Фото: МВР

Собранието вечерва со седум гласа „за“, 63 „против“ и без ниту еден воздржан ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Селективното дејствување врз етничка основа за случувањата на 28 ноември, негарантирањето еднаквост и безбедност за сите граѓани, неспособност за праведност и реторика која ја продлабочува етничката поделба, се само некои од причините за интерпелацијата против министерот Тошковски што ја поднесе коалицијата „Европски фронт“.

Како што рече вечерва пратеникот Елми Езири, образложувајќи ја интерпелацијата во Собранието, Тошковски не ги исполнува своите обврски и затоа треба да понесе одговорност.

Во дисусијата се вклучи и пратеникот Павле Арсоски од Движењето ЗНАМ, кој е и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, и рече дека е испровициран со некои констатации кои се наведени во интерпелацијата, како на пример дека е нарушена безбедноста и меѓуетничките односи, дека има селективен и едностран пристап на полицијата во инцидентите само кон Албанците, дека не било преземено ништо за запаленото албанско знаме…

– Интерпелацијата е полна со невистини, извртени констатации и спинови. Ова е обичен дефокус од борбата против криминалот и корупцијата која во моментов се случува во државата – нагласи Арсоски.

Според него, нема нарушени односи, а проблемот е ДУИ која после 20 години е надвор од власта.

Тој потенцира дека интерпелацијата е комплетно неоснована и за Тошковски и за неговиот заменик-министер и дека полицијата ефикасно ја спроведува работата.