Додека мнозина со еуфорија реагираат на (наводното) затворање на американската агенција за меѓународен развој УСАИД, кај сите нас што одамна ја знаеме улогата на Империјата и нејзините локални вазали (компрадори и кафеави сахиби) тлее горчливо чувство. Нели ви рековме? Нели кажувавме? Да се разбереме, феноменот на надворешно туторство и формирање на свеста на едно општество, вклучувајќи го и неговиот општествен, па и уставен инженеринг, не е врзан само со оваа агенција (чие име погрешно на прв поглед наведува на американска помош, aid). Трансформацијата (или обезличувањето) на Македонија беше постепен и сложен процес во кој беа вклучени и други западни фондации, агенции, невладини организации и аналитички центри и не само од САД. Или, ако сакате, нам не ни беше потребна „мека моќ“. Со мазохистички дух ужива(в)ме во камшикарите – амбасадори и специјални пратеници. Но, сепак, тоа беше здружен зафат во кој учествуваа и САД, Велика Британија, Германија, Холандија, ЕУ… Така функционира процесот на неоколонијализам. Иако се сметаме за „подобри“ од оние од т.н. Трет Свет (кои не само што минаа низ колонијално ропство туку и низ антиколонијални војни во кои гинеа за својата слобода), вистината е дека сме само варијанта на истата тема. За нас важи и она што своевремено го има кажано големиот јужноафрикански борец Стив Бико: „Најмоќното оружје во рацете на угнетувачот е умот на угнетениот“.
Сепак, Западот не нè заобиколи во својот марш на демократизација и менување на менталитетот речиси 35 години. Се слеваа(т) фондови, грантови, па и понекоја донација – колку да ни се уврти во умот тезата дека сами не сме способни ни шајка да заковаме (да го цитирам колегата колумнист Русјаков). Тажната вистина е дека ние не смееме ни да кивнеме без дозвола на господарите. Не се избираа ни влади, ни менуваше Устав, ни носеа закони без странска „помош“. Тоа е она што Борис Буден со право го нарече инфантилизација на народот што тукушто излезе од еден општествен (социјалистички) систем и кој мораше одново да ја учи азбуката, дури и за нешта што ние во бивша СФРЈ ги промовиравме во светски рамки (од женска еманципација, до извонредна примарна здравствена заштита, особено таа на децата).
Иако сум свесна дека усаидизацијата (да употребам еден нов, но популарен термин) на Македонија ги зафати и академските аули, како и невладиниот сектор (кој повеќе беше меѓународен отколку владин), сепак најстрашна ми се чини моќта на контаминацијата на медиумите. И не е дека не знаевме: во одјавните шпици на популарните дебатни ТВ-емисии секогаш најтранспарентно стоеше и името на донаторот. Каква иронија и цинизам се крие во наслов како „Топ тема на ваша страна“!? Во клучниот период на стабилизирање на заевизмот и западното подаништво (проследено неретко со русофобија и синофобија кај одбраните гости и уредници) од 2016 до 2018 УСАИД и американската амбасада ја наградија емисијата како „пример за самоодржлива ТВ-програма“. Овој случај е добра илустрација за симбиозата на медиумскиот и невладиниот сектор (МЦМС) во изведување наводен проект за високопрофесионално новинарство. Во таа пригода, тогашната вршителка на должноста амбасадор на САД во Македонија, Швајцер-Блум, и главниот уредник на Телма, Атанас Кировски, се согласија дека: „Топ тема на ваша страна“ е една од најгледаните дебатни емисии во висококонкурентниот медиумски простор во Македонија и ќе продолжи да се емитува по завршувањето на финансиската поддршка од УСАИД како профитабилен модел на емисија што ќе служи како пример за самоодржливост во сферата на медиумите“. (Патем, тоа е Кировски, кој во истото студио кажа дека додека тој е уредник таму нема да стапне никој од Левица, која била фашистичка и националистичка партија).
Ако почнам да ги редам сите што се офајдиле од УСАИД и други странски донатори во сферата на медиумите, ќе нема место за поента во оваа колумна. Заклучокот е дека овде не вирее НИШТО независно, израснато одоздола (grass-root), и затоа сега пискотници се слушаат од секаде. Без странските донации немаше да има ни студентски протести, ни Шарена револуција – т.е. редно е да признаеме дека Груевски беше жртва на однадвор инспириран и спроведен проект на смена на режим. Знаеме како заврши тоа – за нас, не за Груевски (кој не беше цвеќе за мирисање, но сепак имаше сенс и за македонство и за отворање кон светот, т.е. ја сврти главата и кон Истокот во потрага по инвестиции; најава на мултиполарен поглед кон светот).
