Илустрација: „Нова Македонија“

Во телевизиските интервјуа, француската министерка за здравство не ги негираше наводите на „Канар аншен“. Наместо тоа, таа објасни дека тоа е „дел од превентивните мерки, како што се стратешките резерви или подготовките за епидемии“…

Француското Министерство за здравство дискретно им наредило на регионалните здравствени одделенија да бидат подготвени за „конфликт со висок интензитет“ до март 2026 година и да отворат можност да примат дури педесет илјади ранети, првенствено странски војници. Името на потенцијалниот непријател не се споменува, но сите сигнали упатуваат на едно познато место.
Натаму, друга инструкција предвидува можност француските воени болници да мора да ослободат простор за прием на голем број ранети Французи, а ова, како што се вели, го потврдила и француската министерката за труд и здравство, Катрин Вотрен.
– Министерството за здравство ги мобилизира болниците за војната – објави списанието „Канар аншен“. Во текстот се наведува дека болниците во Франција добиле инструкција од Министерството за здравство, испратена на 18 јули до директорите на регионалните здравствени агенции (АРС).
– Според наредбите на Катрин Вотрен, болниците мора да бидат подготвени да примат илјадници ранети војници во случај на голем оружен конфликт во Европа. Претседателот Емануел Макрон се залага за крај на војната во Украина, но дали навистина верува во тоа? Неговата влада, во секој случај, се вооружува за голем конфликт. За секој случај, се разбира – пишува овој весник.

Не е исклучен конфликт со Русија

И дека конфликтот со Русија под водство на Владимир Путин не е исклучен во Елисејската палата покажува упатството на Генералниот секретаријат за одбрана и национална безбедност, според кое, Министерството за здравство планира да формира медицински центри за прием на пациенти што се враќаат од воени зони. Тие центри треба да бидат лоцирани во близината на автобуски или железнички станици, пристаништа или аеродроми за да се олесни задачата за „пренасочување“ странски војници „во нивните матични земји“. Споменатите центри мора да имаат капацитет да лекуваат просечно 100 воени лица дневно во текот на два месеца континуирано и до 250 пациенти дневно за време на тридневните (во просек) „врвови на активност“.
– Неопходно е да се обезбеди медицинска поддршка за конфликти од големи размери – се наведува во интерната наредба.
Вкупно, цивилните медицински установи мора да бидат подготвени да примат помеѓу 100.000 и 500.000 воени лица во период од „десет до 180 дена“, предвидува француското Министерство за здравство. Според документот, барањето се однесува на „машка, млада и борбено подготвена група пациенти“ и се препорачува особено внимание да се посвети на третманот на посттрауматските ментални нарушувања и да се насочи кон физикална медицина и рехабилитација. За да се справат со приливот на пациенти, на лекарите, „без оглед на нивната област на работа“, им е наредено да се приклучат на Здравствената служба на вооружените сили и со тоа да го зајакнат нејзиниот тим, кој моментално има 14.000 вработени. Покрај тоа, на раководителите на АРС им е наредено веднаш да ја информираат медицинската заедница за „ограничувањата на военото време, обележани со недостиг од ресурси, растечки потреби и други поврзани проблеми“.
Во друга доверлива инструкција, од 21 февруари, Министерството за здравство предвидува дека во случај на конфликт од големи размери, осум воени болници во Франција ќе мора да ослободат простор за прием на ранети француски војници.
– Во сегашниот меѓународен контекст, потребно е да се обезбедат услови за медицинска поддршка во ситуација на конфликт со висок интензитет – објаснува министерството. Тие потсетуваат дека Франција, како потписничка на Вашингтонскиот договор, „може да биде обврзана да ги преземе сите потребни мерки, вклучително и употреба на сила, како одговор на оружен напад насочен против една или повеќе земји членки на Северноатлантскиот договор (НАТО)“.

