Свети Стефан / Фото: Каролина Мицевска

Има некој посебен дух во оваа земја со природни убавини, исполнета со историја и култура, кои можат да се пронајдат на секој чекор. Кога намерниот патник тргнува кон Црна Гора, тргнува на убав пат преку кој ќе помине низ убави градови покрај море и ќе има можност да разгледа голем број знаменитости

Црна Гора е земја со многу туристички атракции и места што вреди да се посетат. Од преубави градови покрај море со преубави плажи, до високи планини и кањонот на реката Тара. Земјата овозможува да се помине преубав и незаборавен престој и одмор и овозможува авантура за сите љубители на природата и културата. Има некој посебен дух во оваа земја со природни убавини, исполнета со историја и култура, кои можат да се пронајдат на секој чекор. Кога намерниот патник тргнува кон Црна Гора, тргнува на убав пат преку кој ќе помине низ убави градови покрај море и ќе има можност да разгледа голем број знаменитости. Само да се одлучи во кој правец, дали покрај море или по планините.
Доколку се оди покрај морето, првото значајно место што вреди да се посети е Свети Стефан. Мало место со прекрасна плажа, која не го остава посетителот рамнодушен. Името го добило по заштитникот на Црна Гора, Свети Стефан, а се верува дека е настанат во петтиот век. Има богата историја, а сега е значајно туристичко место со чисто море и медитеранска клима, место со голем број ресторани, кафулиња, барови. И тоа е најважно монденско туристичко место, кое секогаш предизвикува голем интерес кај луѓето што патуваат покрај морето. Па постојано се задржуваат и ако не влегуваат да се одморат во него, се фотографираат од паркингот до патот.

Будва – најпопуларно монденско летувалиште

Многу брзо се стигнува до Будва, најпопуларното монденско летувалиште на Јадранско Море. Тоа е прекрасно место за одмор, со убави плажи, богата историја, култура и пред сѐ ноќен живот, па така, помладите се најчестите посетители, не само во лето туку и во зима. Особено во лето, поради медитеранската клима, во топлите денови е преполно. Постојано се гради во Будва, во која има голем број хoтели за сечиј џеб, ама и приватно сместување. Плажите Словенска, Јаз и Могрен, со чист и ситен песок, се мамка за туристите, кои доаѓаат да се опуштат и да се сончаат. Стариот дел на Будва е дом на многубројни средновековни градби, цркви, вклучувајќи ја и „Света Марија“ од 9 век. Многу убаво се чувствувам кога шетам низ стариот дел на Будва, низ тесните улички, со многубројни продавници за сувенири, ама и пицерии, каде што можете да вкусите пица на парче или, пак, да седнете во некој од рестораните и да каснете морски плодови. Според мене, најубавите лигни се прават во Будва, вкусни и крцкави со пристојна цена. Во Будва ќе уживате и во ноќниот живот, со големиот број барови и кафулиња. Особено младите доаѓаат тука за да уживаат во забавите до раните утрински часови. Будва има за секого избор, опуштање на плажа, возбудлив ноќен живот.
Волшебен модерен град, кој последните неколку години се изгради и израсна во убаво туристичко место за одмор и прошетка, е и Тиват, во кој се стигнува многу брзо од Будва. Град полн со душа и мирно место за одмор. До 19 век имал мирна историја, за потоа да стане австроунгарска воена база, воено пристаниште и бродоградилиште. Тука се обучувале занаетчии, бравари, бродоградители… Во 21 век повторно станува место за одмор на посетителите. Во Тиват е развиен елитен туризам. Тоа се забележува по скапите јахти на пристаништето „Порто Монтенегро“, кое е модерно и е топ место за туристите од целиот свет. Она што е интересно, е дека тука можат да се закотват 630 јахти, од кои некои се суперлуксузни и поголеми. Наспроти пристаништето се изградени луксузни хотели со продавници. Убаво е да се прошета по шеталиште „Пине“, да се седне во некои од кафулињата, да се испие кафе и да се почувствува морето со сите сетила. Откако ќе го направите ритуалот со кафето, прошетајте низ градскиот парк, кој е вистинска ботаничка градина со многубројни егзотични растенија и уникатни дрвја. Разгледајте ја и вилата „Буч“ на старо дворјанско семејство од Котор, денес музеј и галерија, во чија градина има театарска сцена. Ако решите да го посетите Тиват во лето, ќе можете да уживате во големиот број културни настани, во театарскиот фестивал. Тиват плени и со многубројните барови на отворено, со музика со различни стилови и забави.

