Преспа 2018: Или анатомија на едно злосторство (4)
Овој пат, драг читателу, на почетокот ќе ја детектираме главна причина за нашиот идентитетски геноцид, кој беше зацртан уште во ропската Лисабонска декларација (1992) како par excellence фашистички проект за апсолутна идентитетска ликвидација на Македонците, која со цела серија на добро планирани пониженија, стигматизации и закани ѝ се случи со Преспанскиот договор во Преспа 2018. Но сега, која е главната причина што ја загатнуваме. Тука е хеленоманијата на Европа, но таа не е само по себе тоа. Причината е во тоа што Европа, како и самите Грци, „лицем светци срцем волци“ (Прличев), се сомневаа дека Македонците во антиката имале грчки, или дројзеновски речено, хеленски идентитет, што е оксиморон. Така на некој начин и исправноста на хеленоманијата беше доведена во прашање како некој вид наследена културолошка болест, неизлечив европски грип. Сјајниот германски писател и хуманист Томас Ман прв се посомнева во исправноста на тој пренадуван феномен. Тој, имено, колку што знам, прв ѝ забележа на Европа за нејзината бескрајна адорација на Грција и нејзината античка култура, пр. запоставувајќи ја јудеохристијанската цивилизација, која можеби е и поважна за Европа. Но неговата забелешка како чудење останува по сè изгледа осамена, а Европа не се откажа од сите видови на својот ариевизам, кој најде најекспресивен израз во Хитлерова Германија, а на општ културолошки план, како што го забележува убаво тоа и Бернал, тој израз, подвлековме, се огледува во европскиот патолошки Едипов комплекс кон Грција. И, во менгелеовската експериментална лабораторија, која постои на божем пософистициран начин кај неа и по Хитлер, како лек за неа ја избра идентитетската смрт на Македонците. Така и беше начнат со Лисабонската декларација (1992) нејзиниот најнов проект за тоа и реализиран со европски печат на смртта во Преспа 2018.
Тој проект, пак, значи Европа мораше да го реализира пред сè и поради сомнежот дека Македонците се Грци. Оти тоа ја јадеше неа како црв што ѝ ја разјадува совеста и мораше еднаш засекогаш да го реши преку грбот и главата на Македонците тој проблем на грчката Megali idea, не само како грчка туку и како европска.
Бертран Расел, сjајниот англиски филозоф и математичар, вели дека Античките Грци, според него, имаат две големи откритија што се важни и за понатамошниот развој на цивилизацијата. А тоа се сомнежот (за кој станува сега збор) како прво и дијалогот како второ. Со откритието сомнеж кај претсократовските филозофи почнуваат да се преиспитуваат митовите, мистериите и другите слични универзалии на еден објективен начин во процесот на мислењето. На тој начин сомнежот, како што мисли Расел, ја отвора вратата на експериментот и ѝ дава правец на науката во натамошниот тек на цивилизацијата, додека, пак, дијалогот ја поставува основата на демократијата.
Сеедно. Расел е непоткуплив и етичен картезијански ум. Во контекст на нашата тема само ќе кажеме дека тој го основа во минатиот век познатиот Раселов суд, чиј претседател беше Сартр. Тој суд дека во дваесеттиот век најголеми геноциди во Европа претрпеле Македонците и Ирците. Но парадоксот, цивилизациски шокантен, е во тоа што кај Ирците тоа остана, а кај Македонците во новото столетие, и милениум на кој му припаѓа тоа, како да ѝ беше малку тоа кон Македонците на садистичка Европа, тој геноцид се повтори. Преспа 2018. Рековме, сега во еден подруг божем софистициран вид, кој во себе го содржи парадоксално и пострашниот вид смрт, идентитетската, негативот на сликата на постоењето.
