фото: М.Т.

По стравотната трагедија во Кочани

Дани Димитровска, пејачка
Дупка без дно… што ли уште треба да поднесеме? Уште колку можеме? Живееме ужас, дишеме отров, гледаме јад.. Трагедија е мал збор. Чувство на погубност… Сочувство.

Ружица Брчиоска, „Ареа“
Каков кошмар! Но кога ќе се разбудиш кошмарот е уште поголем. Андреј, Сара, Филип, Александар, Ѓорѓи… не можам да ве извадам од глава. Нека ви е светол патот, ќе се видиме во некој нов живот, на некое поубаво место. Ќе ве паметиме по добро. Посакувам оздравување на повредените и нивно враќање дома кај нивните најблиски.

Росана Сариќ Тодоровска, пејачка
Македонија нема систем… Зборови од министер. Ви благодариме што ни кажавте дека немаме систем… Ние инаку скоро сите овие 30 години тоа не го знаевме… Срамно… До кога со политички поени, корупцијата до највисоко ниво, а сите вие овие повеќе од 30 години го доведовте системот до дно… И повеќе од дно… Ајде вадете се сега како и по обичај овие се криви, не оние се криви. Крив е народот што слепо ви верува. Брука сте сите.

Ѓоко Ѓорчев, пејач
(Во спомен на музичарот од Штип, Филип Стевановски)
Братче, многу денови, години поминавме заедно, многу непреспани ноќи во студио, многу концерти, многу награди освоени. Во петокот се видовме за последен пат во овој свет, но не е крај! Еден ден ќе се дружиме, ќе пееме, таму горе, заедно со нашите колеги. Спомените никој не може да ни ги земе. Чест ми е што имав за другар врвен музичар, но пред сѐ човек со срце како планина. Летај братче мое во небесните височини, летај во вечноста.

Игор Узунов, музичар
Не знам колку срца престанаа да чукаат, но знам дека престанаа сите наши! Тие деца се наши деца, нашата иднина што требаше да биде. Тоа се нашите колеги кои носеа радост на сите нас! Македонија сплотена! Само така ќе докажеме дека искрено сме тука сега и засекогаш за сите и со сите! Плачат срцата, скршени се душите!

Јасмина Пакашки, новинарка
Нема зборови за оваа болка. Само молк. Засега. Сочувство до семејствата на сите што ги загубија своите млади во овој пекол. Сочувство до цела Македонија.

Јоце Панов, пејач
Огромна трагедија ме разбуди ова утро. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на починатите. На повредените им посакувам брзо закрепнување. Никогаш да не се повтори.

Драган Б. Костиќ, радиоводител

Искажаното сочувството како и радоста е вербална емоција. Чувството на тага е длабока душевна емотивна состојба. За невини луѓе кои радоста ја завршија трагично. За семејствата бесконечна болка. За сите други, колективна тага која се претвора во вечен спомен. Со верба дека виновните ќе си ја платат вината. Како предупредување дека ваквите трагедии нема да се повторат. Драги луѓе, почивајте во мир.

Коки Јанков, музичар
Почивајте во мир… Сочувство до семејствата… Овде сме родени и овде не мора да умреме… Пепел.

Биба Додева, пејачка
Немам зборови што можат да ги опишат тагата и гневот за загубените животи на Сара, Андреј, колегите од бендот, младите деца и сите кои ги загубија своите животи во оваа трагедија… Сочувство до семејствата.

Зоран Кесиќ, ТВ-водител од Србија
Почитувани Македонци, наше најдлабоко и најискрено сочувство за трагедијата во Кочани. И ме мачи совеста што поради случувањата кај нас дури сега го пишувам ова и морам. Моите асоцијации со Македонија се радоста на животот, песната, топлината, гостопримството и езерото големо како море, толку огромно што не можеш да му го видиш крајот, каде што како дете минав две-три лета со моето семејство. Тагата е огромна. Ние сме со вас, драги пријатели.

Огнен Јаневски, новинар
Каква болка. Какво страдање. Каков ужас. Нè надвисна црн чад – и над главите, и над срцата. Нема зборови што ќе ја опишат оваа тихост. Најдлабоко, најискрено сочувство за семејствата на загинатите, за сите погодени на каков и да е начин од трагедијата со пожарот во Кочани. Ужас…

Џина Папас-Џокси, музичар
Момент кога вистината боли. Најдлабоко и најискрено сочувство до семејствата на сите починати во оваа трагедија. Почивајте во мир.

