NASA Space X
Фото: ЕПА

Официјални лица од НАСА и Пентагон минатата недела брзо реагираа, охрабрувајќи ги конкурентите на „СпејсИкс“ на Елон Маск побрзо да развијат алтернативни ракети и вселенски летала, откако претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе ги раскине договорите со СпејсИкс, а Маск одговори со пркос, пренесе „Вашингтон Пост“.

Владините претставници беа особено шокирани кога Маск возврати на Трамп со сопствена закана: „СпејсИкс“ ќе престане да го користи своето вселенско летало Драгон, што би ја оставило вселенската агенција без начин да ги транспортира своите астронаути до Меѓународната вселенска станица.

Маск подоцна ја повлече својата закана. Но, тоа ги вознемири официјалните лица во НАСА, која на „СпејсИкс“ ѝ ги доверува животите на своите астронаути, и во Пентагон, кој во голема мера се потпира на компанијата за лансирање на своите најчувствителни сателити.

Загрижената реакција во вселенските и националните безбедносни агенции ја истакнува ризичната зависност на владата од СпејсИкс за клучни задачи, вклучително и класифицирани мисии. „СпејсИкс“, со договори вредни милијарди долари, транспортира луѓе и товар до МВС, лансира сателити за Пентагон и развива сателити што ги користат разузнавачките агенции. Загриженоста е дополнително засилена бидејќи конкурентите бавно напредуваат, оставајќи ја доминацијата на „СпејсИкс“ главно непредизвикана, а владата со малку опции.

Овој извештај се базира на интервјуа со десетина лица од индустријата и владата, кои зборуваа под услов на анонимност бидејќи не беа овластени јавно да зборуваат за внатрешните дискусии.

Еден официјален претставник на НАСА рече дека набљудувањето на расправијата меѓу Трамп и Маск на социјалните мрежи во четвртокот првично било „забавно“. Но, кога Маск повика на повлекување на Драгон, „тоа стана навистина застрашувачко“.

Слична реакција имало и во Пентагон, каде што еден вработен рече дека офицерите „се погледнаа меѓусебно и рекоа: ‘О, ова веќе не е смешно.’ Сфативме дека не гледаме телевизија. Ова е вистински проблем“.

Поведението на Маск и порано ги загрижувало официјалните лица на НАСА. Во 2018 година, НАСА нареди истрага за безбедносната култура во СпејсИкс откако Маск изгледаше дека консумирал мала количина марихуана во поткастот на Џо Роган. Но, неговата ненадејна закана на социјалните мрежи да го прекине пристапот на НАСА до орбиталната вселенска станица, која ја чинела агенцијата околу 100 милијарди долари во текот на нејзиниот животен век, „пречекори граница“, рече еден поранешен официјален претставник на агенцијата. „Кога сфаќате дека тој е подготвен да затвори сè само врз основа на импулс, таквото однесување и зависноста од него се опасни… Можам да ви кажам дека во НАСА има длабока загриженост.“

Расправијата меѓу Маск и Трамп беше дополнително разгорена од повлекувањето на номинацијата на Џаред Ајсакман за администратор на НАСА од страна на Белата куќа. Ајсакман, кој двапати летал во вселената со „СпејсИкс“, се смета за близок сојузник на Маск.
„СпејсИкс“ не одговори на барањето за коментар.

Од размената во четвртокот, најмалку три комерцијални вселенски компании, „Рокет Лаб“, „Стоук Спејс“ и „Блу Ориџин“ на Џеф Безос, биле контактирани од владини официјални лица за статусот на нивните ракети и кога тие би можеле да бидат достапни за владини мисии, според четворица запознати со прашањата. (Безос е сопственик на „Вашингтон Пост“.)

Претставници на „Сиера Спејс“, која развива вселенско летало Дрим Чејс што би можело да доставува товар до вселенската станица, биле на состанок со официјални лица на НАСА во четвртокот додека расправијата меѓу Трамп и Маск се вжештуваше.

„Сиера Спејс“ е подготвена да обезбеди непрекината поддршка за Меѓународната вселенска станица“ – изјави Фатих Озмен, извршниот директор на компанијата, во изјава за „Пост“.

Тој додаде дека „НАСА ни спомна дека сакаат разновидност и не сакаат да зависат од еден единствен провајдер“. Дрим Чејс „е во финална фаза на тестирање и интеграција во Вселенскиот центар Кенеди“ -рече Озмен.

– Соработуваме тесно со раководството на НАСА за да го лета леталото подоцна оваа година.“ Компанијата исто така работи на варијанта на Дрим Чејс за транспорт на астронаути – рече тој, „која НАСА ја проучува“.

