Лепенки од мрачни сеќавања

Илустрација: „Нова Македонија“

ХОЛОКАУСТОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ

  • Има два факта што би било човечки секој Македонец да ги учи на училиште (а и секој Евреин во светот). Прво, Законот за заштита на нацијата и на ариевската крв од 1941 година, потпишан од царот Борис Трети, кој е законска основа за понижувањата и за геноцидот. Тој е идентичен со законот на Германците од 1936 година од Нирнберг. Покрај Евреите, со тој закон се убивани и неевреи – Македонци, Бугари, Роми и Турци. Во музејот на Никола Вапцаров велат дека и тој е убиен по овој закон. Второ, на 11 март 1943 година се одвило брутално собирање на сите Евреи од Македонија во логорот Монопол во Скопје, од каде што во три конвои биле транспортирани до логорот на смртта Треблинка (Полска) и сите убиени во гасни комори
  • Годинава во Аушвиц отидоа фаци што не ги признаваат злосторствата на холокаустот, а таму кажуваат плачопојки. Некои политичари одбиваат чествување во Јасеновац, а одат во Аушвиц. Што е тоа? – Маски. Хајл, маско! Во ЕУ постои закон дека ако се негира холокаустот или бројот на жртвите, тоа е антисемитизам. Друго, ако земја што била на нацистичка страна не се извини, не може да биде примена во ЕУ. А Бугарија што прави?

Војна. Смрт во долина на забранета смиреност. Природата не дозволува мир. А ако преживееш, планина си. Велат постои праведна и неправедна војна. Лага! Ти убиваш, тој убива. Ако победиш – праведен си. Злосторството и правдата се брат и сестра. Нацизмот е патологија на слабиот, кој нашол толпа и водач. Финансиските игри се основа. Нацизмот е – социјализам, капитализам, насилства и робови. Нацизмот е лек при пад на демократијата. Мирот значи капитулација. Размислете! Гледаш – беше горе, сега си долу. Тоа се вика „транзиција“. Велат дека непријателот (фашистот) е праведникот, а ти си шуша што некогаш ги избркала. Стана влада. Капиши? Капитулација.
Две работи во принцип овде нема да ги кажуваме – имињата на виновници или жртви (осетлива материја) и идеологиите што се суровина на војните (опширност). Само некои блиц-сеќавања од родителите. Многу малку за самиот холокауст во Македонија, бидејќи е зборувано на илјада места. Холокаустот заврши – ама не заврши! Како нацистите го откриле дедо ми? Тој беше банкар и најбогат во Битола. Кога наци Ес-ес единици влегоа во Битола, прв што го уапсија беше тој. Го одведоа во банката и му наредија да го предаде златото. Како знаеја? Го поткажал најдобриот другар. „Другарот“ ги запрашал нацистите: „Зарем нема да го убиете?“ „Тој е мртов, зошто да трошиме куршуми“. Дознавме дека кон крајот на војната „пријателот“ бил убиен од партизаните, бидејќи поткажал многу луѓе. Кога дедо ми се вратил дома, ѝ кажал на мајка ми: „Ќерко, оди со партизаните“. „Зарем со комунистите, па тие нѐ сметаат за богаташи“, рекла таа. „Ти немаш деца и фамилија, само со нив имаш шанси да преживееш… ние со фамилии сме готови“. Преку организација таа отишла кај чичко Б. во дуќан, а тој под куќата скрил неколку девојки Еврејки и ги пратил во партизани. Гледала како брутално ги собираат нејзините за да ги пратат во логор. Велеше: „Сакав да одам со нив, со нив да умрам, но некој мора да остане жив и да ја каже вистината“. Партизаните не можеа да ги земат сите што бараа. Немаа оружје, храна и облека. Некои партизани што доаѓаа од Егејска Македонија ги враќаа и тие исчезнаа. Чести масакри и клања. Јадеа габи, желки, полжави… Кој паничи – куршум. Закон – куршум. Борбата е крв, а пасивноста е предавство. Над оружјето се идејата, надежта и достоинството.

