Според последните податоци, 16 лица загинаа во повеќе пожари кои беснеат околу Лос Анџелес, а најмалку 16 лица се водат како исчезнати – изјави денеска шерифот на округот Лос Анџелес Роберт Луна.
Тој на прес-конференција рече дека 12 лица се водат како исчезнати во областа на пожарот Итон и четири во пожарот во предградието на Лос Анџелес, Пацифик Палисајдс.
– За жал, за време на таа потрага лоциравме тројца починати. Како што продолжуваат овие пребарувања, за жал очекувам тие бројки да се зголемат – рече Луна.
Локалните власти предупредија дека бројот на жртвите од пожарите околу Лос Анџелес се очекува да се зголеми бидејќи тимови со кучиња вршат систематски претреси во изгорените населби и е формиран центар каде роднините и пријателите можат да пријават исчезнати луѓе.