Фото: Пиксабеј

Инженерите на американската вселенска агенција НАСА исклучуваат два инструменти за да се осигурат дека вселенските летала „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ можат да продолжат со истражување на вселената надвор од границите на Сончевиот Систем. За да ја зачуваат енергијата за понатамошно меѓуѕвездено истражување, инженерите на мисијата во лабораторијата за млазен погон на НАСА го деактивираа експериментот на потсистемот за космички зраци на 25 февруари, додека на 24 март ќе го исклучат инструментот за наелектризирани честички со ниска енергија на „Војаџер 2“. Леталото лансирано во 1977 година содржи десет исти инструменти, а тие пристигнаа во меѓуѕвездениот простор во 2012 и 2018 година. „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ работат на сè послаби извори на енергија откако поминаа вкупно 29 милијарди милји и станаа најоддалечените објекти направени од Земјата.
– Војаџерите се ѕвезди на длабоката вселена од лансирањето и сакаме тие да останат такви што е можно подолго. Сепак, струјата е при крај. Ако не ги исклучиме инструментите на секој од нив сега, веројатно им остануваат само уште неколку месеци – рече Сузан Дод, проект-менаџерка на „Војаџер“ во лабораторијата за млазен погон на НАСА.
Двете вселенски летала имаат енергетски систем заснован на генерирање електрична енергија од топлината што се емитува од распаѓањето на радиоактивен изотоп на плутониум. Во 1980-тите неколку инструменти на двете вселенски летала беа исклучени додека го завршија нивното истражување на џиновските планети на Сончевиот Систем, а тоа исклучување го продолжи нивниот животен век. За да ја зачуваат енергијата, операторите на НАСА го исклучија научниот експеримент со плазма на „Војаџер 2“ во октомври 2024 година. Целта на експериментот беше да се измери колку плазма „тече“ покрај него и во која насока. Инструментот на „Војаџер 2“ собираше ограничени податоци во годините пред неговото исклучување поради ориентацијата на леталото во однос на протокот на плазма надвор од Сончевиот Систем.
Исклучувањето на гореспоменатите инструменти во февруари и март ќе му овозможи на вселенското летало уште една година истражување, по што НАСА ќе мора да исклучи повеќе инструменти. И двете вселенски летала имаат по три оперативни инструменти, додека во 2026 година ќе останат на два. НАСА се надева дека ќе задржи по еден оперативен инструмент до 2030-тите, но непредвидени околности би можеле да ги променат овие планови.
– Секоја минута од секој ден, војаџерите истражуваат регион каде што досега немало летало. Тоа значи дека секој ден би можел да биде последен. Но тој ден може да донесе уште едно меѓуѕвездено откритие. Затоа правиме сѐ што можеме за да ги одржиме „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ да патуваат што подолго – заклучи Линда Спилкер, научничка од проектот „Војаџер“.