Фото: Територијална Противпожарна Единица Крива Паланка/Фејсбук

Пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Крива Паланка вчера успешно извлекле куче што било фрлено во коритото на Крива Река. Според нивните информации, кучето претходно било малтретирано.

– По добиена дојава за куче фрлено во бездна, тим од двајца пожарникари излезе на лице место и го извлече животното. Кучето веднаш беше предадено на надлежните институции. За жал, ова е уште еден случај на изживување и малтретирање на животни – информираа од ТППЕ Крива Паланка.

На социјалните мрежи претходно беше објавена снимка на која се гледа како кучето е врзано за автомобил со регистарски таблички од Крива Паланка, кој се движел по пат.

Граѓаните на социјалните мрежи пишуваат дека, благодарение на брзата интервенција на полицијата и на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кучето е одземено, згрижено и моментално е во стабилна состојба.

Наводно, лицето кое го извршило ова дело е идентификувано и против него ќе бидат преземени соодветни постапки од надлежните институции.