Фото: Пиксабеј

Австралиските одбранбени сили признаа дека еден од нивните воени бродови случајно блокирал безжичен интернет и радиоуслуги во делови од Нов Зеланд, предизвикувајќи привремено прекинување на комуникациите, соопшти војската на земјата. Инцидентот се случил додека „ХМС Канберa“, еден од најголемите бродови на Кралската австралиска морнарица, бил на пат кон Велингтон. Додека минувал покрај брегот на Нов Зеланд, неговиот навигациски радар ги прекинал безжичните и радиосигналите на голема површина што се протега од Таранаки на Северниот Остров до регионот Марлборо на Јужниот Остров.

Проблемите започнале околу 2 часот наутро по локално време, кога комерцијалните интернет-провајдери и радиостаниците биле принудени да престанат да ги користат фреквенциите. Според портпаролот на Австралиските одбранбени сили, бродот ги открил пречките и веднаш ги променил фреквенциите за да ги елиминира.

Одбранбените сили на Нов Зеланд потврдија дека „проблемот е решен“, нагласувајќи дека контактирале со своите австралиски колеги по пријавувањето на инцидентот. Пречките влијаеле и на локалните радиостаници, вклучувајќи ја и „Бриан ФМ“, станица во Бленхајм, која била принудена да се префрли на резервен систем за да продолжи со емитувањето. Инцидентот предизвика реакции од телекомуникациските компании, вклучувајќи ја и новозеландската „Примо“. Нивниот директор Метју Харисон рече дека „не е секојдневна појава воен брод да ја исклучува опремата“, објаснувајќи дека безбедносните системи биле активирани поради пречки предизвикани од радарот.