- Ако Македонија како земја кандидат навремено ги исполни сите потребни критериуми (почнувајќи од владеењето на правото и борбата со корупцијата, но и воспоставувањето компетентна и ефикасна администрација), тогаш како идна земја членка ќе има капацитет да ги спроведува предвидените проекти без никакви одложувања! И токму тоа сакаме да го потврди Брисел! Ништо повеќе и ништо помалку! Во спротивно, ние не би сакале да влеземе во ваква ЕУ поради политички причини (како што се подготвува теренот за Украина) на брза лента. Зошто? Поради тоа што не сакаме да му дадеме легитимитет на Брисел дека бил во право кога прекутрупа, политички – арбитрарно (според свое убедување), ги примил и Бугарија и Романија! Тоа е стравотна политичка грешка и сега поради тоа ЕУ ги чувствува последиците… Немањето реформски капацитети, корупцијата, криминалот, несправувањето со безбедносната политика, со енергетиката, со трговијата и низа други области во кои ЕУ стагнираше и назадуваше ја направија Унијата најНЕрелевантна наддржавна творба…
- Примерот со Бугарија најдобро го отсликува македонското инсистирање приемот на земјава во ЕУ да се заснова исклучиво на исполнување на Копенхашките критериуми! (наместо на исполнување билатерални услови, кои немаат никаква врска ниту со евроинтеграциите ниту со меѓународното право)
Исполнувањето на европските критериуми е клучно, како за земјите аспиранти за членство така и за самата Европска Унија доколку сака да застане на здрави нозе и да ја афирмира европската идеја онака како што била замислена во својата изворна варијанта.
За жал, низ годините Европа го напушти тој принцип и многу повеќе почна да се потпира врз носење политички и геостратегиски одлуки во делот на проширувањето наместо доследно да се држи до исполнување на критериумите од Копенхаген и така да прима нови членки.
А кога во Унијата ќе влезат земји што не ги исполниле потребните критериуми, тогаш почнуваат да се јавуваат проблеми не само поради малите реформски перформанси на таквите земји членки туку и на самата Унија, која станува заложник на немањето капацитет на дел од земјите членки да ја спроведат реформската агенда и така ја ослабуваат однатре.
Тоа особено се потврди со политичката одлука за предвремен прием на Бугарија и Романија, кои откако го пропуштија големиот бран на европско проширување во 2004 година поради неподготвеност, влегоа во Унијата во 2007 година исклучиво со политичка одлука поради нивната геостратегиска позиција, особено важна за НАТО и плановите на Алијансата, кои сега со војната во Украина испливаа на површина.
Поради немањето реформски капацитет, Бугарија губи стотици милиони евра од европските фондови
Јасна и недвосмислена потврда дека политичка одлука за прием на нови членки без исполнети критериуми не е добро решение е губењето значителни европски средства од страна на Бугарија бидејќи не ги спровела бараните реформи, иако веќе 18 години е во ЕУ.
Имено, поради одложување на спроведувањето на планираните реформи, Бугарија неповратно загуби 653 милиони евра во форма на грантови од Инструментот за закрепнување и отпорност на ЕУ, а ризикува дополнително да ги загуби и најголемиот дел од преостанатите предвидени средства од овој механизам за поддршка на Унијата.
Според бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев, поради застојот во реформите, ЕУ ќе ја одбие исплатата и на новата транша во рамките на инструментот.
За да може да ги користи предвидените средства во износ од над 5,5 милијарди евра за реализација на проекти од овој инструмент на ЕУ, кои би требало да ѝ бидат исплатени во девет транши, Бугарија се обврза да спроведе вкупно 321 мерка и реформи, но досега имплементира само 115 од нив.
– За четири години Бугарија спроведе само мал дел од реформите што ѝ ги вети на Европската комисија – истакна Дончев.
Досега на Бугарија ѝ се исплатени само 1,34 милијарда евра во рамките на Инструментот за закрепнување и отпорност, а покрај веќе неповратно изгубените 653 милиони, во ризик е добивањето и на преостанатите околу 3,55 милијарди евра.
Европската комисија ја запре исплатата на втората транша за Бугарија лани во октомври откако бугарското собрание не успеа да ги усвои измените на Патоказот за климатска неутралност, поради блокадите од страна на пратениците на проруската националистичка партија Преродба и на популистичката Има таков народ (ИТН). Дополнително, Бугарија доцни и со спроведувањето на реформите поврзани со борбата против корупцијата и со усвојувањето на законите за личен банкрот и за заштита на укажувачите.
