Фото: ЕПА

Пакистанската армија денеска ја обвини Индија за напад во југозападниот регион Белуџистан, во кој загинаа седум војници.

Во соопштението се наведува дека напаѓачите се припадници на Белуџистанската ослободителна армија (БЛА), за кои армијата тврди дека се „индиски посредници“. Тие поставиле импровизирана експлозивна направа и ја погодиле воена кола.

БЛА е најсилна меѓу бројните бунтовнички групи активни во Белуџистан – регион богат со минерали, со значајни кинески инвестиции.

Напнатоста меѓу Индија и Пакистан е засилена по нападот во индиски Кашмир на 22 април, во кој загинаа 26 луѓе, главно хиндуистички туристи. Индија го обвини Пакистан за вмешаност, што Исламабад го негира.

Пакистан неодамна спроведе две ракетни проби, а Индија најави вежби за цивилна заштита во неколку сојузни држави.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди, денеска потврди дека индиските води ќе се користат исклучиво во интерес на Индија и повеќе нема да течат надвор од земјата. Изјавата се смета за индиректна порака до Пакистан, откако владата на Моди соопшти дека ја прекинува примената на Договорот за водите на реката Инд поради терористичкиот напад во Пахалгам – јави индиската агенција ПТИ.

– Порано водите кои со право ѝ припаѓаат на Индија одеа надвор од земјата. Сега тие ќе течат и ќе се задржуваат во интерес на нашата земја, рече Моди на форум во Њу Делхи.

Тој не го спомена директно Пакистан, ниту  ескалацијата на тензиите меѓу двете земји по нападот на 22 април во туристичкиот град Пахалгам во индискиот Кашмир, во кој загинаа 26 цивили, главно туристи. Делхи го обвини Исламабад за нападот, иако никој не презеде одговорност, а Пакистан категорично ги негираше обвинувањата.

Договорот од 1960 година меѓу Индија и Пакистан за споделување на водите на реката Инд беше еден од ретките долготрајни механизми на соработка меѓу двете нуклеарни сили. Нападот во Пахалгам беше најсмртоносниот врз цивили во индискиот дел на Кашмир во последните две децении.