Фото: Маја Јаневска-Илиева

Насилното одземање на основното право на живот, особено кај дете, не е само чин на суровост и бруталност, туку директен напад врз човештвото, рече обвинителката Жаклина Трајковска во завршниот збор за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Во Основен Кривичен суд Скопје, таа денеска истакна дека ваквите злосторства заслужуваат „не само правна, туку и длабока морална осуда“.
Мотивирани од ветени високи парични суми, како што посочи, обвинетите создале „филмско сценарио, морбиден план“.

-Со изведените докази обвинителството докажа дека обвинетите го сториле кривичните дела што им се ставаат на товар – нагласи обвинителката.

Поточно, дека обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев извршиле две убиства и две грабнувања, додека, Александар Ѓорчевски едно кривично дело грабнување.

Обвинителката посочи дека осудените не покажале ни најмал знак на човечност при грабнувањето на Вања, иако, како што рече, имаат сопствени деца.

-По убиството на Панче, никој од обвинетите не реагирал со човечко чувство – рече таа.

Обвинителството денеска го прецизираше обвинителниот акт во делот на времето во однос на случувањата на настаните.

Во завршниот збор, обвинителката ги образложи во детали случувањата за кои стануваше збор и во доказната постапка, а во кои се опишани грабнувањата и убиствата на Вања и Панче.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.