Нема бесплатно лекување за странски пациенти во Франција

И покрај воениот сојуз, се нагласува дека Франција нема намера да лекува странски пациенти бесплатно, па затоа е потребно строго сметководство за да се обезбеди надомест на трошоците на институциите и медицинските работници мобилизирани за да им помогнат на армиите на странските земји и сојузниците, во согласност со меѓународните договори. Во телевизиските интервјуа, француската министерка за здравство не ги негираше наводите на „Канар аншен“. Наместо тоа, таа објасни дека ова е „дел од превентивните мерки, како што се стратешките резерви или подготовките за епидемии“.
– Не ја извршував оваа должност за време на ковид-19, но, запомнете, нема доволно зборови за да се опише неподготвеноста на нашата земја. Сосема е нормално земјата да се подготвува за кризи, за последиците од она што се случува. Тоа е дел од одговорноста на централната влада – објаснува Катрин Вотрен. Веројатно за да не ги исплаши Французите, Вотрен не го употреби терминот „војна“, туку поблагиот збор „криза“, потсетија француските медиуми.
– Оваа директива на Министерството за здравство не се појави од никаде. Таа се вклопува во стратешкиот контекст определен од борбите во Украина, затегнатите односи меѓу НАТО и Русија и неизвесноста околу европската безбедност. За Париз, интеграцијата на цивилните болници во одбранбениот систем значи подготовка на целата нација за долгорочен конфликт. Во пракса, ова значи дека војната повеќе не се перципира како апстракција, туку како реална можност. Болниците стануваат стратешка инфраструктура, еднаква на воздухопловните бази или воените пристаништа. И ако здравството се подготвува за такво сценарио, тоа значи дека државата сега сериозно ја разгледува можноста за конфликт од големи размери на европско тло – објасни специјализираниот воен портал „Армес.ком“.


Макрон: Ни треба нација што може да се мобилизира

Претседателот Емануел Макрон ги предупреди Французите во неколку наврати оваа година дека она што се случува во Украина од 24 февруари 2022 година, во многу блиска иднина би можело да се прошири на територијата на Европската Унија и НАТО. Во говорот пред вооружените сили пред Денот на Бастилја во јули, Макрон праша дали се способни да издржат војна со висок интензитет на европско тло во следните три или четири години.
– Војната во Украина покажува дека силата бара не само храброст туку и резерви и адаптирана одбранбена индустрија. Ни треба нација што може да се одржи, која може да се мобилизира. Затоа треба да ги забрзаме напорите за развој на резерви – рече Макрон.
Потоа вети дека веќе оваа есен „ќе им даде на младите луѓе нови понуди за воена служба во други форми“ и потсети дека слободата и безбедноста мора да бидат „заштитени во Украина затоа што нашата безбедност и нашата слобода се поврзани со судбината на таа земја“.
– Затоа Франција, заедно со Велика Британија, формираше коалиција на оние што се подготвени да придонесат за обезбедување траен мир на нашиот континент – вели Макрон.
Франција не е првата, ниту единствената европска земја што ги подготвува својата инфраструктура и население за конфликт од големи размери, вклучително и на медицинско ниво. Земјите во близината на Русија – Литванија, Естонија, Летонија и Полска – исто така активно инвестираат во медицинска обука, спроведуваат вежби за евакуација и градат подземна болничка инфраструктура за да бидат подготвени за масовен прилив на ранети во случај на руски напад. С.Т.


Фото: Маја Јаневска-Илиева

И Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска,
во Бугарија ја идентификува безбедносната закана по Европа

Шекеринска: Русија е најсериозната, најдиректна и долгорочна закана за безбедноста на Европа

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, деновиве во Бугарија на предавањето во Централниот воен клуб во Софија, организирано од страна на Атлантскиот клуб на Бугарија заедно со Здружението на атлантските резервни офицери, истакна дека „Русија останува најсериозната закана за безбедноста на Бугарија и на Европа, а постапките на Путин покажуваат дека тој не е заинтересиран за мир“.
– Со оглед на стратегиската локација на Бугарија на Црно Море, не треба да ви кажам дека Русија останува најдиректна и долгорочна закана за безбедноста – истакна заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска.
Исклучително интересен за јавноста беше презентираниот став на заменик-генералната секретарка на НАТО, преку кој таа откри една безбедносно сензитивна информација во врска со „идна руска агресија откако ќе престанат борбите во Украина“.
– Предводени од Франција и Велика Британија, повеќе од тринаесет земји од Коалицијата на волјата се обврзаа да распоредат мировни трупи за да ја одвратат идната руска агресија откако ќе престанат борбите – изјави Шекеринска.
Таа кажа дека Русија ќе продолжи да биде закана за НАТО, дури и по војната во Украина.
– Дури и по војната, Русија ќе продолжи да биде закана за безбедноста на НАТО. Со оглед на тоа што воените трошоци сочинуваат 40 отсто од БДП на Русија, земјите членки на НАТО исто така треба да почнат да трошат повеќе. Без разлика како ќе заврши војната, Русија ќе остане дестабилизирачка сила, па затоа треба да инвестираме и да трошиме повеќе за нашата безбедност и одбрана – истакна заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска. Н.М.