Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека е сторител на кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Како што информираат од ОЈО, осомничениот 43-годишник, на 27 јули во вечерните часови, го лишил од живот својот една година помлад брат, удирајќи го неколку пати со метален предмет по главата.
– Делото го извршил по вербална расправија во дневната соба во домот на оштетениот. Потоа во период од неколку дена презел повеќе дејствија за да го прикрие делото и да уништи трагите – ја избришал крвта од подот и предметите, а телото го пренел во помошна просторија во дворот на куќата, каде го закопал и го покрил со шперплоча и други предмети – велат од обвинителството.
Оттаму додаваат дека поради опасноста да се даде во бегство, но и да преземе и дополнителни дејствија за уништување на трагите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.