Снеже Велков, ТВ-водителка
Мала е моја Каменица, па личните трагедии се доживуваат како свои. Оти сите се знаат, па кога е болно е болно за сите и само така е правилно. А Кочани и Штип, ене кај се, наши сме сите, та боли и душа распара… Сочувство за загубата до семејствата и молитви за побрзо опоравување на повредените. Сотрен е Истокот, сотрен и крвав…

Каролина Петковска, ТВ-новинарка
Тажно… колку само убавина, младост, соништа и среќа ни заминаа денес од животите! На сите! Сочувство за семејствата на погинатите, сила и храброст за повредените и нивните семејства… и ум за сите нас без исклучок!!! Што уште треба да ни се случи, што не ни се случи во годиниве наназад за да престанеме со: лаги, мито, корупција, дивеење, заштитување, заташкување, крадење, купување слободи, дозволи, титули, дипломи и местења според партиски и роднински заслуги во директорски фотелји… Срам да ни е!!! Сите сме виновни! Тажно…

Бранка Костиќ Марковиќ, новинарка
Импровизацијата, дилетантизмот, толерирањето неспособност и неказнивост на секое поле ја влечат Македонија во целосна пропаст. Сочувство до семејствата што загубија деца, повик до надлежните да ја спроведат казната, а потоа да се повлечат од функциите. Доста е веќе губење на човечки животи!

Виолета Танчева-Златева,писателка

Каква ужасна народна трагедија! Каков ужасен и ненароден систем кој со децении си игра водење држава додека обичниот човек страда од неговата неразумност и неодговорност! Сочувство, Македонијо!

Ирена Павлова де Одорико, поетеса
Младоста изгоре. Уште еднаш те завија во црно, моја Македонија. Тебе, и, твоите Мајки! Тебе, и твоите Татковци! Побелени коси преку ноќ. Некој е одговорен за тоа. Која душа ќе го издржи ова…

Марина Коруновска, музичарка
Вчера бев во шок и бев бесна, денес освен безмерна тага осеќам вина и срам пред сите деца за кои не обезбедивме ништо квалитетно како општество. Не верувам во никој повеќе! Бог е сила над силите.

Огнен Здравковски, пејач
Господе златен и семожен, те молам нека прекине ова. Доста е! Боли премногу… Сочувство до сите семејства на сите починати…

Сузана Спасовска, пејачка
Невидена трагедија!!! Со голема болка изразувам сочувство до семејствата на загинатите во дискотеката. Помилуј ги Боже и отвори им ги рајските порти! Нека почиваат во мир! Да се молиме за сите повредени, за поскоро опоравување, меѓу кои и за нашите драги колеги Андреј, Панчо и цела група „ДНК“! Господи, помилуј ги, и спаси ги!
П.С. За жал, Андреј, Филип, Ѓорги, нашата мила Сара, Александар Коларов, Буцо, Александар Ефремов… заминаа и оставија болка во нашите срца. Ќе ги паметиме заедничките дружби, музицирања и професионализам, а пред сѐ, човечност и колегијалност. Царство Небесно!!!

Група „Нокаут“

Не е лесен животот на музичарите, но не смее да биде трагичен. Андреј, Сара, Ѓорѓи, Александар, Филип, Александар и сите вие кои прерано ги изгубивте животите во Кочани, мирно ви небо. Најдлабоко сочувство од Нокаут.

Блага Петреска, пејачка
Народе македонски има ли крај, умната младина ја избркавме од Македонија сега оваа млада генерација ја издрогиравме и ја запаливме, па дали не е срамно и ниско ова што ѝ се случува на Македонија? Солзите ни пресушија духот ни е убиен…

Бојана Скендеровски, пејачка
Трагедија, огромна болка, нема зборови ни за утеха… каков претежок ден, Господе. Ах бре деца…

