Група на новинари наречени „заштитници“, кои беа таргетирани поради нивната работа, се добитници на престижното признание за личност на годината на американскиот магазин „Тајм“.
Меѓу лауреатите е убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, како и неговите колеги од „Ројтерс“ Ва Лон и Каав Сое Ло кои беа уапсени минатата година во Мјанмар поради нивното истражување на убиствата на Рохинџите. Двајцата новинари уште се во притвор, додека нивните сопруги се фотографирани за насловната страница на „Тајм“.
Наградени се и новинарите на американскиот весник „Капитал газет“, чии петмина вработени беа застрелани во јуни. Четвртонаградена е уредничката на интернет-порталот „Раплер“, Марија Реса, која неодамна се соочи со обвиненија за избегнување данок, во случај што отвори прашања за граѓанските слободи на Филипините. Новинарите ќе се најдат на насловните страници на четири изданија на магазинот.
На второто место во изборот заврши американскиот претседател Доналд Трамп, додека на третата позиција следи специјалниот обвинител на САД, Роберт Малер, кој раководи со истрагата за руското мешање во американските претседателски избори во 2016 година.