Фото: Пиксабеј

Европските земји постепено, но сигурно, се враќаат на нуклеарната енергија

Белгија планира рестартирање на нуклеарната индустрија во земјата во иднина, вклучително и изградба на нови електроцентрали

Неколку земји низ Европа го менуваат курсот или прават целосен пресврт во употребата на нуклеарна енергија, бидејќи владите бараат поголема енергетска безбедност. Овој пат, тоа е случајот со Белгија.
Имено, Белгија се најде во центарот на вниманието овој месец, кога нејзиниот парламент гласаше за укинување на законот од 2003 година со кој се планираше постепено укинување на нуклеарната енергија.

Усвојувањето на оваа одлука на 15 мај овозможи рестартирање на нуклеарната индустрија во земјата во иднина, вклучително и изградба на нови електроцентрали.
Првичниот план на Белгија беше постепено да ги затвори своите седум нуклеарни реактори до 2025 година, но тој беше одложен за 10 години во 2022 година поради енергетската несигурност предизвикана од војната во Украина.

Сегашната конзервативна коалициска влада, предводена од премиерот Барт де Вевер, дојде на власт во февруари и одлучи дека таков пресврт е неопходен за да ѝ помогне на земјата да се справи со своите енергетски предизвици.
– Знаеме дека тоа е извор на енергија со ниска емисија на јаглерод, што значи дека можеме да ги исполниме европските климатски цели, но исто така е и изобилен извор на енергија – рече белгискиот министер за енергетика Матие Бихе.

Тој додаде дека постојат три цели што ги делат со европските партнери.
– Тоа се безбедноста на снабдувањето, контролираната цена и нискојаглеродната енергија. Нуклеарната енергија ги исполнува сите три критериуми – вели Бихе. Р.С.