На врвот кај мажите доминантна е Данска, а кај жените Норвешка
РАКОМЕТ – НАЈНОВО РАНГИРАЊЕ НА ЕХФ
Двете четиригодишни рангирања на Европската ракометна федерација (ЕХФ) се предводени од скандинавски селекции, а македонските репрезентации се на 19-то место. Данска е на врвот на машкиот поредок откако ја продолжи својата доминација на Светското првенство (СП), кое неодамна се играше во Хрватска, Данска и во Норвешка, а актуелниот европски шампион, Норвешка, е број еден во женска конкуренција. Рангирањето ги зема предвид последните две европски и две светски првенства.
На врвот кај мажите по СП 2025 е Данска со 112 бода, втора е Франција со 105, а потоа се Германија со 104, Шведска со 79, Хрватска со 73, Унгарија со 66,5, Португалија со 65, Норвешка со 65, Исланд со 58, Шпанија со 56, итн.
Македонија по солидниот настап на Мундијалот има 27,75 бода и е на 19-то место. Следен предизвик за избраниците на селекторот Кирил Лазаров е двомечот со Словенија во квалификациите за Европското првенство в година во Данска, Норвешка и во Шведска. Првиот меч се игра во Скопје на 12 март, а на 16 март е реваншот во Копер.
Во женска конкуренција на врвот е Норвешка (116 бода), па следуваат Франција (103), Данска (102), Шведска (86), Холандија (77), Германија (74), Унгарија (67), Црна Гора (66), Шпанија (51), Словенија (49,5)…
Македонската женска репрезентација, исто како и машката, е на 19-то место, со 23 бода. Тие неодамна учествуваа на Европското првенство, на кое освоија еден бод во својата група А, во која беа и Унгарија, Шведска и Турција. Следен настап на ракометарките ќе биде бараж-дуелот со Полска за пласман на Светското првенство во Холандија и во Германија годинава. Г.И.
РАНГ-ЛИСТИ НА ЕХФ
Ракометари
1. Данска 112
2. Франција 105
3. Германија 104
4. Шведска 79
5. Хрватска 73
6. Унгарија 66,5
7. Португалија 65
8. Норвешка 65
9. Исланд 58
10. Шпанија 56
————————————————————————
19. Македонија 27,75
Ракометарки
1. Норвешка 116
2. Франција 103
3. Данска 102
4. Шведска 86
5. Холандија 77
6. Германија 74
7. Унгарија 67
8. Црна Гора 66
9. Шпанија 51
10. Словенија 49.,5
————————————————————————
19. Македонија 23