Од македонските претставници, најдобар пласман оствари Мирко Лазарески, кој беше четврти
АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Алпскиот скијач Константин Стоилов (23) од Бугарија победи на првата слаломска трка на традиционалниот Шарпланински куп, кој 41. пат се одржа во Македонија, на Попова Шапка. Второто и третото место им припаднаа на Марко Семерџиев и Иван Главчев од Бугарија. Од македонските скијачи, најдобро време по двете трки оствари Мирко Лазарески, кому му припадна четвртото место.
Кај скијачките победи Лирика Дева од Косово, вторa низ целта помина Миа Паул од Бугарија, а трета Арба Пуповци од Косово. Во двете трки учествуваа вкупно 37 натпреварувачи од Македонија, Србија, Црна Гора, Романија, Грција, Бугарија и од Косово. Вчера на програмата беше уште по една слаломска трка во двете конкуренции.
Годинашното издание на Шарпланинскиот куп се одржува по 12 години пауза. Првиот Шарпланински куп е одржан во 1947 година, а во 1954 година тој стана дел од престижните натпревари на Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Низ годините, патеките на натпреварите носеле големи предизвици и возбудувања. Патеката Езерино, каде што се вози слаломот, со својата должина од 685 метри и висинска разлика од 198 метри е вистински тест за прецизност и брзина, а велеслаломската патека Орлова, со своите 1.140 метри и висинска разлика од 390 метри, исто така, плени со својата брзина. Г.И.