Д-р Хаим и Берта Абраванел од Битола беа спасени од селани Албанци во Косово. Криење како на филм. Големо дело. Госпоѓата Шлезингер била богаташка од Австрија дојдена во Скопје. Кога Ес-ес единици влегле во Скопје, ги собрале Евреите за да ги ликвидираат. Госпоѓата го викнала командантот „на кафе“ и му тутнала неколку златници во џебот. Командантот „одушевен“ ја прегрнал. Неколкупати одел „на кафе“, па ликвидацијата била одложена. Таа со фамилијата е ликвидирана на унгарската граница.
Има два факта што би било човечки секој Македонец да ги учи на училиште (а и секој Евреин во светот). Прво, Законот за заштита на нацијата и на ариевската крв од 1941 година, потпишан од царот Борис Трети, кој е законска основа за понижувањата и за геноцидот. Тој е идентичен со законот на Германците од 1936 година од Нирнберг. Покрај Евреите, со тој закон се убивани и неевреи – Македонци, Бугари, Роми и Турци. Во музејот на Никола Вапцаров велат дека и тој е убиен по овој закон. Второ, на 11 март 1943 година се одвило брутално собирање на сите Евреи од Македонија во логорот Монопол во Скопје, од каде што во три конвои биле транспортирани до логорот на смртта Треблинка (Полска) и сите убиени во гасни комори. Таму се ликвидирани и Евреите од варшавското гето. Има повеќе книги на таа тема (Матковски, Колономос, Вангели, Лебл, Леа Коен, Аса, Бенбаса, Албохер). Во самата Бугарија егзекуцијата била забавена (страв од Црвената армија), но биле убиени и умрени 5.000 бугарски Евреи – комунисти, стрес и болест. Инаку, почнало товарање на 50.000 бугарски Евреи, но тоа било спречено од активистите Димитар Пешев, Владимир Куртев и владиците Кирил и Стефан. Од Македонија биле депортирани 7.144 Евреи (од Скопје, Битола и Штип), од Тракија околу 5.000 и од Јужна Србија околу 300 Евреи. Очевидци велат дека оние од Тракија ги качиле на брод во Дунав и го потопиле. Грчките (и егејските) Евреи ги депортирале во Аушвиц, каде што им биле правени грозни експерименти од докторите Менгеле и Глауберг, кои не се судени за злосторствата. Татко ми бил во бугарски логор – Плевен, а го ослободила Црвената армија. По војната беше педијатар и велеше дека најмногу деца умирале од глад. За соработници пишуваат проф. Ѓорѓи Малковски, Бабановски и Бабагинин со коавтори. Некои партизани се измешале со бугарските и албанските и награбусале. Музејот на холокаустот, сега Центар за холокаустот и мир во Скопје, ги има сите информации (прст во око за нацистите во светот). Собрани во Монополот, Евреите ги сместиле во сталажите за тутун, со кофа за нужда, вода од шмрк и по една неготвена рипка на ден. Во вагоните имало по осумдесетина, без вециња и храна, всушност вагонот им бил и веце и легло. Исто постапиле и со Евреите од Тракија и од Јужна Србија. Собирањето се вршело по прецизни списоци од Бугарите и од Германците, со адреси, име, презиме и возраст.
Од каде податоци? Поткажувачи – цвеќе на гнасот. Гнас и денес. Разузнавање воделе Ес-ес офицери. Главен бил Курт Валдхајм, повоен генерален секретар на ОН. Зошто Евреите? Приказна за другпат. Официјална Бугарија негира сѐ во врска со холокаустот. Бугарско-македонскиот конфликт е војна на умот меѓу средниот век и антиката.

