Од големо значење е што и следната година ќе се натпреваруваме во Златната лига. Сега го почнуваме оној поважниот дел, каде што е потребно да се задржи континуитетот од настапи на континенталните натпреварувања, рече селекторот Миленкоски, пренесе ОФМ
ОДБОЈКА
Македонската одбојкарска репрезентација во Маврово ги почна подготовките за квалификациските натпревари во август со Грција и со Грузија, за пласман на Европското првенство (ЕП) в година.
– Одморот беше краток, можеше да биде уште пократок, но моравме да оставиме малку простор на играчите да здивнат по напорниот настап во Европската лига. Во првата летна акција имавме добар резултат. Од една страна Европската лига ни беше важна како подготовка за квалификациските средби, но истовремено успеавме да останеме и во „златното“ друштво. Од големо значење е што го задржавме статусот и што и следната година ќе се натпреваруваме во Златната лига. Сега го почнуваме оној поважниот дел, каде што е потребно да се задржи континуитетот од настапи на континенталните натпреварувања. Нема да биде ни малку лесно. Она што се испушти во претходната рунда натпревари мора да се надомести сега на гости во Атина кај Грција. Потоа мечот со Грузија во Скопје треба да биде круна и да ни овозможи пласман на ново ЕП – вели селекторот Јошко Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Црвено-жолтите ќе играат за четврто учество на европските првенства во низа. На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и пет најдобри меѓу второпласираните, пишува Европската одбојкарска унија (ЦЕВ). Директен пласман обезбедија 12 селекции, и тоа четирите домаќини, Италија, Романија, Бугарија и Финска, како и осум репрезентации според пласманот на претходното ЕП, во 2023 година, Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија.
– Грција е во фокусот, но не зависиме сами од себе. Форматот е таков, такви се квалификациите, па не зависиме сами од себе, туку мора да се надеваме дека и во другите групи резултатите ќе ни одговараат. Во сите групи ќе биде слична борбата за место на Европското првенство. Нема да имаме долги подготовки, но ќе бидат интензивни како и секогаш, како и во претходниот циклус. Верувам дека добро ќе се подготвиме за уште повеќе да го кренеме нивото. Пријателски двомеч со Бугарија, а потоа е турнирот Чајка, кој ќе биде финална контрола преку дуелите со Бугарија и со Швајцарија. Реков, ќе биде кратко, но напорно и мора да мислиме позитивно. Имаме јасна цел – пласман на ЕП. Тоа треба да нѐ води и да ни биде мотив на секој тренинг, секој натпревар, а особено на првиот против Грција – рече Миленкоски, пренесе ОФМ. Н.М.
ГРУПА Ф
Грузија – Грција 9 август
Грција – Македонија 13 август
Македонија – Грузија 17 август
Табела
Грција 2 2 0 6
Македонија 2 1 1 3
Грузија 2 0 2 0