Фото: „Нова Македонија“

Забрзаното вооружување и милитаризацијата на Косово, со скорешно формирање заедничка воена единица со вооружените сили на Република Албанија, опремувањето на Косовските безбедносни сили (КБС) со најсовремени оклопни возила и беспилотни летала, отворањето фабрика за муниција итн. отвораат едно ново поглавје во воено-безбедносните перспективи на Косово, но и создаваат една нова реалност на регионалните безбедносни и политички состојби во нашето опкружување

И Косово влезе во шемата на европската милитаризација

Најавите на косовскиот премиер Албин Курти дека е на чекор да форматира „буџет од повеќе од една милијарда евра во следните четири години за таканаречените Косовски безбедносни сили (КБС)“, го привлече вниманието во јавноста, а особено на воените аналитичари во регионот.

Кој го заразува Косово со вирусот на милитаризмот?

Проширувањето на воените капацитети на Косово е факт што веќе не може да се занемарува. Оваа тенденција на вооружување на нашиот сосед, воените експерти не го толкуваат само како издвоена иницијатива или амбиција на косовските функционери. Имено, нашите соговорници сега ја ставаат оваа појава на „ремилитаризирање на Косово“ во контекст на создавањето и зајакнувањето на воените сојузи во регионот, почнувајќи од скорешно формираниот пакт и соработката на Приштина, Тирана и Загреб, па сѐ до новиот пакт меѓу Хрватска и Словенија. Сето тоа во јавноста беше проследено со една јустификација дека е во насока на „зачувување на мирот и стабилноста во Косово (и Босна и Херцеговина)“. Ова дополнително укажува дека формирањето нови и зајакнати воени структури и геополитички блокови на Балканот е поттикнато од политиките во Европа и НАТО, кои препознаваат „непосредна опасност од агресија и загрозување“ од ним познат непријател. Во таа насока на идентификување на „најсериозната закана“ беше и изјавата на заменик-генералната секретарка на НАТО и поранешна министерка за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, за време на посетата на Бугарија. Имено, таа на предавање во Централниот воен клуб во Софија, организирано од Атлантскиот клуб на Бугарија и Здружението на атлантски резервни офицери кажа дека „Русија останува најсериозната закана за безбедноста на Европа и на Бугарија и дека постапките на Путин покажуваат дека тој не е заинтересиран за мир“, додавајќи дека предводени од Франција и Велика Британија, повеќе од 13 земји од Коалицијата на подготвените се обврзаа да распоредат воени трупи во Украина за да ја одвратат идната руска агресија, откако ќе престанат борбите во Украина…

Нов чекор кон формирање голема Албанија?!

Нашите соговорници потсетуваат дека, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, е предвидено КФОР да биде единствената вооружена сила во Косово, како и дека документот предвидувал демилитаризација на таканаречената ОВК и други вооружени групи на Албанци, а не нивно преструктурирање во други вооружени сили на Косово. Но, сепак, издвојуваат соговорниците, дека во 2009 година, официјална Приштина ги формираше таканаречените Косовски безбедносни сили (КБС) при трансформацијата на т.н. Косовскиот заштитен корпус, кој, пак, беше воена формација преструктурирана од Ослободителната војска на Косово (УЧК).
Деновиве, во јавноста се огласи и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој истакна дека има „директна закана за Србите на Косово“, но и за државата Србија при што тој дури нагласи дека милитаризацијата е „нов чекор кон формирање голема Албанија“:
– Овие вооружени формации и тропкањето на оружјето на Приштина се случуваат пред очите на целата меѓународна заедница, која не реагираше на ниту еден воен сојуз што Приштина го формираше со Хрватска и Албанија, кои се членки на НАТО, со цел дестабилизација на ситуацијата на терен и создавање ново буре барут од регионот на Западен Балкан – вели тој.
Во истиот контекст, аналитичарот Срѓан Граовац истакнува дека во сето ова има длабоки основи на сомневање дека инфицирањето на Приштина со „воениот вирус“ е поддржано од бриселските елити, и во НАТО и во ЕУ.
– Не мислам дека Хрватска и Албанија се клучните тука, тие се само извршители на волјата и плановите на тие големи сили, кои го поттикнуваат сето ова, насочувајќи ги Албанците… Тоа се одредени центри на моќ во Европа, пред сè Германија и Велика Британија, но, ми се чини, и Турција. Сведоци сме на зближувањето на Берлин, Лондон и Анкара, и на стремежот тие заедно да спроведуваат политика, не само на Балканот туку и на поширокиот Блиски Исток. Овие три центри на моќ, заедно со американската „длабока држава“, се вклучени во целиот проект за милитаризација на Приштина и нејзино вклучување во еден вид сојуз каде што ги сметаат Хрватска и Албанија за свои лојални партнери…

Реакција на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за влегувањето на Косово во воени пактови со земји од регионот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во изјава за јавноста рече дека е загрижен поради молчењето на претставниците на ЕУ и НАТО за декларацијата за воена соработка меѓу Хрватска и Словенија, бидејќи имаме негативни искуства од 1990-тите кога се собраа против Србите и Србија, и дека ќе се обиде да разговара за ова со генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.
Натаму, и српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ оцени дека договорот за воена соработка меѓу Хрватска и Словенија не води кон поголема доверба и поблиска соработка во регионот. Тој нагласи дека на овој регион му се потребни нови мостови на соработка, а не ѕидови.
– Не оспоруваме ничија соработка во областа на одбраната, но фактот дека процесот не беше ниту транспарентен ниту инклузивен е впечатлив. Се наоѓаме во регион што помина низ многу во последните 30 години. Создавањето дополнителни сојузи без консултации и разговори со соседните земји отвора многу прашања – рече Ѓуриќ и додаде дека многу други земји исто така не биле консултирани или поканети да учествуваат.


Како Приштина ја реализира својата амбиција да се вброи во сериозна регионална воена сила

Приштина во последните години силно ги динамизираше активностите за зајакнување на своите Косовски безбедносни сили (КБС) преку набавка на модерно оружје и воена опрема од странство, потпирајќи се пред сè на соработката со САД и Турција. Десетици оклопни возила и ракетни системи „џавелин“ се купени од САД, а еден хеликоптер „блек хок“ веќе е испорачан во Приштина како донација. Од САД, Приштина очекува уште неколку хеликоптери, но сѐ уште не е познато дали тие ќе бидат донација или ќе бидат купени од Приштина.
Понатаму, Турција испорача во Косово беспилотни летала „бајрактар ​​ТБ2“ и нова генерација оружје, вклучувајќи минофрлачи, противоклопни системи и борбени возила.
За издвојување е дека помали испораки на оружје стигнале во Косово и од други европски земји, вклучувајќи ги Германија, Велика Британија, Италија и Хрватска. Наедно, вредно за напомена е дека во подготовка е изградба на фабрика за муниција и лабораторија за развој на беспилотни летала, што јасно укажува на амбицијата на Приштина да развие сопствена воена индустрија.

Сотир Ристо