Со тоа тие ја дополнија колекцијата освоени медали од овој турнир, на кој ден порано злато освои кадетката Ведрана Тунески, а бронза јуниорот Андреј Василевски. Дејан Георгиевски и Милијана Рељиќ освоија и нови поени за олимписката ранг-листа за пласман на ЛОИ 2028
ТАЕКВОНДО – ТУРНИР „БУГАРИЈА ОПЕН Г1“
Македонските олимпијци Дејан Георгиевски (категорија над 87 килограми) во машка и Милијана Рељиќ (до 62 кг) во женска конкуренција постигнаа нов голем успех, освојувајќи бронзени медали на еден од најсилните меѓународни таеквондо-турнири, „Бугарија опен“ во Софија, од серијата Г1-турнири. Со тоа Георгиевски и Рељиќ ја дополнија колекцијата освоени медали од овој турнир, на кој еден ден порано златен медал освои кадетката Ведрана Тунески (категорија до 44 кг), со четири супериорни победи, а бронза освои јуниорот Андреј Василевски (до 59 кг), по двете победи и еден пораз, и двајцата во А-класата.
Георгиевски, кој е член на клубот Бутел, предводен од тренерот и селектор на македонската репрезентација, Борче Костовски, во полуфиналето загуби од Русинот Владислав Ларин (0-2 во рунди), со кого се бореше токму во финалето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, а претходно го совлада Горјан Бадаровски (2-0).
– Ни недостигаат уште седум бода и сме завршиле за годинава со собирање поени од турнирите Г1 и Г2. Тука освоивме 3,6 поени. Врвот на формата на Георгиевски го очекувам на турнирот „Скопје опен“, кон крајот месецот – ни изјави Костовски.
Најдобрата македонска спортистка за минатата година, Рељиќ, предводена од нејзиниот тренер Александар Ефтимов, во нејзината категорија беше подобра од Сингапурката Ингрид Искандар Поетри со 2-0, потоа во следното коло ја победи и Казахстанката Аиша Аделбикизи, исто така, со 2-0 во рунди. Во полуфиналето, македонската репрезентативка и членка на ТК Тигри загуби од Русинката Анастасија Банкова (0-2).
– Ова се нови 3,6 поени за олимписката и за светската ранг-листа и нови поени за квалификации за Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година. Од формата многу сум задоволен, пред сѐ кондицијата и фокусот на борбата. Искрено, можевме и полуфиналната борба да ја добиеме, но со неколку грешки на главниот судија, на крајот и покрај тесниот резултат, не успеавме да победиме. Многу сакавме во финалето да се сретнеме до актуелната светска шампионка Лилија Кужина од Русија, која е фантастична натпреварувачка, но сигурен сум дека и неа можеме да ја победиме. Следниот натпревар ни е на 30 март „Скопје Рамус Г1 опен“, па на 5-6 април „Гален Г1 опен“ во Белград – изјави Ефтимов. Г.И.