Од „одбрана“ на нашите продадени новинари ќе ги спомнеме и западните што биле на платниот список на УСАИД (од „Њујорк тајмс“, Би-би-си или „Политико“ – кои сега „сечат вени“ од очај и се извинуваат и објаснуваат дека всушност биле трансакционалисти. Ретко кој со здрав ум е изненаден. Тоа е и причината што секој разумен човек веќе не верува на меинстрим-медиуми, туку бара алтернативни медиуми (поткасти, блогови, Јутјуб, Рамбл, Вичет, ВК итн).
Но сега следува студениот туш за сите што веруваат дека Илон Маск и Доналд Трамп се месии и бранители на слободата на мислата. Марко Рубио, новиот државен секретар, веќе кажа дека УСАИД преминува во негова надлежност. Непоправливите „либерали“ и воук-активисти се во паника: ќе се загубеле транспарентноста и меката моќ! Сега САД ќе преземале тајни операции преку ЦИА или други агенции/форми на дејствување. Каква бре мека моќ е да симнеш влада од улица со лажен претекст и да турнеш држава во (граѓанска или меѓународна) војна? Не, ништо, ама баш ништо не се менува кога власта и контролата во САД преминуваат од едниот во другиот блок. Да бидеме искрени, потранспарентен претседател од Трамп одамна не сме виделе. Она што демократите го пакуваа во обланди сега е апла! (Единствено, нема бои на виножито, тоа е факт). Па нему око не му трепнува кога ќе најави депортација на два милиони Палестинци во трета земја и ривиера Лас Вегаза (како што ја нарече Јан Оберг, на нему својствен стил). Тој нема проблем да ги каже најсуровите и најтранснационалистички намери пред сета светска јавност. (До душа, скаран е со географијата како и секој Американец, па помисли дека Шпанија е дел на БРИКС, а провинцијата Газа од Мозамбик што добивала кондоми од УСАИД ја помеша со Хамас и Газа, но тоа се само ситници; како што Буш Помладиот немаше проблем да ги побрка Ирак и Иран). Ова е грдиот и дрзок лик на нескриениот неофашизам (оној од кој Кировски нè чуваше толку ревносно, но и сите медиуми што ја бојкотираат единствената лева партија во Македонија со политички некоректни ставови кон Западот). Ако добивате нагон за повраќање додека следите вести од центарот на Империјата, која забега, не сте болни – здрави сте, умот уште ви работи!
Да се вратам дома: немам ни трошка сожалување за оние што постапуваа според старата српска изрека „вежи коња где ти газда каже, па макар коњ црко“ (ова ми е сеќавање од еден стар и сега покоен новинар). Немам ни трошка сожалување за оние што нема да добиваат грантови за поттикнување војна во Украина, омраза кон сите што не се Запад, кои ќе немаат лубриканти и презервативи.
Прошка нема ни за шарените, оние што беа воодушевени од „Евромајдан“ во 2014, па следната година тргнаа да ја копираат Нуланд. Во име на империјалните интереси на САД, тие свесно или несвесно рекоа „f**k the EU“ (за што не ми е жал). Но тие нам, Македонците, нè испратија у три лепе… и се зафатија со менување на нашиот менталитет. Особена одвратност поттикнуваат оние што под претекст на „битка против дезинформации и фејк њуз“ переа мозоци и создаваа непријатели (и домашни и странски). Тие што најревносно се бореа против наводниот говор на омраза, нè тераа да мразиме цели народи, а збор не рекоа за Газа (а за нашиот премиер и претседателка Газа е можеби област во Мозамбик – не смеат ни збор да кажат, ни политика да креираат. Само слушаат и се топат од милина на фотосесии).
УСАИД не е мртов. Таа агенција минува низ нова трансформација соодветна на трансформацијата на дворот на феудалниот монарх Трамп. Не грижете се, ќе им најдат други задачки, кои овие истите ќе ги извршуваат како вредни и лојални сахиби. Нашата битка за Вистината, Доблеста и Хуманоста продолжува – и станува уште потешка.