Херцег Нови – град на поетите

Херцег Нови e сместен на влезот на Бокакоторскиот Залив и под планината Орјен. Има околу 11 илјади жители и e мирно и тивко место, без вообичаените метежи што ги има во Будва. Не е многу жешко во лето, а во зимскиот период температурата не се симнува под 10 степени, а воздухот е убав. Херцег Нови е стар град со богата историја, култура и традиција, а новиот дел веќе е споен со Игало. Стариот дел е со убава архитектура, со испрекинати тесни улички и скали, кои се симбол на градот. Мештаните велат дека секоја скала раскажува приказна… Херцег Нови е град на поетите, бидејќи тука живеел и Иво Андриќ, кој велел дека во стариот град можете да имате романтика. Затоа во негова чест има спомен музеј, кој вреди да се посети. „Ѕирнете“ и во Музејот на Мирко Комненовиќ, убава одржана зграда од каде што има убав поглед на шеталиштето, од 18 век, во барок, опкружен со градина. Убаво место во градот е и паркот „Бока“, оаза на мирот и природата, со поглед на Бокакоторскиот Залив. Шетајќи низ градот можете да дојдете и до Саат-кулата на плоштадот „Никола Ѓурковиќ“, изградена во 1667 година од султанот Махмуд. Покрај неа е и главната градска врата, по што се доаѓа до плоштадот „Белависта“. Тоа е убав простор на кој е лоцирана црквата „Свети Архангел Михаил“. Главното обележје е шеталиштето „Даница“, над кое доминира зачуваната тврдина „Форте Маре“, изградена на стрмен предел над морето. Посетителот оттука има величествен поглед на заливот. Тука во летниот период се организираат филмски вечери… „Канли-кулата“ е уште една знаменитост на Херцег Нови, изградена од Турците во 16 век. Во овој комплекс се наоѓа и тврдината „Шпањола“, на највисокиот дел од градот, која нуди патување низ историјата. Најубавото доживување е шеталиштето „Пет Даница“, долго шест километри, каде што можете да пиете кафе или да седнете и да вкусите специјалитет покрај морето. Ако можете, посетете го Херцег Нови за време на фестивалот на мимозите, бидејќи ќе уживате во убавата и весела атмосфера. Градот предизвикува интерес и за време на одржувањето на фестивалот „Сунчане скале“, за време на филмскиот и театарскиот фестивал.

Убавините на Котор под заштита на УНЕСКО

Котор е во најубавиот дел од Бокакоторскиот Залив и се наоѓа под заштита на УНЕСКО. Го опфаќа најголемиот дел од заливот. Котор плени со културата и традицијата. Иако е мирен град, во кој доаѓаат туристи со крузери, полн е со енергија и шармира. Опколен е со ѕидови, во кои се влегува преку три порти: морската, вратата од Риека и вратата на Гурдиќ. На излезот од двете други врати има врела по кои и градот го добил името. Ѕидовите се атрактивни и дење и ноќе, а над него се издига и ридот Свети Иван, од каде што има величествен поглед на Бокакоторскиот залив. Шетајќи низ тесните улички низ Котор, ќе наидете на неколку плоштади и цркви, многубројни продавници со сувенири. Она што го забележувам при секоја посета на Котор е бројот на мачки што шетаат низ камените улици, па затоа можеби го викаат градот на мачките. Во него се одржуваат неколку фестивали и манифестации, како „Бокеска ноќ“, Карневалот, „Фестивал на детето“, „Денови на камелијата“ и други. Градот плени со посебната енергија, а во него се задоволуваат сите вкусови.
Градовите на Црна Гора се впечатливи, уникатни и треба да се видат барем еднаш во животот и да се ужива во престојот во нив, како што уживам при секоја посета, како туристички водич, шетајќи ги македонските посетители низ градовите низ Европа.