Тоа е тоа. Но ти ме прашуваш, драг читателу, пак зошто се случи ова? Зошто, кога грчкото посегање по македонската меморија и нејзината античка културно-цивилизациска слика веќе од поодамна, по Дројзен, се вклопени целосно во од Западот грчкиот конструкт на западната цивилизација, озаконет како догма на престижните западни универзитети? Но, веќе рековме, тоа е пред сè сомнежот во лажната вистина на тој патолошки концепт дека Античките Македонци по идентитет не биле Македонци, туку Грци, што е веќе сопка, какофонија, оксиморон на прославениот европски картезијански ум. И тоа е веќе фројдовска работа на потсвеста, или на несвесното, кое некаде во подрумските простории на свеста е свесно за конструираната лажна вистина што ja прикрива несвесно. Многу од античките историчари се децидни дека Античките Македонци се посебен идентитет од грчкиот, но модерна и постмодерна либерална Европа ja искривува вистината. И не само што не ѝ се нејзе мили, туку сега тие на бриселска Европа им се туѓо тело, диво месо на нејзината расипана колонијалистичка цивилизација. За тоа доста сум пишувал, драг читателу, посебно за периодот од 1990 наваму како период на новата македонска цивилизациска голгота по Букурешт и 1913 што резултира конечно со нацифашистичкиот Преспански документ 2018 за идентитетска смрт на Македонците. Да. Иако Европа во Брисел, под лажната маска ЕУ, смета дека сè уште не го дозавршила своето мрачно мефистофелско дело за нас, па на веќе пресечената идентитетска глава ѝ ја стави околу вратот (извини за морбидната слика, драг читателу) и „француската рамка“, изум на новиот француски Маркиз де Сад Макрон, иако тука треба да му се извиниме на вистинскиот Де Сад за споредбата, оти тој како радикален егзистенцијалистички мислител сепак е неспоредлив со неговиот излитен модерен двојник.
Дека сепак некои европски умови имаат амбивалентен, колеблив став кон тоа дали Античките Македонци се Грци или не е пример и веќе спомнатиот Бертран Расел, врвен логичар, кој сепак како да има мака како да ја изведе на чистина во лавиринтот на своите картезијански мисли теоријата дека Античките Македонци по идентитет се Грци и да ја претстави сликата на таквиот амалгам, или синтеза, сеедно. Сум го цитирал и пак во таа смисла за илустрација фрагментот за Александар Македонски од поглавјето „Хеленизам“ во неговата книга „Мудроста на Западот“, преведена и на македонски. Кај германскиот филозоф, пак, Освалд Шпенглер ја имаме книгата „Пропаста на Западот“, нужна дигресија во контекстот на македонската евросудбина во која на Македонците од Европа им е отсечена во Преспа 2018 идентитетската глава, откако пред тоа по повеќе од едно столетие немаа успех со обидот за физички геноцид врз нив. Оти Македонците се тука како oние змејови од бајките на кои ако им отсечеш една глава на нејзино место никнуваа уште три нови глави.
Дигресија до дигресија, аналогија до аналогија, ама темата го бара тоа. Но да се вратиме на Расел и неговиот фрагмент за кој станува збор. Еве што вели во него тој, трудејќи се елегантно да ја долови грчкомакедонската идентитетска како едно, како легура слеана во општиот прифатен поим „хеленизам“ со кој Дројзен ја зарази западната историска мисла: „Со Александар Македонски грчкиот свет тргна во напад. За десет кратки години од 334 до 324 пр. н.е., Персиското Кралство паднало пред младиот македонски освојувач (…) Александар, кој, иако за Грците бил македонски господар се сметал себеси за носител на грчката цивилизација (…) Каде и да дошол со својата војска основал грчки градови кои се управувале на грчки начин. Во тие центри на грчкиот живот грчките и македонските доселеници се претопувале со месното население. Александар ги храбрел своите Македонци да се женат со азиски жени…“.
И повеќе од очигледна е амбивалентноста на Расел во тезата зa истородната, неразлачна супстанција како едно на грчкиот и македонскиот идентитет, или на грчката и македонската психа што се во некои аспекти поларни и неспоиви: грчката е етноцентрична, забарикадирана со стеснет хоризонт во своите полиси-градови, а македонската космополитска со светски хоризонт во кој се изведени со Александар од Mакедонците и Грците. Расел вели: „грчкиот свет тргнал во напад“, а вистината е дека тоа е македонскиот, кој ги покорил грчките полиси и ги регрутирал Грците во своите редови како војници во походот на Исток.
Потоа Расел вели дека Александар иако бил „македонски господар“ се сметал себеси за носител на грчката цивилизација. Тука имплиците има простор читателот да мисли дека Македонците се варварите, а Грците културата и цивилизацијата. По таа аналогија, драг читателу, ми иде на ум дека и Петар Велики не е Русин, туку некој Европеец, бидејќи страсно ја сакал европската култура и во неговиот славен новооснован град Санкт Петербург го донел во архитектурата европскиот класицизам и барок. Тоа е провидно расудување во кое по шемата на Дројзен и општиот европски хеленистички калап во стапица влегува и еден таков картезијански аналитички ум каков што е Расел. Фатен во менгемето на грчкиот магнет тој уште вели дека Александар секаде на освоените територии „основал грчки градови“, кои биле „центри на грчкиот живот“ и во нив „се управувало на грчки начин“, што не е така, бидејќи моделот на демократија во нив бил типично македонски. Тоа бил моделот на директната демократија, типичен изум на Античките Македонци, во кој народот директно yправувал и донесувал одлуки заедно со кралот. Плус Александар директно го пласирал космополитизмот на македонската психа на исток до Индија и на југ до пирамидите на Египет и Вавилон во Месопотамија. А тоа значи; еднаквост, братство и слобода за сите народи под капата небесна и природното право гарантирано од Господ. Грчката психа со стеснет, затворен хоризонт едноставно не била предодредена, ниту можела да го замисли и да го изведе тој речиси планетарен проект. Тој е едноставно логички, според немилосрдната историска фактографија, македонски експеримент. Еxperimentum makedonicum. Обратен од оној што го изврши врз Македонците како заморски глувци во својата Менгелеова лабораторија бриселска Европа целосно депресивна и антихуманистичка за Македонците, скриена под дебелата маска ЕУ.
