Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека интензивно работи со професори и со министерот за економија и труд, за преземање мерки за намалување на цените на производите, како и на предлог за нови анализи за потрошувачката кошничка.

Тој денеска од Тетово на прашањето за денешното објавување на висината на минималната синдикална кошничка, која е повисока за 600 денари и дали се размислува за нови мерки одговори и дека очекува наскоро да биде закажан и Економско-социјалниот совет (ЕСС), а на состанокот ќе се разговара и на темата за потрошувачката кошничка.

-На тој Економско-социјален совет претставниците на синдикатите, на работодавачите и Владата ќе разговараат и за потрошувачката кошничка, којашто мислам дека треба да биде поделена во пет сегменти: потрошувачката кошничка за самец, потрошувачка кошничка за млад брачен пар, за трочлено семејство, за четири члено семејство и потрошувачка кошничка за пензионери. Мислам дека треба во иднина да опфатиме анализа на пет потрошувачки кошнички, затоа што потребите на луѓето се според возраста, се разбира. Но, исто така потребите на луѓето се во зависност од бројноста, како е сочината една заедница – изјави премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека ова ќе биде неговиот предлог на Економско-социјалниот совет, а предлогот доаѓа по средбите и разговорите со академската фела.

-Мислам дека е добар за разгледување и за дебата на тој Економско-социјален совет, да имаме неколку потрошувачки кошнички, бидејќи потребите на еден пар пензионери не е ист како на еден млад брачен пар, или пак на трочлено и на четири члено семејство или пак на самец. Јас немам проблем да направиме една ваква темелна анализа, бидејќи само со повеќе анализи, со повеќе податоци можеме да дојдеме до подобри резултати – вели Мицкоски.