
Подетален поглед на временската прогноза од повеќе светски извори покажува температури над просекот во поголемиот дел од континентот, но дури откако ќе мине периодот на променливо време. По раниот почеток со поизразени нарушувања на временските модели, средните и подоцнежните делови од летото во Европа ќе бидат со зголемен потенцијал за топлотни бранови
Нaјновите прогнози за летото 2025 година покажуваат динамичен модел на атмосферски движења над Европа. По раниот почеток со поизразени нарушувања на временските модели, средните и подоцнежните делови од летото во Европа ќе бидат со зголемен потенцијал за топлотни бранови. Метеоролошката служба „Свијр ведр Јуроп“ ја објави својата најнова главна прогноза за летото во Европа.
Нестабилно време во последната недела од мај
Во последната недела од мај е видлива мошне изразена аномалија на низок притисок, која се спушта над Европа и го зафаќа целиот континент. Тоа ќе донесе посеверно струење на воздух со нестабилно време и можност за тешки временски услови. Со аномалија на висок притисок над југозапад и североисток, ова е речиси спротивен временски модел во споредба со она што го видовме досега оваа пролет. Подетален поглед на температурниот модел во овој период покажува широка област со температури пониски од просечните низ целиот континент. Прогнозата за врнежи покажува голема површина од Европа со натпросечни врнежи во овој период. Повеќе врнежи се предвидуваат во областа директно погодена од системот со низок притисок, од северозападна и северна Европа кон централните делови и во форма на инка кон југ. Помалку врнежи се очекуваат во тој период над југозападните и крајните југоисточни делови.
Прогноза за јуни
Почнувајќи од јуни, прогнозата за распределба на притисокот покажува област со висок притисок над Северниот Атлантик, со можно проширување кон северозападна Европа. Се предвидува дека ќе се зголеми и гребенот на висок притисок над југ. Подетален поглед на температурниот модел за јуни над Европа покажува потопло од просечното време во северозападните и јужните делови. Сепак, централните и североисточните делови ќе имаат нормални или дури и малку пониски од вообичаените температури за јуни. Ова укажува на можен северозападен ветер над овие области поради системите за притисок, кои дејствуваат како пумпа, со висок притисок на запад и низок притисок на исток. Прогнозата за врнежи, исто така, покажува посув модел. Помалку врнежи од дожд може да се забележат во Западна, Централна и Јужна Европа.
Моделска прогноза на УКМО
Вториот модел што го разгледуваме е УКМО, модел од Британската метеоролошка канцеларија, кој добро се докажа во последниве години. Често служи како добар додаток на ЕЦМВФ, при што реалните услови се некаде помеѓу прогнозите на двата модела.
Гледајќи ја прогнозата за температурата, можеме да видиме потопло од вообичаеното време на поголемиот дел од континентот. Најизразени топли аномалии се индицирани над Централна и Северна Европа, со помали отстапувања над Обединетото Кралство, Ирска и Западна Европа.
Оваа прогноза го покажува влијанието на област со низок притисок над северозапад, која ротира спротивно од стрелките на часовникот. Ова ги потиснува посилните јужни ветрови над централните, источните и северните делови и западните до северозападните ветрови кон Западна Европа со пречки.
Исто така, можеме да го видиме влијанието на оваа област со низок притисок во прогнозата за врнежите. Постои област со зголемени врнежи над северна и северозападна Европа, предизвикана од систем со низок притисок на северозапад. Нејзиното влијание се протега и на Централна Европа бидејќи повремено испраќа вознемирувања од северозапад.
Нè очекуваат суши и температури над просекот
Во последната недела од мај, според прогнозите на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, се очекува зона со изразен низок притисок да влезе во поголемиот дел од Европа. Оваа промена би можела да донесе нестабилно време, постудени температури и пообилни врнежи од дожд, особено во централните и северните делови на континентот. Овој временски модел е многу различен од помирната пролет, што укажува на динамичен премин во метеоролошко лето.
Почетокот на летото би можел да биде релативно стабилен, со нешто поблаги температури во централните и североисточните делови на Европа. Високиот притисок над Северниот Атлантик и Јужна Европа, како и нискиот притисок над североисточниот дел од континентот, би можеле да воспостават северозападен тек што ќе донесе свежина и постабилни услови во централниот дел.
Сепак, Западна и Јужна Европа можат да очекуваат температури над просекот уште во јуни, а се предвидуваат сушни периоди за поголемиот дел од Западна, Јужна и Централна Европа. Повеќе врнежи се можни на север – особено во Велика Британија, Скандинавија и делови од Полска. Долгорочните прогнози за јули и август – клучните месеци од летото – покажуваат јасен тренд на зголемување на температурите и намалување на врнежите од дожд низ целиот континент. Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, еден од најсигурните метеоролошки модели во светот, предвидува значително натпросечни температури низ Централна, Западна и Јужна Европа, продолжени сушни периоди под влијание на стабилен висок притисок и зголемена веројатност за топлотни бранови, кои може да бидат посилни и почести во споредба со претходните сезони.
Високиот притисок, познат како блокирачки антициклон, ќе дејствува како штит што ги отклонува циклоните кон север, оставајќи голем дел од континентот под сув и топол воздух. Ваквите услови поттикнуваат развој на суши и намалување на речните текови и создаваат ризици за земјоделството и здравјето на населението. Д.Ст.