Изјавата на Маск исто така ги вознемири вработените на Капитол Хил. Клучен конгресен комитет праша за статусот на вселенската капсула Старлајнер на Боинг, според лице запознато со прашањето. НАСА планира да го користи Старлајнер за транспорт на екипи до вселенската станица заедно со капсулата Драгон на СпејсИкс. Сепак, леталото е со години зад предвидениот распоред, а за време на својата прва мисија со човечки екипаж до МВС минатото лето, наиде на толку многу проблеми што НАСА одлучи дека не е безбедно да се врати екипажот со Боинг. Но, со заканата на Маск да го прекине Драгон, конгресниот асистент сакаше да знае кога Старлајнер ќе биде подготвен повторно да лета. Во последните месеци, НАСА малку зборуваше за статусот на Старлајнер. Но, како одговор на прашањата на новинарите, агенцијата издаде изјава доцна во петокот, велејќи дека планира лет со Старлајнер до вселенската станица „на почетокот на 2026 година, во очекување на сертификација на системот и решавање на техничките проблеми на Старлајнер“. НАСА сè уште оценува дали капсулата ќе лета со астронаути или само со товар.

Иако подоцна ја повлече, заканата на Маск да го ограничи користењето на Драгон од страна на НАСА може да му наштети на компанијата, која е еден од најдоверливите партнери на владата – рече Тод Харисон, аналитичар за одбрана во Американскиот институт за претпријатија.

– Тоа е речиси како ембарго на вселенската станица – рече тој. „Маск рече дека ќе ја отсече НАСА од нејзината сопствена лабораторија во вселената.“ Харисон посочи дека заканата потсетува на одлуката на Маск во 2022 година да не го активира интернет-системот Старлинк за Украина да изврши напад врз руските сили. Таа одлука, исто така, предизвика негодување дека одбраната на нацијата не треба да биде во рацете на една личност или компанија. Со оглед на искуството на СпејсИкс со управувањето на констелацијата на интернет-сателити Старлинк, се сметаше дека компанијата е природен избор за предложениот од Трамп ракетен одбранбен штит „Златна купола“, кој би се потпирал на роеви сателити во орбита.

Но заканата на Маск беше толку импулсивна што несомнено ќе ги вознемири одбранбените официјални лица, рече Харисон, кои не би гледале позитивно на „идеата дека одбраната на нацијата од ракети може да биде заложник на импулсивните твитови на Елон Маск“.

За астронаутите на НАСА, објавата на Маск на социјалните мрежи „станала многу лична“ бидејќи може да влијае на нивната способност да летаат – рече Герет Рајсман, поранешен астронаут на НАСА кој претходно работел во „СпејсИкс“.

– Не треба да претеруваме со реакцијата на моментално расположение на социјалните мрежи. Но, кога вашите надежи и соништа се врзани за ова, не можете а да не помислите: ‘О, Боже, дали ли ќе летам во вселената? – додаде тој.

Пентагон неодамна се заложи за проширување на воената и вселенската индустриска база, овозможувајќи конкуренција за намалување на трошоците и зголемување на иновациите. Вселенските сили минатата година објавија стратегија во која се вели дека службата ќе се стреми да избегне „прекумерна зависност од еден единствен провајдер или решение“.

За да им се овозможи на повеќе компании да се натпреваруваат за профитабилни вселенски договори, Пентагон неодамна создаде две „ленти“ за лансирачки натпревари. Лента 1 им овозможува на нови учесници да се натпреваруваат за поединечни договори за лансирање на помали и помалку критични сателити; Лента 2 е резервирана за помоќни и докажани ракети што ќе носат сателити кои не смеат да ризикуваат неуспех.

Сепак, „СпејсИкс“ продолжи да доминира во тие мисии. Нејзината ракета Фалкон 9 лансира со невиден ритам, додека ракетите на нејзините конкуренти, вклучувајќи го Вулкан на Обединета Алијанса за Лансирање, Њу Глен на Блу Ориџин и Неутрон на Рокет Лаб, сè уште се во голема мера недокажани. Њу Глен има лансирано само еднаш; Вулкан двапати; Неутрон ниту еднаш. А дури и пред објавата на Маск на социјалните мрежи, Пентагон јавно изрази загриженост за темпото на развој на Вулкан, иако тој доби сертификација за летање на мисии за национална безбедност.

Во изјава до Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом минатиот месец, генерал-мајор на американските вселенски сили, Стивен Пурди, рече дека изведувачите како ULA мора „да воспостават култура на одговорност и да го поправат дефицитот на доверба за да му докажат на [Извршниот директор за набавки за Вселената] дека ги прифаќаат принципите на набавка потребни за испорака на капацитети со брзина, во рамки на предвидениот трошок и според распоред“.

Од правен и практичен аспект, заканите од претседателот и од Маск би било тешко да се спроведат, велат специјалисти за набавки. Ако владата или компанијата се откажат, би се соочиле со големи финансиски казни, рекоа експерти за владини набавки. А ако изведувачот се повлече, тоа би можело да влијае на неговата способност да добива идни договори.

Сепак, некои предупредуваа за навлегувањето на Маск во политиката и последиците за неговите компании. Во интервју минатата година, Питер Бек, извршниот директор на Рокет Лаб, кој се стреми да се натпреварува за договори за лансирање за национална безбедност, предвиде дека купувањето на Твитер од страна на Маск, сега X, и времето поминато покрај Трамп може да завршат со штета за неговите бизниси.

– Тоа сигурно ги прави луѓето да се чувствуваат непријатно – рече тој тогаш. „На крајот на краиштата, ако извршувате важни мисии за национална безбедност, одговорноста паѓа на извршниот директор“.