Две деца успеале да избегаат од Монополот, кажуваше чичо Н. По војната успеале да се качат на брод што одел во Израел. Пред брегот – буууум – експлозија. Британска мина. Британија не дозволувала населување на Евреи во Палестина, по барање на ерусалимскиот муфтија Ел Хусеини (колачот од Босна). Поголем дел преживеани партизани (стотина) отишле во Израел и влегле во нови војни. Партизанката Ж.Л. беше пратена две години на Голи Оток за кажување виц („Тито е најтешката бела лала“). А една селанка станала љубовница на еден истакнат партизан. Тој, за да не се жени, ја обвинил за шпионажа и била осудена на смрт. Мајка ми ја протежирала, но еднаш била на терен и кога се вратила – ја немало селанката. Неретка приказна. Има многу реваншизми, кои се знаат или не. Поткажувачи имало колку сакаш, а и наши во бугарски униформи. Историјата е куплерај на предавници и битанги.
Еден од моите роднини, М.И., велеше дека партизаните се приближиле до Солун, но дошла наредба за повлекување. По војната, еднаш по наредба отишол со група во Босна. Видел голема група заробени четници, за судење. Утрото рано слушнал „кркљање“ и излегол да види – цело поле заклани. Еден друг застрелал околу 50 балисти што ги чувал. Одмазда. А тие претходно заклале цело село. Масакрот е црно семе на нова држава. Инаку, по селата имало жени и деца на партизани. Бугарите ги фаќале и ги беселе или палеле со бензин. Бебиња дигале на сабји (ова е од очевидци). А како знаеле? – Поткажувачи!
Во некое село една бабичка им се пожалила на партизаните дека ѝ украле леб. Го нашле лебот кај еден млад борец на 19 години. Го стрелаа – за пример. Еј, браќа „демократи“, партизаните стрелале за леб, а денешните „лидери“ крадат милиони евра! „Само да рата не буде…“ – така ли беше песната? Партизаните ги таманеа поткажувачите. Помрачина. А кога на власт дојде првиот бугаровљубен премиер, почнаа да плачат и да плачат и да плачат за „бугарашите“ (наши поткажувачи) од Велес. Па, и мене ми се плачеше. А што беше? Тие, „бугарашите“, ај што предале многу луѓе, ама фатиле една пријателка на мајка ми, партизанка, ѝ ја исекле главата и играле фудбал со неа. Потоа главата ја ставиле на излог од една продавница неколку дена. Што ќе кажете? Вљубениот премиер со своите полтрони, за кои имав длабоки лобирања во САД, ме прашуваа: „Што имате вие Евреите против Бугарите? Реваншизам? Престанете!“ Врие од предавници кај нас, врз глава ви се, до вас, посматраат, ви дишат во мозокот. Македонија е Казабланка на Балканот. Кој владее?
Пред крајот на војната партизаните фатија еден млад Германец, од 17 години. Хитлерјунген. Мајка ми му велела да молчи, оти доаѓа крај на војната, па ќе го пуштат. Тој ја прашал: „Еврејка ли си?“ „Да, Еврејка сум“. Тој само се свртел, подигнал рака и врескал: „Хајл, Хитлер“. Лути партизани го упуцале. Колку такви дечишта снемало? А преживеани нацисти и помагачи станаа политичари во Европа и кај нас. Усташи и четници стануваа функционери. НКВД – плева. Имало кратка епизода кога влегла руската армија во Македонија „да помага“ по повик на Тито. Нивното „помагање“ во Македонија се состоело во ракија и жени. Брзо ги пратиле во Србија, демек таму уште имало Германци. Германците во Македонија биле транзит за Грција. Проблеми, убиства и депортации правеле бугарската армија и балистите. Во ослободена Битола мајка ми забележала две калуѓерки како седат на улица и плачат. Ги препознала – професорки од нејзината Француска католичка гимназија. Ги зела кај себе, бидејќи немале стан, а потоа им обезбедила пасоши и карти за да се вратат во Франција. Записниците од судењата – се уништени.

Годинава во Аушвиц отидоа фаци што не ги признаваат злосторствата на холокаустот, а таму кажуваат плачопојки. Некои политичари одбиваат чествување во Јасеновац, а одат во Аушвиц. Што е тоа? – Маски. Хајл, маско! Во ЕУ постои закон дека ако се негира холокаустот или бројот на жртвите, тоа е антисемитизам. Друго, ако земја што била на нацистичка страна, не се извини, не може да биде примена во ЕУ. А Бугарија што прави?
Моите родители имаа високи позиции во општеството по ослободувањето – без фамилија. Мајка ми беше кадровик и неколкупати беше праќана на консултации со Тито. Пријатели ни беа Лео Матес, Бранка и Павле Савиќ, Нина Асео и Јакоб Пресбургер. Во Македонија бевме многу блиски со Лазар Колишевски, Фана Цветковиќ, Вера Ацева, Крсте Марковски, Димитар Влахов, Густав Влахов, Мара Нацева, писателите Ацо Шопов, Блаже Конески, Малески, Јован Котески…, а роднина ни беше народниот херој Чеде Филиповски. Сите беа криптоподдржувачи на Израел и Евреите поради нас, опасно во тоа време. Титоисти? Црвена аристократија? Проблем ви се? Најдете подобри! Во Франција мои роднини се спасени од Католичката црква. Во Израел – бивши партизани се војници и основачи на разузнавањето таму. Старата генерација е почината, а и нашата одминува. Аманет – помни за да постоиш.

професор д-р Самуел Садикарио Колономос

ВО ЧЕСТ НА ЕВРЕИТЕ ДЕПОРТИРАНИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ЛОГОРОТ НА СМРТТА ТРЕБЛИНКА ВО 1943 ГОДИНА.