Автор: Асс. д-р Ивица Бојовски, кардиолог
Периферната артериска болест (ПАБ) претставува стеснување на периферните артерии кои носат крв од срцето до други делови од телото. Најчестиот тип е периферна артериска болест на долните екстремитети, при кој што е намален протокот на крв кон нозете и стапалата. ПАБ на горните екстремитети (раце, раце и прсти) е поретко, но се јавува кај околу 10% од популацијата. Стеснувањето на артериите настанува со акумулација на масни наслаги (масти и холестерол) во артериите на вашите нозе или раце. Оваа состојба отежнува крвта да носи кислород и хранливи материи до ткивата во тие области.
РИЗИК ФАКТОРИ
Ризик факторите за периферната артериска болест (ПАБ) се идентични со оние во етиологијата на коронарната артериска болест. Тие ги вклучуваат традиционалните фактори на ризик: пушење, дислипидемија, дијабетес и артериската хипертензија.
- Пушењето се јавува како најзначаен ризик фактор за ПАБ. Скоро сите пациенти со клаудикација се пушачи, а прекинот на пушењето е повразно со рапиден пад на инциденцата на симптомите.
- Дијабетесот е значаен фактор на ризик за појавата на ПАБ, а особено за напреднатите форми.
- Повеќе студии зборуваат за поврзаноста на артериската хипертензија со вредноста на глуждно-надлактниот индекс (АБИ) при дефинирањето на ПАБ, како и со соодветната симптоматологија.
- Вредноста на вкупниот холестерол, ЛДЛ-холестеролот, како и нон ХДЛ холестеролот, се независно поврзани со појавата на ПАБ.
- Последните години одредени студии зборуваат за поврзаноста на инфламаторните и на хемостатските фактори, како фибриногенот и високо специфичниот Ц-реактивниот протеин со инциденцата и преваленцата на ПАБ
КЛИНИЧКА СЛИКА
Многу од пациентите најпрво се асимптоматски. Тие се градуиарат во 1 стадидум по Fontain класификацијата. Најтипичен симптом за оваа болест е интермитентната клаудикација, која се карактеризира со болка во нозете, а се појавува при движење и интензивра со зголемувањето на движечката дистанца. Таа болка исчезнува со одмор. Движечката дистанца, поголема од 200 м, го карактеризира 2А Fontain стадиум, а помалата од 200 м – 2Б стадиумот. Во напреднатите стадиуми (Fontain 3) присутна е болка во мир. Таа е локализирана најчесто во стапалото, каде пациентот чувствува постојан студ. Улкусите и гангрената (Fontain 4), кои започнуваат во прстите и во дисталните делови на екстремитетот се јавуваат по траума и обично се поврзани со локална инфекција или инфламација.
Освен болката во нозете, се јавува и промена на температурата на стапалата и потколениците (ладни нозе, промени на бојата на кожата (ливидно пребоени), промени на ноктите и влакната на нозете (намалена влакнатост и неквалитетни нокти), чести рани на потколениците кои споро зараснуваат.
ДИЈАГНОЗА
Добрата анамнеза и физикалниот преглед на екстремитетите е дел од системскиот пристап кон пациентот. Тој опфаќа: мерење притисоци на обете раце, палпација на феморалните, поплитеалните, дорзалните педални и постериорните тибијални артерии. Стапалата и потколениците треба да се подвргнат на инспекција, а се бележи: колоритетот, температурата и интегритетот на кожата, вклучувајќи ги постоечките промени на кожата, губитокот на влакнатоста и појавата на улкуси.
- Иницијален дијагностички тест за скрининг и дијагноза на ПАБ е мерењето на глуждно-надлактниот индекс или АБИ. Вредноста под 0,9 или над 1,4 ја дефинира ПАБ (калцифирани артерии, особено кај дијабетес).
- Прва линија на сликовна метода за дијагноза на ПАБ претставува ултразвук колор доплер сонографијата на артериите, со која се проценува протокот на крв низ артериите, се визуелизираат локализациите каде има стеснување или обструкција на луменот на артеријата, се проценува степенот на стеноза, се следи болеста после ангиопластика, стентирање или бај-пас хирургија итн.
- Најпрецизна дијагноза се поставува со компјутеризирана томографија (КТ) со ангиографија. Со помош на оваа метода се поставува дефинитивна дијагноза и се врши точна процена за пормените на артериите, стеснувањата или опструкциите на протокот, со што се проценува и потребата од типот на лекување и индикација за одредена процедура за третман на болните артерии.
ТРЕТМАН
Конзервативен: престанок со пушење, регулација на вредностите масти во крвта (статини), регулација на гликемија, регулација на хипертензија (AKE инхибитори, АР Блокатори, здрава исхрана, супервизирана физичка активност (минимум 3 пати неделно, по 30минути).
- Медикаментозен: употреба на соодветни лекови за третирање на ризик факторите и постигнување на целните вредности на крвен притисок, масти и гликимија. Употреба на Ацетилсалицилна киселина (75-160мг) или Клопидогрел 75мг се препорачува кај сите пациенти со симптоматска ПАБ. Новитет во однос на медикаментозниот третман е третманот Ривароксабан 2х2.5мг кој треба да се употреби кај пациенти со висок исхемичен ризик и низок ризик за крварење.
- Интервентен(ангиопластика): балон дилатација или стентирање на местото на стеноза на артеријата, со што се овозможува повторно нормален проток на крв низ артеријата.
- Хируршки: бај-пас премостување на стенозата или опструкцијата на артеријата, или локална еднартеректомија на тромботичен материјал.
Ендоваскуларните интревенции и хирургија не се препорачуваат кај асимптоматски пациенти.