Не знам (за титулата), бидејќи не размислувам така. Веќе размислувам за ПСЖ. Тоа е мојот главен фокус. Засега ќе заборавам на Премиер-лигата и на табелата, до моментот кога ќе играме со ПСЖ. Потоа повторно ќе размислувам за Премиер-лигата и за Саутемптон, рече тренерот на Ливерпул
ФУДБАЛ – ЛИВЕРПУЛ ИМА 13 БОДА ПРЕДНОСТ ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА
По победата на Ливерпул со 2-0 на мечот со Њукасл на стадионот „Енфилд“, екипата на тренерот Арне Слот има 13 бода предност пред второпласираниот Арсенал во англиската фудбалска Премиер-лига. Остануваат уште 10 првенствени натпревари за Ливерпул сезонава, еден помалку од Арсенал. Само еден тим во историјата на Премиер-лигата не искористил толку голема предност за да ја освои титулата, пишува „Скај спорт“.
Како и да е, тренерот на „црвените“, Слот, остана цврст кога беше запрашан дали тој и неговите играчи веќе размислуваат за освојување на лигата, претпочитајќи наместо тоа да се фокусираат на осминафиналето на Лигата на шампионите со Пари сен Жермен, чиј прв натпревар е на стадионот „Парк на принцовите“, в среда.
– Не знам (за титулата), бидејќи не размислувам така. Веќе размислувам за ПСЖ и ги гледав против Манчестер сити. Импресиониран сум од квалитетот што го имаат, тие се во слична серија како и ние. Тоа е мојот главен фокус. Засега ќе заборавам на Премиер-лигата и на табелата, до моментот кога ќе играме со ПСЖ. Потоа повторно ќе размислувам за Премиер-лигата и за Саутемптон – рече Холанѓанецот.
И Ливерпул и Арсенал сега имаат пауза од една и пол недела до нивните следни натпревари во Премиер-лигата, со тоа што „црвените“ во март имаат само еден меч, дома со Саутемптон. Значи, кога најрано може да дојде Ливерпул до изедначување на рекордот од 20 титули? Во неверојатното сценарио дека тимот на Микел Артета треба да ги загуби следните четири првенствени натпревари, а Ливерпул да ги добие претстојните три натпревари, тогаш „црвените“ можат да станат прваци во почетокот на април, а доколку двете екипи продолжат да победуваат и се задржи сегашната предност од 13 бода на врвот на табелата, тогаш избраниците на Слот ќе го добијат трофејот во Премиер-лигата викендот од 26-27 април, пишува „Скај спорт“..
Дали Ливерпул би можел да собори некој рекорд? На Ливерпул ќе му треба сѐ да му оди од рака за да го израмни сопствениот рекорд за освојување на титулата на седум натпревари пред крајот на сезоната, во 2019/2020, пишува „Би-би-си“. На пет меча пред крајот на сезоните, прваци станаа Манчестер јунајтед (2000/2001) и Манчестер сити (2017/2018), а на четири тоа го направија Манчестер јунајтед (1999/2000 и 2012/2013) и Арсенал (2003/2004). Најраниот датум до кој е освоена титула беше 14 април 2001 година кога Манчестер јунајтед беше крунисан за шампион, пишува „Би-би-си“. „Црвените“ знаат дека ако ја освојат, тоа ќе биде порано во годината од нивната претходна титула, која дојде на 25 јуни 2020 година во сезоната прекината со пандемијата на ковид. Тимот на Слот ќе мора да ја зголеми предноста на врвот за седум поени за да ја забележи најголемата разлика на триумф во една сезона во Премиер-лигата, Манчестер сити со 19 поени предност во сезоната 2017/2018, година кога ја освои титулата во Премиер-лигата со рекордни 100 бода, пишува „Би-би-си“. Н.М.