Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБЕЛЕЖАНИ 40 ГОДИНИ ОД ЕМИТУВАЊЕТО НА КУЛТНАТА ТВ-СЕРИЈА ЗА ДЕЦА

Во чест на 40-годишнината од првото емитување на култната телевизиска детска серија „Бушава азбука“, вчера во Дебар Маало беше откриен мурал посветен на овој симбол на македонската култура.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, официјално го откри новиот мурал на улицата Орце Николов, дело на уметниците Драган Китановски-Драш и Мирослав Грчев-Микс. Создаден е во духот на афирмација на македонскиот јазик и литература и претставува нова сцена на отворено за жителите на Центар.
Муралот, како што наведуваат од Општината, буди носталгија кај повозрасните, креативност и фантазијата кај младите и внесува свежа енергија во градскиот простор.
– И јас сум дел од генерацијата што порасна учејќи од „бушавите букви“, а овој мурал е потсетник токму на тие убави и среќни времиња. Времиња во кои се негуваше автентичната македонска продукција, кога имавме што да гледаме и со што да се пофалиме. Токму затоа Општина Центар континуирано вложува во македонски автори и уметници, градејќи сопствен културен бренд – изјави Герасимовски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

За режисерот на серијата „Бушава азбука“, Слободан Унковски, тоа е повеќе од емисија, тоа е културно наследство и може да се обновува и да се појавува повторно и повторно. Тој посакува што поскоро да се реализира ТВ-серијата „Бушав буквар“, што е всушност вториот дел на „Бушава азбука“, кој е веќе напишан од Горан Стефановски и од Маријан Алчевски, проект што со години стои во фиока.
На настанот се одржа и премиера на шпицата за новата анимирана серија „Буквождер“, кое е анимираното продолжение на „Бушава азбука“.
Настанот предизвика големо внимание кај скопјани, особено кај родителите чии деца вчера тргнуваа на училиште.

Фото: Маја Јаневска-Илиева