Прилеп
Општина Прилеп доби осум милиони евра за реализација на капитални проекти од витално значење за граѓаните, кои се реализираат преку повикот на Министерството за локална самоуправа.
– Ова е нова развојна фаза за нашиот град. Ќе се врши реконструкција на дел од плоштадот „Методија Андонов–Ченто“, ќе се градат улици, ќе има реконструкција на улици со електроинсталации, ќе се градат нови детски игралишта во центарот и населбата Типски, ќе се поставува водовод во с. Лениште. Многу значаен проект е реконструкцијата на цевководот кон индустриската зона и манастирот во селото Селце, потоа ќе се поставува фотонапонска централа на Пречистителната станица, ќе се поставува СЦАДА-интеграција со ГИС-системот, а ќе се врши замена на дотраената водоводна мрежа во центарот на градот, ќе се постават полуподземни контејнери на 21 локација и ќе се реконструира фасадата на ООУ „Рампо Левката“. Инвестициите се директен одговор на реалните потреби на граѓаните и продолжение на нашата работа за унапредување на квалитетот на животот во Прилеп – вели градоначалникот Борче Јовчески.
Претходно, преку првиот повик општината веќе обезбеди дополнителни три милиони евра за изградбата на кружен тек кај мостот „Табана“, за изгрaдба на улици и за реконструкција на водоводот во Карабдалица. Водоводните линии се веќе завршени, а другите два проекта влегуваат во градежна фаза деновиве.
Општина Прилеп обезбеди средства за реализација на уште два нови проекта за подобрување на животната средина и јавната инфраструктура, одобрени од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година.
Првиот „Подобро одржување на зелените површини во Општината“ во вредност од 2.500.000 денари (ќе се набави мини-багер за поефикасно и континуирано одржување на зеленилото низ градот) и вториот „Пошумување на споменикот на природата Маркови Кули“, во вредност од два милиони денари (набавка на трактор со приколка и опрема за успешно пошумување и заштита на природниот локалитет).
– Договорите за двата проекта се веќе потпишани и веднаш пристапуваме кон нивна реализација. По набавката, механизацијата ќе му биде предадена на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, со кое заедно ќе ги спроведеме активностите на терен – вели Јовчески.
Инаку, во изминатите две години, со поддршката од Владата, Општина Прилеп обезбеди вкупно 11 милиони евра директни инвестиции – поддршка што е историска, конкретна и мерлива.
– Прилеп заслужува многу. Продолжуваме со уште поголема одлучност да го градиме неговиот напредок – вели градоначалникот Борче Јовчески. Ка.М.