Во чест на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

На свечена церемонија, амбасадорот на Македонија, Милаим Фетаи, и директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, примија пригодни благодарници од Филозофскиот факултет во Загреб за успешната заемна соработка и поддршка во проучувањето и учењето на македонскиот јазик, книжевност, култура и историја во интерес на јакнење на културната дипломатија со цел меѓусебно разбирање и доверба. Повод за свечениот настан во големата сала на Универзитетот во Загреб беше одбележувањето на 150-годишнината од основањето на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб.
Во својот говор, деканот на Филозофски факултет во Загреб, Домагој Тончиниќ, во контекст на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој се прославува на 21 февруари, ја истакна цивилизациската и културна важност на научното проучување и изучување на светските јазици, посочувајќи го фактот дека во рамките на загрепскиот Филозофски факултет се изучуваат 28 јазици, меѓу кои и македонскиот.
На настанот им се доделени благодарници на повеќе министерства, странски амбасади и културни институти/центри што остваруваат соработка со Филозофскиот факултет во Загреб во интерес на продлабочување на заемните билатерални односи. Присутните можеа да ја слушнат и да ја доживеат јазичната разноликост, која се изучува на загрепскиот Филозофски факултет преку учеството на студентите, кои текстовите на благодарниците ги прочитаа на мајчините јазици на добитниците.