Тимовите се состојат од по еден специјалист за спуст (или за супервелеслалом) и за слалом. Секоја земја може да има до четири екипи. Денеска на програмата е тимската комбинација за скијачки, а утре за скијачи
АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Лорен Масуга (САД) можеби е најдобрата личност што ќе даде увид за тоа што може да очекуваат гледачите кога сосема новиот настан, тимска комбинација, ќе дебитира на Светското првенство (СП) во алпско скијање во австрискиот Залбах (денеска скијачките, а утре скијачите). Освојувачката на бронзениот медал во супервелеслалом е една од ретките скијачки што учествувала во тимска комбинација.
– Имав чест да го направам тоа на јуниорското СП во Сент Антон (јануари 2023 година) и тоа е толку забавен настан. Тоа е одличен начин да се врати алпската комбинација и да се задржи интересна. За да ја зачините, спојте ги техничките и брзинските скијачи – рече Масуга за форматот според кој еден скијач прво вози во спуст, а потоа тимски колега вози слалом, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Тимска комбинација ќе има и на Зимските олимписки игри в година во Милано и Кортина д’Ампецо. Проширувајќи го концептот на индивидуалната алпска комбинација, тимовите мора да се состојат од еден специјалист за спуст (или за супервелеслалом) и еден специјалист за слалом. Натпреварувачите можат да настапат само во една трка, а составот на тимовите мора да се финализира пред ждрепката за трката, без дозволени промени. Секоја земја може да има до четири екипи, со по двајца скијачи по тим од ист пол.
Натпреварот денеска почнува со тоа што жените ќе возат спуст од 10 часот, а потоа слалом од 13.15 часот. Двете трки ќе се одржат според техничките прописи за секоја дисциплина, во ист ден секогаш кога е можно, пишува ФИС. Редоследот за настап во слалом се заснова на резултатите од спустот, при што најдобрите 30 натпреварувачки почнуваат во обратен редослед. Комбинираните резултати се пресметуваат со додавање на времињата на двата члена на тимот. Н.М.