Од тие причини, бугарската влада договорила откажување од некои од планираните проекти оти во спротивно тие ќе мора да се финансираат од националниот буџет.
Изјавите што ги даваат водечките луѓе во бугарската влада упатуваат на констатацијата дека бараните реформи, пред сѐ во делот на борбата со корупцијата, требало да бидат спроведени уште пред приемот во полноправно членство на Бугарија во ЕУ за да може сега земјата со полн капацитет да ги користи европските фондови и бугарските граѓани да имаат бенефиции од тоа.
Исполнувањето на критериумите (ќе) прави од Македонија полезен член на ЕУ
Примерот со Бугарија најдобро го отсликува македонското инсистирање приемот на земјава во ЕУ да се заснова исклучиво на исполнување на Копенхашките критериуми, наместо на исполнување билатерални услови што немаат никаква врска со евроинтеграциите.
Дополнително, ако Македонија како земја кандидат навремено ги исполни сите потребни критериуми, почнувајќи од владеењето на правото и борбата со корупцијата, но и воспоставување компетентна и ефикасна администрација, тогаш како идна земја членка ќе има капацитет да ги спроведува предвидените проекти без никакви одложувања. Од друга страна, подготвена земја секогаш може да внесе нов квалитет во Унијата и затоа е повеќе од неопходно Македонија да се насочи кон исполнување на предвидените реформи, без да прифаќа политички одлуки за влез на мала врата во ЕУ.
– Се виде дека ниту Бугарија ниту Романија нема капацитет за влез во ЕУ. Тие не ги исполнија критериумите, туку со политичка одлука беа примени. Сега доаѓа цехот за наплата поради таа непромислена одлука на Брисел. Бугарија го искористи ѕвездениот момент и сега ги користи сите инструменти и алатки за да ги оствари своите историски фрустрации врз други земји, вклучувајќи и врз Македонија, а не може да ги искористи европските пари оти нема реформски капацитет да ги реализира проектите. Очигледно нивниот капацитет е само да „продаваат“ европски вредности пред земјите кандидати, а самите да не ги почитуваат. Каде се таму борбата со корупцијата, владеењето на правото, грижата за малцинските заедници? Се потврди дека примањето без критериуми на Бугарија и Романија беше почеток на деформитетот на ЕУ како што ја знаевме и кон која тежнеевме, но истовремено тоа беше почеток на ослабување на бриселските политики и тоа најдобро се потврдува сега кога големите светски играчи воопшто не сметаат на ЕУ – велат добро упатени извори во евроинтегративните процеси.
Според нив, во една ваква ситуација на големи светски геостратегиски превирања, Македонија треба да покаже карактер и да инсистира на почитување на критериумите при прием на секоја земја членка, без да прифаќа политички одлуки.
– Ако цело време велиме дека сакаме нашиот пат кон ЕУ да се заснова врз основа на реформи и реално исполнување на Копенхашките критериуми, тогаш е важно да останеме на таа позиција. Како што не прифаќаме наметнување билатерални прашања во процесот на евроинтеграции, така не треба да прифатиме и политичка одлука прекутрупа да нѐ пикнат внатре затоа што се носи политичка одлука Украина да влезе. Тоа не е добро за нас оти само ќе покажеме дека сме исти како другите, инсистираме на критериуми, а потоа се провлекуваме на мала врата за да се најдеме во некоја тамошна трета лига каде што никој за ништо нема да нѐ прашува. Со примерот на Бугарија и Романија се покажа дека ЕУ не е камшикарот, туку секој сам треба да си ја заврши домашната задача. Ако влеземе неподготвени, нема ништо да се промени во државата, младите и натаму ќе се иселуваат, а корупцијата и невладеењето на правото ќе продолжат да царуваат. Нам ни треба функционална и здрава држава во која ќе има и владеење на правото и корупцијата ќе биде занемарлива, каде што институциите ќе функционираат, а економијата постојано ќе расте. Македонија треба да биде примерот како ЕУ да се врати на старите патеки, кога ќе ги остави настрана фрустрациите на земјите членки и ќе опстои на критериумите од Копенхаген. Тоа ќе ја направи повторно атрактивна, но и функционална оти ако продолжи со прием на фалични и неподготвени членки, тогаш нејзиниот распад ќе се случи многу побрзо од очекуваното – заклучуваат познавачите на европските состојби.