Во услови кога приватните спонзорства во културниот сектор кај нас отсуствуваат поради непрекинатата економска криза, а оние малку спонзорства што ги има главно се насочени кон настани што гарантираат масовна публика, како спортски натпревари или концерти на суперsвезди, но никогаш или ретко кон т.н. „висока“ култура, како што се театрите, филмот, музеите…, донациите од семејствата на авторите остануваат единствен начин за збогатување на музејските збирки. Но понекогаш и кога семејствата се расположени да ѝ ја отстапат уметниковата оставина на државата, таа не покажува дека умее да се грижи за подарокот
Националната галерија на Македонија утре ја отвора групната изложба „Аквизиции и донации (2014 – 2024)“ и, како што укажува и самиот наслов, овој проект се однесува на откупените и подарените дела на колекцијата на Националната галерија во период од десет години и е всушност прва изложба од овој тип во рамките на активностите на галеријата. Претставувањето на аквизициите и донациите е редовна пракса во светските музеи, со што се постигнуваат поголема видливост на колекциите и запознавањето на јавноста со делата и авторите, со што секако се допира и едукативниот сегмент на презентацијата. Една од потребите за реализација на ваков проект и вид на презентирање, како што нагласуваат од НГМ, е содржана во основата на визијата и мисијата на музејското работење – собирање, чување, истражување, заштита, презентација и публикација на музејскиот материјал. Музеите како чувари на културното богатство на делата набавени по пат на откупи и добиени како подароци од авторите се наедно и рефлексија на тековната уметничка практика и од своја страна ги потенцираат приоритетите и значењето на колекциите, а се поттик и за континуирани откупи од страна на државните фондови и селекција од стручни лица.
Во услови кога приватните спонзорства во културниот сектор кај нас отсуствуваат поради непрекинатата економска криза, а оние малку спонзорства што ги има главно се насочени кон настани што гарантираат масовна публика, како спортски натпревари или концерти на суперsвезди, но никогаш или ретко кон т.н. „висока“ култура, како што се театрите, филмот, музеите…, донациите од семејствата на авторите остануваат единствен начин за збогатување на музејските збирки. Но понекогаш и кога семејствата се расположени да ѝ ја отстапат уметниковата оставина на државата, таа не покажува дека умее да се грижи за подарокот.
Така, дел од утрешната изложба во „Чифте-амам“ ќе бидат и уметнички слики од легатот на Лазар Личеноски, кој зад себе остави големо наследство, движно и недвижно. Од 2015 година по желба на неговата сопруга Зое, куќата на Лазар Личеноски (изградена во 1961 година, по план на славниот македонски архитект Славко Брезоски) стана сопственост на Националната галерија и врз неа сѐ уште се изведуваат конзерваторско-реставраторски зафати, а делата се во процес на конзервација.
Идејата за „Музеј Личеноски“ е стара речиси две децении. Овој капитален проект од областа на културното наследство секоја година влегува во буџетот и во годишната програма на Министерството за култура, ама до денес куќата не е подготвена да ги пречека новите генерации и туристите за автентично да го доживеат амбиентот во кој живеел и творел уметникот.
Во 2022 година спомен-куќата на Личеноски беше отворена за јавноста со студентска изложба и тогаш всушност станавме свесни дека долгите години негрижа оставиле видливи траги врз куќата, која, иако има статус на културно наследство од особено значење, бавно се обновува. Куќата со препознатливиот мозаик „Апотеоза на трудот“ до денес не е комплетно обновена, иако тогаш беше отворена за јавноста. Делата на студентите распослани на приземјето и на катот без инспирирани од просторот, од личноста на Личеноски, но имаше и такви што беа своевиден коментар за недоволната грижа на надлежните за овој објект. Крвавите солзи на репродукцијата од автопортретот на Лазар Личеноски, кој го изработи студентот Дамјан Јанкоски, беше само една од повеќето алузии во делата на оваа изложба што проговорија за негрижата за овој објект.
Како што истакна во една пригода историчарката на уметност Викторија Васева-Димеска, ако успееме да ја вратиме во живот куќата на Личеноски, тоа ќе биде навистина голем подарок за Македонија, затоа што таа не е спомен-куќа на Личеноски туку на целата наша ликовна култура. Ова ќе биде единствената спомен-куќа во Скопје, по примерот на онаа на Никола Мартиновски во Крушево. Оттука куќата-паметник, куќата-музеј на колосот на македонското сликарство Лазар Личеноски, куќата на прекрасната Зое Личеноска, голема познавачка на македонската резба и сопруга на сликарот, единствена и неповторлива од ваков вид, мора да биде постојана грижа на целиот град, на целата земја. Утрешната изложба во „Чифте-амам“ на Националната галерија на Македонија нека биде само уште едно потсетување за исполнување на аманетот.