Фото: ООУ „Мурат Лабунишки“

Екокукла направена од учениците од ООУ „Мурат Лабунишки“ од струшко Лабуништа краси градинка во Велика Горица, Хрватска

Учениците од 4-4 oдделение од ООУ „Мурат Лабунишки“ од струшкото село Лабуништа, заедно со нивната наставничка Сузана Ќелешоска, редовно го следат еколошкиот календар и тој им е водич за реализирање многубројни еколошки активности. Како што растат децата така активностите стануваат посложени.
По повод 22 април, Денот на планетата Земја, тие минатата година истражувале и пребарувале по интернет и дошле до многу интересни идеи и сознанија. Но една изработка на екокукла им оставила особен впечаток, па посакале да се обидат да изработат таква кукла.
Една стара кукла од излогот на некој бутик послужила како основа, а потоа следувала повеќедневна работа, обложување со рециклирани материјали како картон, хартија… Оваа екокукла, која в раце ја држи планетата Земја, добила и свое фустанче благодарение на две мајки од одделението, кои се професионални шивачки, и ја дотерале баш по мера.
Но приказната не завршува тука.

Имено, на Седмата регионална наставничка конференција во Велика Горица, Хрватска, каде што наставничката Ќелешоска се стекна со титулата „најдобар наставник во регионот“, на македонскиот штанд имаше изработки на темата „Екоемпатија“. Ќелешоска успеала да ја однесе целата огромна кукла дури до Хрватска и таму да го краси македонскиот штанд. Куклата секако измамила многу погледи и наишла на воодушевување, но не се вратила во Македонија.
Меѓу другите многубројни активности за време на конференцијата, при посетата на градинката „Цицибан“ во Велика Горица, наставничката Ќелешоска одлучила оваа екокукла да ѝ ја подари на градинката, да остане на радост на децата и како спомен од Лабуништа и од Македонија за хрватските деца и наставници. Фотографијата е испратена од градинката „Цицибан“ каде што оваа екокукла ужива со своите другарчиња – децата.
А што мислите? Како реагирале учениците од 4-4 одд. кога наставничката се вратила во училницата без куклата? Тие многу се израдувале и рекле дека ќе направат нова кукла бидејќи сега веќе се мајстори за таа работа.

Ф.Д.