ДОСТАПНА Е ПРВАТА НЕФОРМАЛНА ДИГИТАЛНА БИБЛИОТЕКА
Букбади (книжевен пријател) е името на новата дигитална алатка на издавачката куќа „Антолог“, која е замислена како платформа преку која на книгите ќе им се даде можност да живеат многу животи, а на читателите да имаат побогат социјален пристап до сродните луѓе и да добијат поголема достапност до книжевните дела објавени во различни временски периоди.
– Секој од нас има некој пријател со кој разменува или позајмува книги, а сега постои совршен партнер што нуди многу повеќе. Дали си подготвен да го запознаеш твојот нов најдобар книжевен пријател? Во време на брза потрошувачка и дигитална изолација, Букбади се појавува како свеж и хуман концепт што ја слави моќта на споделувањето и враќањето на смислата на литературата. Платформата е креирана со плурална и антиконсумерска концепција: наместо постојано купување нови книги, кои потоа завршуваат заборавени на полици, Букбади им дава континуиран живот на книгите и создава мрежа на љубопитни и штедри читатели, кои веруваат дека книгите треба да циркулираат – од рака во рака, од ум до ум – велат од „Антолог“.
Букбади почнува како отворена онлајн платформа за читање книги, каде што секој може да позајми или да додаде книга што сака да ја сподели со заедницата, така станувајќи дел од една неформална дигитална библиотека. Идејата е едноставна: секоја книга носи ново пријателство, а секое пријателство – нова приказна.
Платформата е отворена за сите – единствениот услов се љубовта кон книгите и почитување на заедничките правила, кои се слични на членување во вистинска библиотека. Наместо купување, овде книгите се добиваат преку позајмување, доверба, комуникација и интеракција. На тој начин, Букбади ја охрабрува циркулацијата на знаење и емпатија, ја поттикнува одржливоста и гради нова култура на читање базирана на меѓусебна поддршка и фер користење.
Секој корисник има свој профил со оценки и коментари, а тимот на Букбади секогаш е тука за поддршка, модерација и превенција на злоупотреби. Сите позајмувања се на сопствена одговорност, но правилата и можноста за пријавување корисници го прават искуството фер и безбедно. За почеток ќе бидат достапни дваесетина наслови во издание на издавачката куќа „Антолог“, а се надеваме дека бројот многу бргу ќе порасне до неколку десетина дела.
Букбади е реализиран во рамките на проектот „Создадено во Европа: Moќта на различноста“, а со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во состав на „Креативна Европа“ на Европската Унија.