Фото: ЕПА

Речиси две третини од Полјаците (61,1 отсто) се против учеството на полската армија во евентуална мировна мисија во Украина, покажува анкетата на агенцијата SW Research.

Како што пренесе Полското радио 24, учеството на полските сили во мировната мисија го поддржуваат 17,3 отсто од испитаниците, додека 21,6 отсто немаат мислење за ова прашање.

Мажите (63,9 отсто) се малку понаклонети да се спротивстават на учеството на полските војници во мировните мисии отколку жените (58,7 отсто).

Противставувањето на испраќањето војници во Украина постои кај сите генерации, иако процентите се разликуваат – 68,6 отсто од Полјаците под 24 години, 63,6 отсто од оние помеѓу 25 и 34 години, 64 отсто помеѓу 35 и 49 години и 56,8 отсто од оние над 50 години се против таквото учество.

Создавањето воена мировна мисија би можело да биде еден начин за спроведување на безбедносните гаранции за Украина, за што рускиот претседател Владимир Путин наводно се согласил за време на состанокот со Доналд Трамп во Алјаска. Според извештаите на Блумберг, околу 10 земји се подготвени да ги испратат своите сили во областа на реката Дњепар.

Меѓутоа, Русија сè уште ја отфрла можноста за распоредување на силите на НАТО во Украина.

Владата во Варшава долго време повторува дека полските војници нема да одат во Украина бидејќи нивната задача е да го бранат источното крило на НАТО. Премиерот Доналд Туск изрази подготвеност да обезбеди логистичка поддршка за потенцијална мировна мисија на Дњепар.

САД, исто така, не планираат да испратат сили во Украина, но американската војска би можела да обезбеди неодредена „воздушна поддршка“ за целата операција – објави американскиот претседател Доналд Трамп.