлантикот, додека многу американски производи ќе бидат увезени на Стариот Континент без царина, а Европа изгледа слабо – повтори Валери Хајер, претседателка на либералната група „Обнова“.
Во секој случај, повеќе од половина од Европејците (52 отсто) велат дека „се чувствувале понижено“ кога дознале за договорот, според анкета објавена од „Ле гранд континент“ во вторникот.
– Го закопавте извештајот на Драги на терен за голф – разлутено рече Ираче Гарсија Перез, лидерка на социјалдемократите, осврнувајќи се на патувањето на Урсула фон дер Лајен во Шкотска на 27 јули, каде што ги заврши преговорите меѓу Брисел и Вашингтон.
Унијата се обврза Европејците да инвестираат 600 милијарди долари (513 милијарди евра) преку Атлантикот до 2028 година, додека поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, во својот извештај за европската конкурентност, поднесен во септември 2024 година, ги повика да трошат масовно за идни технологии дома.
Таа исто така рече дека е подготвена да купи течен природен гас и други американски енергетски производи во вредност од 750 милијарди долари во текот на три години.
Бас Ајкаут, копретседател на Зелените во Европскиот парламент, ги осуди „недоследностите“ на Европејците, кои на тој начин ги напуштаат напорите за намалување на употребата на фосилни горива и создаваат нова зависност од САД.
– Германската автомобилска индустрија е единствениот победник од овој договор. Царинските давачки ѝ се намалени од 27,5 на 15 отсто – нагласи Џордан Бардела, претседател на крајно десничарската група „Патриоти“, според која Урсула фон дер Лајен е на платен список на Берлин.
– Со договорот за слободна трговија Меркосур, ова е двојно предавство на Франција – продолжи тој, еден ден по назначувањето на Себастијан Лекорну за француски премиер.
Во тој контекст, европратениците, кои треба да гласаат за намалувањето на царините договорено во САД, можеби нема да го одобрат договорот меѓу Вашингтон и Брисел, каков што е, и ќе предизвикаат нова криза со Доналд Трамп.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Стразбур
Предлог за гласање недоверба против Урсула фон дер Лајен
Засега две групи се подготвуваат да поднесат предлог за недоверба против Урсула фон дер Лајен, што беше предвидено за вчера: левицата, на која ѝ припаѓа „Непокорна Франција“, и „Патриотите за Европа“. Не се очекува ниту една од групите да добие доволно гласови за да ја собори, но по првичното гласање за доверба во јули, претседателката на Комисијата знае дека би можела да изгуби значителен политички капитал.
Таа мора да биде загрижена пред сè за силата на нејзиното парламентарно мнозинство, платформата изградена околу ЕНП, СиД и либералите. Додека европските избори во јуни 2024 година го зајакнаа влијанието на десницата на Стариот Континент, ЕНП не се двоуми кога тоа ѝ служи на нејзината агенда – на пример, да го заостри законодавството за имиграција и да се бори против достигнувањата на зелениот договор.
Урсула фон дер Лајен се обиде да им даде гаранции на социјалистите и либералите, споменувајќи ги социјалните иницијативи, како што е домувањето, или потврдувајќи ја својата желба за борба против глобалното затоплување.
– Госпоѓо претседателке, дадовте сè од себе. Навистина. Но можете да видите кој е одговорен за тоа што платформата не функционира. Вашиот главен непријател е Манфред Вебер (претседателот на ЕНП – н.з.) – ѝ рече Ираче Гарсија Перез.
Неколку минути претходно баварскиот претставник ја обвини во европарламентот дека го „поделува“ таканареченото мнозинство на Фон дер Лајен. Т.Г.