Фото: ЕПА

Во гореспоменатото интервју, објавено неодамна на Јутјуб, идеолошкиот архитект на трампизмот, Стив Банон, поентираше на клучните столбови на кои ќе се потпира Трамповото претседателствување во вториот мандат.
Во оваа пригода, интересот особено го насочуваме кон еден од столбовите во надворешната политика што е исклучително интересен за нас, односно каде што Трамп „ќе инсистира на зачувување на националните држави и нивна интеграција во цивилизациите (барем во контекст на западната цивилизација), каде што САД ќе имаат амбиција (под Трамп) да го соберат Западот околу себе“

Од интервјуто на Стив Банон, архитект на движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА), со Стивен Едингтон (новинар на „Дејли телеграф“)

Во продолжение накусо ќе се задржиме и на други точки од интервјуто со Стив Банон што привлекоа внимание и фрлаат светлина на повеќеслојната идеологија на новиот претседател на САД, Доналд Трамп.
· Банон рече дека Трамп има намера да „го вклучи ѕверот“ во вториот мандат, односно дека ќе преземе решителна акција против политичките противници и т.н. длабока држава. Банон во интервјуто нагласи дека победата на Трамп во 2024 година ќе биде „конечниот пораз на либералните елити“. Банон го спореди Трамп со „Ендрју Џексон од 21 век“, претседателот што радикално ја реформира Америка во 19 век. Тој, исто така, нагласи дека следните четири години ќе бидат „ера на чистење“, каде што „ќе се уништуваат старите структури и ќе се градат нови врз основа на суверенизмот и традиционализмот“!
· Банон ги спомна идеите да се создаде „конзервативна интернационала“ во Европа, со поддршка на европските лидери како Џорџа Мелони во Италија и Виктор Орбан во Унгарија како сојузници на МАГА. Банон зборуваше за поддршка на Алтернатива за Германија (АфД), потоа поддршка за Марин Ле Пен во Франција, Герт Вилдерс во Холандија, Најџел Фараж во Британија и за Калин Џорџеску во Романија. Тој спомена дека за оваа позиција Трамп наишол на целосна поддршка од Илон Маск и од потпретседателот Џеј Ди Венс, кои од моментот на неговата инаугурација почнаа да ја спроведуваат, активно поддржувајќи ја.
· Уште една исклучително интересна информација изнесе Банон во интервјуто со Стивен Едингтон. Имено, Банон го спомна „Проектот 2025“, кој стана познат благодарение на еден од неговите автори, Расел Воут, од летото 2024 година.
Овој документ опишува низа радикални реформи по доаѓањето на Трамп на власт, кои вклучуваат укинување на УСАИД, Националната фондација за демократија, ревизијата на ЦИА, Пентагон, обвинителството, Федералните резерви, Министерството за финансии, министерствата за образование, здравство и социјално осигурување, отворање криминални случаи против врвот на американската Демократска партија, како и за нејзините лидери…
Банон во интервјуто, сепак, издвои дека самиот Трамп на времето го отфрлил документот како „лажен“. Но веднаш по инаугурацијата, додаде Банон, Трамп почна да дејствува строго според овој план, а Расел Воут зазеде важна позиција во неговата нова администрација.
· Една од клучните идеи/иницијативи што Банон ги искажа за време на интервјуто беше процесот на „декласификација на документи поврзани со активностите на безбедносните агенции, односно ФБИ и ЦИА“. Тој смета дека ова „чистење“ ќе им овозможи на Американците да го видат „предавството на елитите“ и ќе ја зајакне довербата во администрацијата на Трамп.

Р.С.


Кој е Стив Банон?

Стивен Кевин Банон е една од најконтроверзните и највлијателни личности во модерната американска политика. Поранешен банкар, филмски продуцент, некогашен главен уредник на влијателната „Бреијтбарт њуз“ и, најзначајно, клучен стратег на Доналд Трамп за време на неговата прва претседателска кампања и администрација. Банон всушност беше инспирација и архитект на движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА). На пример, неговите идеи, засновани на економски национализам и антиглобализам, станаа основа за трампизмот како политичка филозофија.
Стивен Кевин Банон е роден на 27 ноември 1953 година. Банон беше офицер во морнарицата на САД од 1977 до 1983 година. Иако подоцна беше познат како медиумски извршен директор, инвестициски банкар и политичар, тој најмногу привлече внимание како главен стратег на Белата куќа во првите седум месеци од првата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп. Интересно за него е дека тој беше извршен продуцент на 18 холивудски филма од 1991 до 2016 година.
А во 2016 година, Банон стана главен извршен директор на претседателската кампања на Трамп и беше назначен за главен стратег и „постар советник на претседателот“ по изборот на Трамп. Но тој ја напушти споменатата позиција осум месеци подоцна. И покрај тоа што ја напушти Белата куќа среде одредени контроверзии, Банон остана влијателен глас во движењето МАГА (Make America Great Again) и остана гласен поддржувач на Трамп.

Р.С.