Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), попладнево достави барање за учество на парламентарните избори што, во оваа земја, ќе се одржат на 11 мај.
-До соодветните служби на Централната изборна комисија доставивме барање, со потребната документација, да бидеме регистрирани за учество на парламентарните избори. Сигурни сме дека ќе бидеме регистрирани како политички субјект, затоа што ги доставивме сите потребни документи – рече за МИА, Васил Стерјовски, претседател на партијата, кој лично ја доставил пријавата.
Според него, крајниот рок за пријавување на политичките партии е 25-ти овој месец, по што следува рок за пријавување на коалиции.
-Засега немаме став дали самостојно ќе одиме на изборите или ќе бидеме дел од некоја изборна коалиција. За тоа секако одлука ќе донесе највисокото партиско раководство – додаде тој.
МАЕИ како политички субјект во судскиот регистар е запишана на 8 јуни 2005 година. Првпат како политички субјект учествуваше на локалните избори во 2007 година, од кога редовно е дел од секој изборен циклус.
За 11-тите парламентарни избори во оваа земја, како што информираше ЦИК, пријави за регистрација за учество, до денеска, доставиле 15 политички партии.
Меѓу нив се и владејачката Социјалистичка партија, на Еди Рама, најголемата опозициска партија Демократската, на Сали Бериша, како и Партијата на слободата на Илир Мета, која е втора по големина опозициска сила.