Фото: Маја Јаневска -Илиева

Пратеничката од НСДП Соња Мираковска на денешната собраниска седница на која на дневен ред е и поставување опозициски прашања, побара оставка од министерот за здравство Арбен Таравари за последните случувања во здравството.

Таравари одговори дека би поднел оставка доколку му се случела Модуларна болница, скандал во Онкологија и оти не бега од одговорност, бидејќи има каде да се врати.

Мираковска, која на Таравари му постави три прашања, обвини дека се случи хуманитарна катастрофа со недостигот на биолошка терапија на Клиниката за онкологија. Таа посочи дека според СЗО редовниот пристап до оваа терапија ја зголемува шансата за преживување на пациентите од 30 до 40 отсто, и оти се случил системски пропуст што ја загрозило оваа шанса за живот.

– Ниту збор за тоа колку видови терапија фалеа, во колкав обем, не добивме никаква информација што што се случува, дали имате решение што ќе се слчучува. Онколошките пациенти над 10 дена беа оставени без животно потребната терапија, а вие покажавте непсособност да ги обезбедите тие лекови. Досега не слушнавме системско решение и што конкретно планирате овие пациенти да бидат растеретени за да не им се случи ова. Зошто дозволивте да нема лекови кој ќе ја понесе одговорноста за тоа – праша Мираковска од собраниската говорница.

Според неа, овој случај е поткопување на довербата генерално во здравството.

Министерот Таравари на ова одговори дека за жал на Онкологија се случило пациентите да немаат само десет дена терапија, за разлика, како што рече, тие кога биле на власт, кога од 2018 до 2022 министер за здравство бил лидерот на СДСМ, три пати се случило да нема биолошка терапија со месеци.

– Зошто ова се случи – не поради тоа дека имаше помалку биолошка терапија, туку дека побарувачката беше поголема затоа што инциденцата на карцином е зголемена за седум до десет отсто. И не можевме да предвидиме дека ќе се зголеми за толку – одговори Таравари.

Рече и дека нема регистар на онколошки пациенти.

– Вие можевте за седум години тоа да го направите, сега ние ќе почнеме, со цел да имаме предвидливост. Кога не критикувате како здравство, само потсетете се на Модуларната болница во Тетово и на тоа што се случи на Онкологија, на луѓето да не им даваш лекови, туку да им пушташ витамини и вода во терапијата – истакна Таравари.

Пратеничката Мираковска се осврна и на зголемениот морталитетот на Клиниката за педијатрија, прашувајќи го Таравари дали ќе побара помош од странство, доколку тие не можат да се справат со тоа.

– Ова што се случува во здравството е злостроство против граѓаните и мора некој да одговара, ова е тажна слика за нашиот здравствен систем во овие осум месеци – рече Мираковска.

Таравари во врска со ова рече дека морталитетот на Педијатрија бил двојно поголем во периодот од 2018 до 2022 година, кога министер за здравство бил лидерот на СДСМ.

Мираковска се осврна и на проектот за нов Клинички центар, обвинувајќи го Таравари дека нивното решение Општата болница „8 Септември“ да стане регионален центар не претставува реформа и нема да придонесе за квалитет на здравствените услуги.

– Во ваков случај може да направите сегрегација, дел од граѓаните да не можат да допрат до Клинички центар. Во ова време е потребен модерен Клинички центар што треба да обезбеди квалитетна услуга на едно место – рече Мираковска.

Таравари, пак, одговори, дека за 7 до 8 месеци не треба да се очекува спектакл во здравството.

– Но ќе ве потсетам – 600 специјализанти кои бараа решение 10 години, вашиот министер можеше барем 100 од нив да ги вработи, сега нема специјализант кој не е решен, 1200 договореци сега ќе добијат решенија. Ние потпишавме колективен договор во здравството, покачување на плати на докторите и на средно медицинскиот кадар – рече Таравари.

Вели дека не најавиле нов Клинички центар, туку дека ќе работат во Струмица, Штип и Свети Еразмо, а за Клинички рекле дека кога ќе имаат визија како и каде дека ќе кажат.

– Не очекував дека ќе барате изговори, добивте доверба за да барате решенија, немате право на никаков изговор, не смеете повеќе да доцните, огромни се очекувањата од вас. Сметате ли дека вие сте одговорен, дали не сметате дека треба да поднесете оставка, јас сметам дека треба да поднесете оставка – оцени Мираковска.

Таравари, пак, на тоа одговори дека би поднел оставка доколку му се случела Модуларна болница, скандал во Онкологија и оти не бега од одговорност, бидејќи има каде да се врати.

– За среќа не сум министер кој седи во кабинет, продолжувам да прегледувам пациенти и никогаш не сум бил нереален да кажам дека ќе направиме спекаткл и дека ќе имаме норвешко здравство во Македонија, бидејќи тоа е невозможно – одговори Таравари.