Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици Н.А. од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
МВР денеска соопшти дека пријавениот, како поранешен началник на Одделот за воздухопловни единици, со искористување на својата службена положба и овластување нецелосно ја прикажал фактичката состојба за поседување на соодветна важечка дозвола за воздухопловен техничар со уредно впишано важечко овластување за конкретен тип на воздухоплов со што им овозможил на три лица вработени во МВР на работно место главни воздухопловни техничари да се стекнат со право на додаток на плата од 20 отсто од денот на нивното засновање на работен однос во МВР.
Пријавениот, иако знаел дека воздухопловните техничари поседуваат важечка дозвола за одржување на воздухоплов издадена од цивилните власти, но немале успешно завршена обука за конкретен тип на воздухоплов според соодветна програма и немале впишано важечко овластување за конкретен тип на воздухоплов, овозможил да им биде исплатуван додаток на плата од 20 отсто од моментот на засновање на работниот однос во МВР, спротивно на одредбите од Колективниот договор на МВР.
На тој начин, како што е наведено во соопштението, тие се стекнале со противправна имотна корист од 926.486 денари и за тој износ бил оштетен буџетот на МВР.
-Против Н.А., Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапката – соопштија од МВР.