Вики Ристоска, ТВ-новинарка
Трагедијата во Кочани е колективна трагедија. Егзодус на еден град. Најтешко погодени се семејствата на починатите и повредените, кои се во состојба на шок. Кога имаме вакви страшни загуби, особено на толкав број деца, сите сме погодени. Токму и затоа би требало да ги разбудиме хуманоста, човечноста и поддршката во секој еден од нас. Да се сплотиме како никогаш досега. Човечки би било да се ставиме во улогата на родителите и да разбереме дека во трауми, не се сеќаваме баш на сè, не ги процесираме сите примени информации, затоа што нѐ совладуваат емоциите, имате проблеми со меморијата, чувствувате безнадежност…
И оваа трагедија покажува дека ни недостига култура на однесување. Се чини, како да не ја разбираме траурноста на ситуацијата. Нема ништо пострашно од сознанието дека не може да си го пронајдете детето. Нема ништо пострашно од стравот дека детето не ви е живо… Страшно сознание е загубата на дете. Престрашно. На починатите и на нивните семејства им го должиме мирот кој го заслужуваат. На родителите, разбирање и човечка поддршка. Сè друго е само непотребен вишок. Понекогаш влијанието на траумата се појавува дури по недели, месеци или дури и години по трауматичниот настан. Затоа да внимаваме. И зборовите се оружје кое повредува силно. Често предизвикуваат и непотребна агресија. Да се воздржиме од непотребни зборови кои може да бидат потпалувачка искра во вакви исклучително емотивни состојби. Особено тука на социјалните мрежи. Се чини дека итно ни треба програма за комуникација во која треба да бидат вклучени сите, институции, училишта, медиуми и секако ние, луѓето. Длабоко сочувство до семејствата на трагично починатите во пожарот во Кочани. Искрени желби за брзо закрепнување на повредените. На родителите, на луѓето во Кочани длабоко од срце им посакувам сила за справување. Ова што се случи, не е лесно.
За сите нас, посакувам да научиме да почитуваме и понекогаш да тихнеме, наместо непотребно да галамиме. Сега не е време за говор на омраза. Ова е време на плач, силен и неутешен. И да, потребно е прецизно лоцирање на одговорноста и санкционирање. За доброто и сигурноста на нашите деца во иднина.

Џими Роџерс, македонски музичар што живее во Австрија
Премалку е да изразам само сочувство. Страшно и бескрајно болно. До каде и до кога веќе со цел тој неред, едно нешто убаво не слушнавме… И така се прашувам можно ли е ова да се немало 3 грама мозок. Па ајде сите да се запалиме тогаш, да нѐ нема сите. Па што да мислам после оваа лудорија, ебиветри на некои позиции си играат шериф и не знам што уште. Се некои Тарзани, прости и глупи ликови као нешто важни или не знам што. Нема однос, правила има или нема, не знам веќе ни сам и дали има. Се јадат „бумбари“ да се влагало у ЕУ. Тој мајмун што е негова таа „сискотека“. Клуб ли е, што е. И други како него неодговорни… и еве што се случува кога се нема одговорност. Тие неодговорни, а ги има многу, се злосторници со таа и неодговорност. Дозволија да се уништат толку млади животи. Нека ви е на чест БЕСРАМНИЦИ. Човек фактор, ете тоа ни е, и премалку ми е само да кажам сочувство до фамилиите. Греота за сите тие млади луѓе, би можел секој од нас така да настрада. Јас лично многу добро знам што би им правел на тие неодговорни „Тарзани“. И ете тоа ни е сега… ќе си жалиме… непребол…, а можело да биде и нормално, не туку таму требало све ненормално да биде…

Кристина Арнаудова, пејачка

Во овој момент, кога сме сите скршени од болка, а најмногу стотици семејства кои ги изгубија своите најблиски во ужасна и незапаметена трагедија, на постови има некакви луѓе кои кажуваат како тие што биле таму, ако биле во црква на литургија немало да се случи тоа, па после шо барале у диско у 3 саат (?!? стварно бе), па ако родителите ги контролирале немало да излегуваат (?!?).
Разбирате дека ова зло нема граници, така? Дека ова е чисто зло што излегува од вас!!! На најголема трагедија да обвинуваш деца што биле у диско, родители што ги пуштиле, што пиеле алкохол, просто, што живееле еден најнормален живот на секој млад човек! Пееле, испиле две пијачки и се дружеле! Па ај кажете вие светците, ако треба еве сите да се замонашиме, да не уживаме, да не пееме, да не се дружиме! А бе дал сте здрави со коментарите во вакви моменти, да делите памет?!? Дали?!?!?