Фото: Пиксабеј

Работниците на Чикаго се заслужни за тоа што во голем дел од светот се одбележува Први мај како меѓународен празник на трудот, посветен на борбата за зачувување и унапредување на работничките права, а всушност е ден на кој се оддава почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Тогаш повеќе десетици илјади работници на Чикаго излегоа на улиците, со единствена цел да издејствуваат воведување осумчасовен ден.
На првиот конгрес на Втората интернационала, одржан во 1889 година, било одлучено Први мај да биде заеднички празник во сите земји, на кој работниците треба да манифестираат единство и солидарност во своите барања за подобрување на својата положба. Оттогаш празникот е манифестација на класната солидарност на работниците во светот.
Први мај во Македонија е државен празник, како и во повеќе земји во светот. До 2006 година се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден. Вообичаено, кај нас овој ден се користи за излети во природа. Речиси секој град има свои традиционални излетнички места, а тоа се најчесто прекрасни зелени ливади покрај вода, каде што населението ја пали традиционалната скара и со песна и игра го поминува денот на трудот. И во другите европски држави овој ден се прославува во природа, покрај логорски оган, а во некои земји во Северна и Централна Европа во природа се излегува ноќта спроти Први мај (Валпургиска ноќ) и се прославува плодноста, при што се пие и се пее долго во ноќта покрај запалените огнови. За разлика од ваквото празнување, кое има корени во паганското чествување на природата, во некои држави работничките синдикати организираат масовни протести на кои се истакнуваат нови барања за подобрување на работничките права.
Иако повеќето луѓе ќе го одбележат слободниот ден со прослава, не заборавајте да го почитувате вистинското значење на овој празник.