Сабаленка може да стане првата тенисерка со три титули во низа на Австралија опен, по Хингис (од 1997 до 1999 година), Синер се враќа во Мелбурн по 12 месеци откако го освои својот прв гранслем-трофеј, Ѓоковиќ игра за 25-та гранслем-титула и за 100-от трофеј на АТП-турнирите, Алкараз може да стане најмладиот што ги има освоено сите четири гранслем-трофеи…
ТЕНИС
Со утрешните мечеви во Мелбурн почнува 113-то издание на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен (АО), на кој учесниците се во трка по трофеите и по рекорди. Титулите ги бранат Арина Сабаленка и Јаник Синер.
Во извонредната сезона Сабаленка во 2024 година ги освои АО и САД опен меѓу четирите трофеи, со што сега има три тениски гранслем-титули, го освои првото место на светската ранг-листа на крајот на годината пред брилијантната Ига Швјонтек, потоа го продолжи тој победнички од во 2025 година, освојувајќи ја својата прва титула во сезоната во Бризбејн. Сабаленка сега е во Мелбурн, со можност да испише историја, откако може да стане првата тенисерка што освоила три последователни титули на Австралија опен, по Мартина Хингис, која победи од 1997 до 1999 година, пишува АО. Четири други тенисерки имале такви периоди на доминација на Австралија опен, и тоа Маргарет Корт (1969-71), Ивон Гулагонг (1974-76), Штефи Граф (1988-90) и Моника Селеш (1991-93), а Новак Ѓоковиќ е единствениот тенисер што освоил три титули по ред на АО, прво од 2011 до 2013 година, а потоа од 2019 до 2021 година, пишува АО.
Минатата година за Синер беше извонредна, откако освои осум титули, вклучувајќи ги и неговите први два гранслем-триумфи и финалето на АТП, завршувајќи ја годината како светски број 1, а со Италија ја одбрана круната во Дејвис-купот. Ниту еден Италијанец не беше на врвот на АТП-рангирањето пред Синер. Откако беа направени промени во распределбата на бодовите за рангирање пред 16 години, само двајца тенисери го обезбедија првото место за календарската година порано од Синер, и тоа Ѓоковиќ во 2015-та (на 14 септември) и Рафаел Надал во 2010 година (на 20 септември), пишува АО. Синер се враќа во Мелбурн по 12 месеци откако ја освои својата прва гранслем-титула. Со возраст од 22 години и 165 дена тој стана вториот најмлад играч во опен ерата што победил на гранслем по заостаток од два сета, по Бјорн Борг, за трофејот во Ролан Гарос во 1974 година, кога штотуку наполни 18 години, пишува АО. Успехот во Мелбурн ја поттикна врвната сезона на Синер, кој стана само вториот во опен ерата што ја завршил календарската година со барем еден освоен сет во секој од неговите мечеви, по Роже Федерер во 2005 година.
Новак Ѓоковиќ е синоним за Австралија опен, а како 10-кратен шампион во Мелбурн тој ќе игра за да ја зголеми таа бројка, пишува АО. Можеби постигна сѐ, но Ѓоковиќ има уште многу да игра. Тој игра и за 25-та гранслем-титула и за 100-та АТП-титула (само Џими Конорс со 109 и Федерер со 103 имаат барем 100 турнирски трофеи). Ѓоковиќ лани освои една титула, но тоа беше голема, првиот олимписки златен медал. Тој има 72 т.н. „големи титули“, освоени на гранслем-турнирите, АТП-финалињата, Олимписките игри и мастерс-турнирите од серијата 1.000, ја освои секоја „голема титула“ и го заокружи т.н. „златен слем“ во кариерата, пишува АО. Само Ѓоковиќ и Надал освоиле еден гранслем најмалку 10 пати. Надал победуваше на Ролан Гарос 14 пати. Ѓоковиќ се појави во најмногу финалиња за мажи на АО во опен ерата (10), одржувајќи беспрекорен победнички рекорд во тие настапи. Тој е единствениот што стигнал до повеќе од 10 финалиња во поединечна конкуренција на повеќе од гранслем-турнири, а тоа го постигна и на Вимблдон и САД опен. Ѓоковиќ има 91,3 отсто сооднос на победи во АО, губејќи само девет од неговите 94 меча. Само Федерер (102) е рангиран над Ѓоковиќ за победи на АО во опен ерата, но Ѓоковиќ е единствен што забележал над 90 победи на сите четири гранслем-турнири…
Карлос Алкараз лани стана најмладиот тенисер што стигнал до финале на сите три површини (тврда подлога, земја и трева), а со евентуален триумф во Мелбурн годинава може да стане најмладиот што ги има освоено сите четири гранслем-трофеи, откако досега победи на САД опен во 2022 година, на Вимблдон во 2023 и во 2024-та и на Ролан Гарос во 2024 година, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Н.М.