Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Елица Ресавска Мицева, спец. по семејна медицина

Злоупотребата на алкохол доведува до многу промени во организмот, како физички, психолошки и проблеми поврзани со семејниот и социјалниот живот.

Зависност од алкохол е всушност непрекинато посакување на зависникот за алкохол, и неуспех да престане со пиење алкохол. Се проценува дека во општата популација 10-15% од луѓето имаат проблем со пиење. Доколку не се лечи и третира, алкохолизмот го скратува животниот век и до 15 години.

Покрај другите компликации, злоупотребата на алкохол предизвикува полиневропатија. Тоа претставува оштетување на периферните нерви кое доведува до секојдневен дискомфорт, болка и проблеми во движењето кои влијаат на секојдневните активнисти и го намалуваат квалитетот на живот. Можат да бидат зафатени сетилните и моторните нерви и најчесто настанува со долготрајна злоупотреба на алкохол. Се појавува кај 25-60% од хроничните алкохоличари, а повеќето пациенти се над 40 годишна возраст. Етанолот и ацеталдехидот имаат невротоксичен ефект и ја нарушуваат функцијата на нервната клетка.

Симптомите кои се јавуваат се: трнење на раце и нозе, осет на жарење на дисталните делови на екстремитетите, тапа до остра болка во екстремитетите, мускулни спазми, еректилна дисфункција, нестабилен од, зголемено потење, намален срцев ритам и друго.

Во третманот клучно и основно е да се исклучи основната причина која довела до алкохолна полиневропатија – алкохолот, во спротивно сите терапевтски методи нема да го дадат посакуваниот резултат. Зависниците ретко се откажуваа сами, па е потребна професионална помош.

Во терапијата важно место завзема исхраната, како и внесот на витамини, минерали и миктронутритиенти. Особено исхрана богата со зеленчук, овошје, омега 3 масни киселини, како и витамините од групата Б – Б1, Б6 и Б12. Физикална терапија може да е од корист. Кај тешки случаеви и антиконвулзивна терапија, аналгетска, антиинфламаторна и антидепресивна терапија.

Повеќето пациенти со полесна форма на невропатија се подобруваат после неколку месеци по престанокот со консумација на алкохолот.