Македонија бара партнер плус за реализација на линиските инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10
Македонија бара партнерство и со Франција, но и со други европски земји, за реализација на инфраструктурните проекти на коридорите 8 и 10.
Високи владини претставници во повеќе наврати истакнуваат дека коридорите 8 и 10 се економски и стратешки многу важни за Македонија, поради што актуелната влада влегла во колосален, но визионерски инвестициски циклус за да ги развива овие проекти, кои предвидуваат изградба на нови автопатишта, брза железница и придружна линиска инфраструктура. Притоа се посочува на географската позиција на земјава и двата паневропски коридора, кои, како што наведува, се сечат неколку километри источно од Скопје.
Според владини извори, ваквите планови ги надминуваат капацитетите на домашните капитални инвестиции и затоа земјава е во потрага по меѓународни партнери што би инвестирале во инфраструктурните проекти.
Во тие рамки, како прв чекор, изворите потсетуваат на договорот влада со влада со Обединетото Кралство, каде што Македонија има пет милијарди фунти или шест милијарди евра на располагање за вакви проекти.
Исклучително интересно е што извори од Владата брифираат дека „како нов сериозен партнер се најавува Франција, особено по минатонеделните работни средби на македонската делегација во Париз“, кога се разговарало за унапредување на соработка, која е доста развиена во делот на авиосообраќајот, со потсетување дека двата аеродрома во Скопје и во Охрид се оперираат од француска компанија, но и за зголемување на соработката и во делот на железницата и автопатиштата.
Притоа, од македонска страна е укажано дека железницата, поточно коридорот 8, има стратешко значење за НАТО, па затоа е дискутирано што може да се направи за да се доврши источниот дел од пругата, но исто така да се развие и западниот дел од пругата. На тој начин би се овозможило поврзување меѓу Италија, Албанија и Бугарија, поточно да се поврзат Јонско и Јадранско море со Црно Море, каде што Македонија би била своевидна крстосница, бидејќи на коридорот 10 се планира модернизација, поточно брза пруга и на тој начин јужните пристаништа од Европа би се споиле со Средна и Централна Европа.
Ваквата економско-политичка офанзива ја потврди и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во интервју за ТВ Франс 24. П.Р.