Тоа е тоа, драг читателу. Па сега и по оваа куса анализа на фрагментот на Расел од неговата книга со сугестивен наслов „Мудроста на Европа“, гледаме дека Вавилонската Дама не е сигурна дека „хеленизмот“ како лукав одисејски скован поим на Дројзен ја решава енигмата за Македонците како Грци. Видовме дека и Расел се сопнува тука, како впрочем и целата историографија на „Кембриџ“, „Оксфорд“ и на „Сорбона“. Сомнежот постои, складиран во грчката потсвест и во европската со патолошки Едипов синдром кон боготворената „грчка“ цивилизација во која функционира „грчката вреќа“, патолошкиот европски синдром што го детектира сјајниот Д.Х. Лоренс. А тој е писател и поет од ранг. А за писателите и поетите нарцистичката наука од секаков вид не им обраќа сериозно внимание, бидејќи тие ги донесуваат своите заклучоци на феноменот откровение со кој, како што вели и Спиноза, единствено можат да се видат и спознаат ангелите. Да. Тоа е убавото, божествено откровение, драг читателу, ама има уште едно друго што му припаѓа на Темниот, а во нашиот случај тоа е откровението на македонската смрт, кое го виде Европа во Брисел. Мрачно мефистофелско откровение, по чинот откако главниот европски архетип Фауст си ја продаде душата на Мефистофел (ѓаволот) што е причина сега и за идентитетската смрт на Македонците: Преспа 2018. Зошто? Затоа што со Македонија и Македонците конечно треба да се исчисти европската свест од нејзините планетарни злосторства во кои уништи и цели древни мудри и со големи знаења цивилизации: Маи, Ацтеки, Инки во Јужна Америка.
Шпанските и португалските конквистадори, наследници на темпларите и крстоносците, опљачканото злато како ревносни христијани во добар дел ѝ го подарија на Католичката црква со што почна, позлатен, европскиот барок. Всушност, новите софистицирани конквистадори од Брисел, со маската ЕУ сега ja ставаат во истата кошница со Маите, Ацтеките и Инките, иако, на прв поглед, во Македонија нема во таков обем злато како што имало во овие цивилизации во Јужна Америка. Да. Парадоксална ситуација. Ама сепак има злато, а тоа е типично културолошко, кое треба да се опљачка од Европа и како мемориски трофеј да ѝ се подари на Грција како културолошки центар на европската цивилизација. Оти без македонската цивилизација невклопена во грчката, како што го замислил тоа Дројзен, пропаѓа и тезата дека Македонците се Грци со што се обелоденува големата европска цивилизациска лага.
Тоа е тоа. Имено, и затоа требаше да им се грабне крвнички името на Македонците и да им се даде на Грците како нивен бренд и бренд на европскиот цивилизациски комплекс како културолошки идентитет. Така стојат работите и така за таа цел и се случи цивилизациското злосторство над Македонците, Преспа 2018. Тоа и таква е неговата анатомија заверена со европски печат на бриселска ЕУ и на нејзиниот балкански предатор Грција. Така и станаа Македонците во Преспа обредна жртва на европската цивилизациска гилотина, која им ја отсече идентитетската глава, како што го стори тоа Ирод со главата на Јован Крстител, кој викаше во пустината: „Исправете го патат за Господ“. Слично на него и со истиот слоган на светецот ѝ се обраќаа и Македонците на Европа, но и таа остана глува. Остана глува на македонскиот културолошки концепт на Гоце: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар на народите“, што е аналошки истоветен со гласот на Крстителот: „Исправете го патот за Господ“. Ама Европа одамна го напуштила Господ, иако изгради велелепни катедрали во кои тој никогаш не влегол, стуткан во нашите мали, ама божествени и топли црквички во кои Богородица го оплакува како на ни едно друго место Христос симнат од крстот. А таа сега чека да ја оплакува и Македонија сè уште распната и несимната од злосторничкиот крст на европската Голгота.