Тетово
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова деновиве, по покана од градоначалникот Биљал Касами, го посети Тетово и заедно со Касами на плоштадот присуствуваше на Македонската музичка вечер во рамките на манифестацијата „Тетовско културно лето“.
Посетата на претседателката во град со традиционална етничка шареноликост може да се гледа како симбол на соживот и, секако, оди во правец на унапредување на внатрешните меѓуетнички односи и на зголемување на меѓусебната доверба, нешто што треба да биде нормала, а не реткост. Посетата ја искоментира и претседателката. Таа рече дека една од причините што е во Тетово е да покаже дека е претседателка не само на граѓаните во Скопје туку на сите граѓани, без оглед на припадноста.
– И да покажам и дека сум спремна да одам и таму каде што градоначалниците не се од македонска етничка припадност, бидејќи тоа е ирелевантно за граѓанското општество. Проблемите се исти секаде, ги засегаат сите луѓе и така треба да се однесуваме ние – рече претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Касами нагласи дека е почестен од присуството на претседателката, изразувајќи задоволство што споделува прекрасни моменти со сите жители на Тетово, без оглед на етничката припадност, религијата, возраста или статусот.
Силјановска-Давкова го поздрави четвртото издание на оваа културна, уметничка и спортска манифестација и рече дека го почитува мултикултурализмот насочен кон културно-спортско натпреварување. Според претседателката, идејата на организаторот за одржување културна вечер на Македонците, Албанците, Турците и на Ромите е за поздравување, како неоспорен израз на меѓусебно почитување и разбирање.
На тетовскиот плоштад настапуваа и културно-уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце, рок-групата „Д нејмлес трио“, поп-музичарот Влатко Лозаноски-Лозано со својот бенд и тетовскиот рапер Никола Трпески САМ.
За темата околу преименувањето на улиците во градот Тетово
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, вторпат во изминатава недела, се сретна со тетовскиот градоначалник Биљал Касами во Општина Тетово, а ја коментираше и темата околу преименувањето на улиците во градот. Таа рече дека добила писмо од граѓани за ова прашање, како и дека ветила дека ќе разговара со Касами.
– Сигурна сум дека штом ме покани мене на ваков настан дека има разбирање и за дилемите што мене ми ги предочуваат и мислам дека тоа ќе се реши така како што треба – граѓански, инклузивно, со консензус. Секогаш велиме дека тоа таканаречено двојно мнозинство и Бадентерово мнозинство еднакво важи и на централно и на локално ниво и дека никој не може да биде и не треба да биде исклучен кога се решава за прашање што директно го засега идентитетот, а со тоа и интегритетот на сите луѓе – рече претседателката на државата.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, кој минатата недела свика специјална прес-конференција за да кажува колку неговата партија и неговата коалиција направиле за Албанците и за, како што ги нарече, „албанските општини“ (што инаку е главна тема на препукување пред локалните избори во албанскиот политички блок), сега вели дека го има истиот став како претседателката.
– Се работи за именување улици, плоштади, мостови, што е инклузивен процес, но и транспарентен процес, а секој граѓанин на Тетово треба да биде дел од тој процес, што за нас е многу важно. Секој граѓанин на Тетово да има стан, да има куќа со број, со име на улица, да покажеме дека и Тетово е европски град каде што граѓаните ќе живеат во модерни, во урбанизирани услови и секој ќе има адреса кај што може да го најдат институциите и пријателите, како што е во кој било европски град – рече градоначалникот на еден од најзагадените и урбанистички најнесредени македонски градови. П.Р.